Дојде живот кучешки!

На протестот „Марш за похуман однос кон бездомните животни“, „Анима мунди“ анимира околу илјада граѓани да излезат со своите миленици и да ѝ дадат поддршка на пораката за трајно и хумано решавање на проблемот на бездомните животни. Јас и Мока не бевме. Не ни помислувам да излезам за правата на 8.000 кутриња, кога основните права на цела нација, вековно создавани и со крв „платени“ се уништуваат со секој собраниски ден. Јас и Мока бевме на 2 протеста од Преспа наваму, толку имаше за правата на Македонците. И на двата настана Мока немаше баш многу друштво. На 18 ноември пак ќе одиме пред ненародното собрание. Ќе видиме колку кучиња ќе бидат солидарни со своите „сопственици“ и ќе протестираат за правата на Македонците, луѓето!

Општествениот контекст на моментот во кој се одвиваше маршот е:
истиот ден во Тетово, навивачите на Шкендија – балисти, во поголем број движејќи се низ градот предизвикале материјална штета со демолирање имот на Македонци, скандирајќи: УЧК, „каурски пи..и“, „Уби каура“ и „Македонско девојче ку..а голема“!. Партијата Беса, како дел од парламентарното мнозинство, со став да се координираат прашањата што се од национален интерес за Албанците, го условува гласањето за уставните измени со: враќање на дефиницијата на Македонија како рамноправна држава на сите граѓани; албанскиот – службен јазик на целата државна територија; државата да води грижа за сите граѓани, кои живеат надвор, од сите етнички заедници; и во Уставот да се оневозможи претседателот да ги блокира законите што се усвоени по второ гласање во Собранието. Али Ахмети, пак, чиј штаб не е во Македонија, најавува време за консензуален претседател. Не знам само според кои заслуги за државата ДУИ би го добила ова? Полнење на буџетот или празнење?

Владата на Македонија, низ целосно нелегален и неуставен процес го спроведува договорот од Преспа. Со тоа, а потврдено и преку спроведениот референдум, им ги крши правата на милион и двесте илјади Македонци, кои бојкотирајќи го референдумот порачаа: прифаќање на договорот од Преспа ниту како амин за влез во ЕУ, ниту за НАТО. Без оглед колку приврзаниците на опцијата „за“ се „жилават“ да претстават дека бројката е далеку помала: ОН во своите анализи и извештаи оперира со податок од околу 2 милиони жители на Македонија, ДИК вели има 1.783.714 гласачи за септемвриската референдумска анкета, ДЗС вели 2.075.301 жители на 31.12.2017 година.

Тековен процес на усвојување на уставни измени со кои Владата без легитимитет од граѓаните ја силува парламентарна демократија преку криминалниот начин за стекнување парламентарното мнозинство користејќи уцени, судски прогони и потплатување пратеници. А најтрагичното во случајот на злоупотреба на правата на своите граѓани, е што Владата има амин, но и активна поддршка од ЕУ, НАТО, ОН, но и од невладиниот сектор во Македонија, кој е предводен од Сорос. Грчкиот министер за одбрана, Панос Каменос, посредно го обвинува Сорос дека преку министерот за надворешни работи Коѕијас, потрошил најмалку 45 милиони евра за потплатување новинари, бизнисмени и политичари зада помине Преспанскиот договор и во двете земји.

Во Македонија нема значителни фондови за заштита на правата на Македонците и одбрана на основното човеково право на самоопределување. Оваа влада е подготвена да одвои 1,5 милион евра буџетски средства за лубриканти, но не за промоција на македонизмот. Грујо го нема, па режисерот Манчевски од проектот „Македонија вечна“, спадна на Македонија Северна.

Не ги разбрав баш мотивот и целната публика на која ѝ се обраќа протестот. Прашав, но не ми одговори претставничката од „Анима мунди“ со која имавме жолчна дискусија за правата. Бараме хумано решение! „Вардариште“ по европски стандарди!; Забрана за слободна продажба на отрови!; Тие немаат право на глас, но ние имаме!; Казни за напуштени миленици!; Woof, Woof Петре, кога ќе нѐ посетиш во „Вардариште“? – ако е израз на незадоволство од работата на градоначалникот зошто не му порачале како што му порачувале на претходникот: „Коце во ’Вардариште‘“? Според неодамнешни информации, Шилегов вели дека конечно го легализирале „Вардариште“. До март 2019 треба да бидат чипирани сите миленичиња, и веќе се набавени 100.000 чипа. Дури и „Анима мунди“ има соопштение во кое се истакнува дека со оваа градска власт првпат наидуваат на расположливост за дефинирање хумани, применливи и ефикасни мерки, кои ќе го решаваат проблемот со бездомните кучиња и со стационарот „Вардариште“.

Поразувачки е бројот на несолидарни граѓани на Македонија кон луѓето Македонци, кои во целиов изминат период водат борба за основното човеково право на сопствен идентитет и самоопределување, а првиве бараат европски права за животните. На социјалните мрежи одговорот на активистите за правата на животните е: „Животот продолжува“. Е да, сите го знаеме тоа. Живи сме. Ама ќе продолжиме да живееме живот на „некојси тука“ што не сме: северномакедонци, со историја што уште не си ја знаеме – интердисциплинарната комисија од шест експерти (замислете кој капацитет е тоа, за да ја „испегла“ целокупната вековна национална историја на овој народ) со нивните колеги од Грција. А попат, во процесот на уставни измени, ќе бидеме уценувани и од Албанците во Собранието да направиме значителни промени на карактерот на државата Македонија со кои таа ќе го изгуби историско-националниот карактер, а ќе добие бинационален, замислете со заслугите на ОНА и УЧК во преамбулата, вешто промовирани и демитологизирани токму од Владимир Милчин, првиот човек на Сорос во Македонија, за што верувам и го добил признанието за унапредување на правата на Албанците од Хашим Тачи во 2016 г., како еден од стотината граѓани на Македонија со истите заслуги.

Македонските права не се на цена. За нив нема европски фондови, американски грантови, ОН-фондови. Дури спротивно, дадени се дип-стејт милиони за да се затвори Македонската сага со антимакедонски „the end“.

На сите суштествени проблеми во заробенава држава и однатре и однадвор, каде што правдата не функционира, каде што институциите, а пред сѐ највисоките две од нив, Владата и Собранието се запоседнати од луѓе на кои не им се слуша за правата на македонскиот народ, дојде потреба масовно да се протестира за правата на кутрињата. Дојде живот кучешки!

Авторката е истражувачка, магистрантка на Општествен развој – ИСППИ