До последниот здив

Да имавме андроиди, ќе беа похумани од нас дури и кога се исклучени. Последно што ме запрепасти е можноста задолжително да се носат маски на отворено. Тоа нема да го видите од мене. Не ме интересираат ни закони, ни закани, ни казни, ни затвори

Поддршка од мене за Друштвото на филмските работници на Македонија. Сеедно што не сум член, ниту некогаш ќе бидам. Поддршката е за наградата доделена на Столе Попов. Без разлика што некои вреснаа против таа одлука, затоа што не им се допадна кажаното од нашиот врвен режисер. Нивните вресоци се како кивање во вселената. Столе Попов е македонски уметнички бренд. Тој е првиот македонски режисер со номинација за „оскар“. Во неговото творештво има две ремек-дела, „Среќна нова 49“ и „Тетовирање“. Ова се два безвременски филма. Еве, сега повторно ги живееме.
За разлика од ДФРМ, мислам дека фестивалот „Браќа Манаки“ ја промаши работата. Пишувам за изборот на лауреат. Да го наградиш Јануш Камински на фестивал што практично трае 45 минути е крајно бесмислено. Камински е гениј. Еден од најдобрите светски кинематографери. Можеа едноставно да го чуваат за идната година. Да го видевме во живо. А во меѓувреме има илјада решенија што да се прави со фестивалот во атмосфера кога е речиси невозможно да се одржи. Јас, на пример, кога веќе не може да се носат странци, би се задржал на домашните автори.

Па, ние го имаме „Ханиленд“. Снимателите Феми Даут и Самир Љума ја добија наградата на американската асоцијација на кинематографери. Тоа е веројатно најпрестижната награда што ја доби „Ханиленд“. Можеше овој фестивал да биде во нивна чест. На крајот на краиштата, „Ханиленд“ многу ја задолжи Македонија. Ќе го имавме доајенот Столе Попов и новата надеж.
Се одржаа премиери на два македонски филма во рамките на „Синедејс“. Дебитантскиот долгометражен филм на Стојан Вујичиќ, „Стела“, и третиот филм на Игор Ивановски, „Хомо“. Не ги гледав. Жал ми е. Се надевам инсценираново лудило наскоро ќе помине, па ќе можам да ги видам во киносала.
Ме запрепасти Американската филмска академија. Воведоа нови правила околу снимањето филмови. Треба да профункционираат од 2024 година.

Или 2023-та, не ме фаќајте за збор. Како и да е, одлуката е безумна. Триесет проценти од филмската екипа што работи филм мора да биде составена од жени, хомосексуалци, црнци и други маргинализирани групи. Што??? Нема албино на списокот??? Така крикнав. Барем една лезбејка албино црнкиња? А? Нема? Ужас! Дискриминација! Расизам!
Знам, не е смешно. Мене ама ич не ми е смешно. Сеедно што се откажав од снимање филмови. Ќе ти речат, океј, тоа е позитивна дискриминација. Таа кованица уште повеќе ми се гади. Одвратна ми е секаква дискриминација, ама од онаа позитивната, физички ми се повраќа. И од фаците што се залагаат да се спроведува таа позитивна дискриминација. За таквите во мојот живот спроведувам негативна дискриминација.
Сето ова полека започнува да личи на Германија од триесеттите години на минатиот век. А што ако сакам во екипата да имам само жени? Или само црни жени? Кај и да е, очекувам да се појават прогресив јунген, па да тепаат луѓе по улици или да палат книги и сценарија. А нема да ме зачуди ако од екипи преминат и на сценарија, романи, поезија. Ќе кажуваат што мора да пишува внатре. Какви ликови. Односите меѓу нив.

Господине Русјаков, во сценариото немате жена и хомосексуалец.
Сценариото е за монашка обител на Света Гора.
Па, нека се вљуби некој монах во жена.
На Света Гора нема жени.
Ех, нема. Филм е ова. Ќе се преправи жената во маж и ќе дојде на таа твоја Света Гора. Монахот, кој е скриен геј, ќе се вљуби во жената преправена во маж. И ќе побегнат заедно. А потоа, кога ќе открие дека мажот е всушност жена, нека го смени полот. Ќе живеат среќно до крајот на животот како лезбејки.
А што ако жената преправена во маж сака мажи?
И таа нека го смени полот. Така монахот геј што стана жена ќе има жена љубовник што стана маж. Оваа втората секако мора да биде црнкиња.
А може албино црнкиња?
Ете ти сега! Ќе почнат да ни ги пишуваат сценаријата, прозата, стиховите. Обратна цензура. Порано, во нацизмот и комунизмот, цензурата ти велеше ова не може, исфрли, ќе ти ја забраниме книгата. Сега веќе нема да има потреба да исфрлаат.

Сами ќе ти пишуваат. Политички коректна прогресивна неолиберална диктатура. Ако им се спротивставиш, си добиваш етикета. Фашист. Само тоа го знаат. Односно толку знаат. Не им се свиѓа твојот светоглед, фашист си. Ги вознемируваат твоите стихови, сигурно си фашист. Ако не ѝ дадеш, мора длабоко во себе да си фашист.
Русјаков, за што ти е новиот роман?
За сето она што гадно ме пиз… ме нервира.
А што те нервира гадно?
Фашисти, нацисти, комунисти, расисти, шовинисти, хомофоби, популисти, ваксери, антифашисти, антикомунисти, антирасисти, феминистки, глобалисти, антиваксери, ЛГБТИ, либерали.
Па, тоа е контрадикторно. Значи дека ти си фашист.
А најмногу ме нервираат ограничени битија што на сè што не им „паше на програмата“ (Тетовирање) лепат етикета фашист и во тоа име се спремни да каменуваат, распнуваат, подигаат клади.

И така стигаме до оваа планетарна дистопија на глобалниот неолиберализам во кој живееме. На оваа тема најдобро ни зборува научната фантастика. И книжевната и филмската. Или книжевноста преточена на филм. „1984“, „Фаренхајт 451“, „Сонуваат ли андроидите електрични овци“ (Блејдранер), „Неоромансер“, „Еквилибриум“, „Гатака“ и многу други. Научната фантастика не е тука да ја предвиди, туку да ја спречи иднината, рекол еден од генијалците на СФ-жанрот, Реј Бредбери. А ние веќе живееме во слична дистопија како гореспоменатите. Иако ова сè уште е софтпорн сајберпанк. Но тука е, околу нас. Тоталитаризам врз фантазијата, диктатура на чувствата, цензура за хуморот, корпорацизација на слободата, медиумска пропаганда врз интимноста, продуцирана паника, секојдневни две минути омраза кон оние што одбиваат да ја прифатат таа продуцирана паника, идеализирање на злорадоста, тортура на мечтите, планирано отуѓување и дехуманизација, забрана за блискост, поздрав, прегратка и бакнеж, маски, ракавици, дистанца… добре дојдовте во униформирање на душата преку насилство над умот и сатанизирање на срцето.

Да имавме андроиди, ќе беа похумани од нас дури и кога се исклучени. Последно што ме запрепасти е можноста задолжително да се носат маски на отворено. Тоа нема да го видите од мене. Не ме интересираат ни закони, ни закани, ни казни, ни затвори. Има да дишам како што сакам, додека не ми го одземете здивот. До последниот здив.