Достоевски и Европа (1)

Или Европа како цивилизациско чудо и варварство

Ќе речеш, знам, сега драг читателу, откај ја ископавме темата за колумнава „Достоевски и Европа“, покрај толку наши дневни, макар и толку приземни, актуелни теми. Да, ама ќе видиш дека таа со некои белези и контексти се вклопува и во темата на современата македонска ситуација и релација со Вавилонската Дама, пред сè во врска со нашиот идентитетски геноцид според нејзината оросписка замисла и волја. Ничеанска во основа. Волја за моќ, која сега таа изволи да ја демонстрира врз грбот на малата и кревка Македонија. Не можејќи, се разбира, тоа да ѝ го стори на моќната Русија, на која одамна ѝ се намерачила, а сето тоа го гледаше, сфаќаше и анализираше и во пророчка перспектива видовитиот руски гениј Фјодор Михајлович Достоевски.

Што е, пак, и кој е Достоевски не треба посебно да ти објаснувам, драг читателу, оти тој во литературата е врвот на Хималаите како гениј, рамо до рамо со Шекспир. Чудовиште од писател и пророк, визионер, варијанта на синтеза што без исклучок ја претпочитаа романтичарите. Во таа алхемиска синтеза, дури Русите во некоја смисла и предничат пред другите. Треба да му обрнеме посебно внимание од тој аспект и на делото на Лермонтов и Пушкин, а потоа и на Блок по нив, кој е нивен душевен близнак, па да се увериме во тоа. А има уште многу други примери. Сепак, можеби меѓу нив на тој пророчки, визионерски план отскокнува Достоевски. Тој е како некој вид старозаветен пророк.

Потсетува на Исаија, кој не само што ја толкува сјајно ситуацијата на времето во кое живее туку влече пророчки потези за историската и егзистенцијалната слика на цивилизацијата и човештвото до седум-осум столетија однапред. Така и го предвиде раѓањето на Големата Светлина (Исус) во Витлеем осум столетија по него, туку го предвиде и страшниот колеж на витлеемските деца од страна на Ирод, аналоген со сегашниот идентитетски колеж на Македонците од страна на западните и балканските сатрапи во Преспа. Достоевски. Редок генијален и контроверзен дух, составен од парадокси, што е донекаде впрочем одлика на сите гении. Генијално чудовиште. И не се чуди, драг читателу, на таа и таквата квалификациска формулација.

Оти, на крајот на краиштата, ако ги посматраме од одредена архетипска митска точка, чудовиштата од тој тип се сосема природна појава. Сети се, на пример, во таа смисла, на чудовиштето од приказната на браќата Грим „Убавицата и ѕверот“, во која во ѕверот се крие, всушност, заробен со црната магија на вештицата принц. Сеедно. Како што нè подучуваат убаво приказните и митовите, чудовиштата како знаци треба да се разберат и дешифрираат, оти, како што вели и Јасперс, светот и животот се компонирани само од шифри, а ние сме нивни читачи и одгатнувачи.

Сè, па и чудовиштето во нашиот контекст, е шифра. И тоа не каква било. Особено контроверзното и полно со парадокси „чудовиште“ Достоевски. Ретко и расно чудовиште, кое било тема на толкување на проникливи филозофи, критичари, психолози, антрополози… Посебно акрибично, со микроанализа, љубов и страст, Достоевски е анализиран од руските филозофи со религиозна ориентација како што се: Берѓаев, Мерешковски, Лоски и Шестов, а во Европа, за Запад посебно со него се занимавале Фројд, Јунг и Цвајг. Тука, пак, сега е ред да кажеме дека од европските гении-чудовишта Достоевски е рамносилно, според сите елементи и знаци на гениј, единствено Фридрих Ниче, кој и по талент, чувства и пророштво е негов сијамски близнак. И едниот и другиот не се лесни за растајнување. Лесно може да се загази во жив песок при егзегезата на нивното дело, ум, чувства и визии. Да. И, чудно ама вистинито, во тој песок, нема да веруваш, драг читателу, најмногу заглавил Фројд. За тоа, пак, повеќе од него е виновен неговиот скаменет психоаналитички метод на перцепција и анализа на душата, кој исклучиво се фокусира на либидото и неврозата како основни симптоми и дијагноза на неговото незадоволство ако тоа не е добро намирено и нахрането.

А теоријата на либидото кај славниот виенски психоаналитичар според К.Г. Јунг, неговиот генијален ученик Јунг, е имено „темната соба“ во која тој го заклучил човекот, без прозорци, за да не се види другиот хоризонт на нештата. Е, во таа и таквата соба без прозорци, во која владеат само силите на либидото, на нагонот на подземниот ерос, Фројд го сместува и Достоевски како раритетен примерок за неговата психоаналитичка вивисекција. Во неговиот психоаналитички есеј со депресивен наслов „Достоевски и таткоубиството“. Основната негова психолошка дијагноза е дека на психолошки план рускиот писател во основа се одликува пред сè „со својот силен деструктивен нагон“.

Развивајќи ја таа своја основна (хипо)теза, Фројд вели дека основата на темниот нагон на писателот се премногу афективниот живот и неговата „нагонска диспозиција“, во која испловуваат на површина неговите карактеристични садистички и мазохистички црти на карактерот. Притоа, мазохизмот на писателот се манифестира во „чувството за вина“, која е енормно карактеристична за литерарните ликови на Достоевски, а садизмот и во раздразливоста, потребата за мачење, на нетрпеливост, дури и кон саканите личности, како и во начинот со кој, како автор, тој постапува со своите читатели“. Потоа, тука е и Фројдовото толкување на моралната и етичката шизма кај Достоевски, во која, според него, писателот е распнат помеѓу „помирувањето на своите нагонски потреби на индивидуата со потребите на човековото општество“, при што „тој се спушта до потчинување најпрвин на световниот, а потоа на духовниот авторитет, до страхопочит пред царот и христијанскиот бог и до тесноградиот руски национализам“.

Тоа е во кратки црти таа анализа на рускиот гениј од страна на таткото на психоанализата. Ама дозволи ми мала нескромност, драг читателу, дека во неа Достоевски е, имено, аналитичка жртва на скаменетиот Фројдов метод, кој, исправно, толку многу е критикуван и од Јунг. Едноставно, виенскиот психоаналитичар некои особини на неговите ликови му ги натоварува на писателот, само и само и механички да ги задоволи основните стојалишта на својот строго фиксиран метод од кој нема мрдање ни лево ни десно. Тоа е тоа иако неформално, имено, Достоевски пред Фројд ги постави генијално основите на психоанализата, па си мислам како би било тој да му возврати и да го анализира него. Имам некои претпоставки, но просторот не ми дозволува да ги изложам тука нив, драг читателу.

Оти меѓу рускиот писател и виенскиот славен аналитичар, сепак, постои огромна бездна на недоразбирање. Пред сè, тука станува збор и за екстремен судир на атеист и теист, на телесна и духовна душа, на оној што не верува и оној што верува во Бог. Едниот го пишува него со мала буква, а другиот со голема буква. И тоа не е мала разлика. А зошто Достоевски тој поим го бележи со голема, можеби вселенска буква? Затоа што тој поубаво ја познава душата, нејзините длабочини и бездни, од Фројд. Оти длабоко религиозниот Достоевски знаеше дека ако нема Бог, сè е дозволено. Дозволено е злосторството, постоењето отаде границите и принципите на моралните и етичките закони, како што мисли, приклучен на истата бранова должина и струја како на рускиот писател и ингениозниот трагичен европски гениј Ниче.

Тоа и така. Туку кој е заклучокот на Фројд од неговата психоаналитичка егзегеза на рускиот гениј, во која тој го сецира него како братот – Каин Озирис на парчиња, кои потоа се мачи да ги собере Изида за да го оживее повторно него? Заклучокот е дека Достоевски пропуштил да стане учител и ослободител на луѓето, па оттука и иднината на човековата култура на малку што ќе може да му се заблагодари нему. „Навистина шокантно! Не сум, пак повторувам, психоаналитичар, драг читателу, но тој Фројдов заклучок ми мириса на цинизам, а можеби и на љубомора, горчлива, кон рускиот гениј, кој пред него неформално но многу посугестивно и поимагинативно ги поставил темелите на психоанализата.

Тоа е моето скромно објаснување. А, сè си мислам, во јанѕа, дека тука Фројд воленс/ноленс, потсвесно анализира со типично западен европски скалпел што засекува во живото ткиво на Русија олицетворена сега во Достоевски. И не мислам дека тој го прави тоа во напади на епилепсија (болеста карактеристична за Достоевски), туку неверојатно методолошки рационално. Европски. Западно. Картезијански. И како да се отсликува, си дозволувам аналогија, во циничната Фројдова психоаналитичка егзегеза, сликата на западниот, европски анимозитет кон необјатната матушка Русија. Потсвесно, ама реално. Кон Русија, која, според Достоевски е чувар на етичките и моралните вредности на човештвото.

Нив тој ги изведува во прв ред од вредноста на руската религиозна, православна душа, од Исус, кој е за него централна човечка и космичка личност во која се втемелени вредностите на Доброто и Убавината. Тука е и изворот на утопизмот на рускиот гениј: „Убавината ќе го спаси светот“. Убавината која модерната западна цивилизација ја изведе на губилиште и ѝ ја отсече главата, како што го стори тоа со Ирод со Главата на Јован Крстител, кој ја проповедаше во пустината филозофијата на Љубовта и вистината пред доаѓањето на овој свет на поголемиот од него, Исус. И, имено, затоа и беше заклан тој, а неговата глава беше фрлена во сребрената чинија со која во Ерусалим танцуваше, бескрајно перверзно, на Иродовата царска гозба Саломе. Гозбата која и сега е присутна во модерниот западен Ерусалим. На неа, кратко интермецо, и беше отсечена идентитетската глава на Македонците во Преспа. Крајно сурово и варварски.

(продолжува)