Дон Кихот против ветерниците дотерани со сармички

Морам да бегам. Што подалеку од колумнава, од сите оние што во име на иднината ја силуваат сегашноста. Тука Дон Кихот ќе беше затворен од луѓето-фасади, дотерани со политичка коректност како новогодишно село во загаден град, ќе мораше да се кити со лажни западни вредности и да повраќа непостојна руска пропаганда без да разбере дека личи на вештачка елка накитена со сармички и сѐ така додека не прифати дека е ветерница…

Го слушав Трамп. Објаснуваше зошто одлучил да се напушти Сирија. Таму имало само песок и смрт. И кај нас има песок и смрт. Ги набивме главите како ноеви во песок правејќи се наудрени дека не ја гледаме смртта на Република Македонија. А таа треба да се случи на 9 јануари. Преку противзаконско гласање во Собранието. Со уценето и корумпирано двотретинско мнозинство. Со политичари претходно амнестирани. Само за да ги укинат државата, идентитетот, историјата. Сето ова добро ви е познато. Беспредметно е да се повторувам. Оттука, ова ќе биде последна моја колумна напишана во Република Македонија. Веќе следната недела ќе живееме во ГМО-држава со ново име, ама без идентитет и корени.

Се прашувам, дали воопшто сакам да продолжам со колумниве? Што да се пишува по 9 јануари? Кому? Има ли логика? Безумноста е во нас и насекаде околу нас. Јас сум еден од оние што никогаш не замислувале заминување од Македонија. Сеедно што ниту јас, ниту моите родители, немаме приватна сопственост. Ниту некогаш сме успеале да заработиме за да ја стекнеме. Парите никогаш не ми биле опсесија. Затоа не сум мечтаел за подобра иднина, некаде надвор од Македонија. Сега мечтаам да побегнам. Не заради пари. Не сакам да живеам во држава без име и историја. Без корен и идентитет. Мечтаам да побегнам од северноцрпнатата реалност, што подалеку од варваризмот и нацизмот на ЕУ и НАТО. Колку и да е тоа тешко остварливо за мене, натаму ќе ја насочам сета енергија во годинава, која штотуку почна.

Иако ми е расплакано срцето, а чувствата распнати среде очај и гнев, умот веќе почнува да ми шепоти, олабави, батали сè, зарем не гледаш дека на сите им е сеедно? Дури и оние малкумина, кои како тебе, не можат да поверуваат во безумието сервирано како нормалност, дури и тие малкумина покажуваат колку многу се оние другите, на кои им е сеедно. Зарем не гледаш дека си се грижат само за сопствената удобност? Полни се глупави оправдувања за својата незаинтересираност, ама си тераат по свое. Престани да изигруваш Дон Кихот, романтизмот, идеализмот и витештвото се мртви. Спроти тебе стојат вистински џинови со сета своја изопачена моќ и огромна финансиска сила, зарем не ти здодеа да браниш ветерниците од нив? А-ха, Дон Кихот мислеше дека ветерниците се џинови, а ти сакаш да спасуваш ветерници од вистински џинови. На денешните човечки ветерници не им треба слобода, идеал, идентитет. Дај им пари, пропаганда, лоша телевизија, маркетинг, отвори им молови, напикај ги по кафеани, само уште да имаат кого да озборуваа и среќни се. Нема мислење, чувствување, доволно е да работиш, јадеш и пиеш, тоа го крие од пред очи фактот дека робуваш, затоа батали! Така ми беседи умот.

Одлучувам да го послушам, да баталам сè. И борба, и слобода, и идеали. Што ќе ми ги? Во младоста добро се снаоѓав и без нив, пред да разберам што ни готват. Затоа излегувам рано наутро по новогодишната ноќ. Градот се проѕева и тегне во сопствената празнотија. Утрото најдобро ги чисти расфрланите остатоци од кич, чад од петарди, пијано врескање и застоени парфеми. Погледни ја онаа девојка што се враќа од прослава, ми шепоти умот, види колку е убава и згодна! Навистина е убава и згодна. Штета што се дотерала како накитена елка, а фризурата ѝ потсетува на новогодишното село на Шилегов. Башка, не забележува дека во косата ѝ се заплеткала мала сармичка.
– Девојко, твоите очи се како вжарено изгрејсонце, ќе ми ја дадеш ли твојата сармичка? – се обидувам да изигрувам постмодерен Пушкин.
– Мрш бе сељак! – ми дофрла, мислејќи дека алудирам на нешто друго, а не на прецизно завитканата сарма од лозов лист, заглавена во нејзината бујна коса.
Заминува со остатоците трпеза меѓу локните. Нејзиното заминување ми открива непријатна глетка. Пијан господин повраќа изобилство храна и алкохол. Не треба да си крим-техника за да видиш дека во приложеното преовладува руска салата. Ете, ми вели умот, евроатлантски апгрејдираниот организам почнува да го отфрла руското влијание.
– Господине – му дофрлам – следниот пат пробајте со американски бифтек, француски ондујан и германска штрудла, баталете руска пропаганда, ждерете ја иднината, инаку ќе ве убие традицијата.

Покрај мене протрчува новинар, одамна го познавам.
– Брзам во редакција – ми вели – треба да објавам дека првороденото дете во 2019 година е машко.
– Глупости, тоа веќе не е вест – му велам – интересно ќе биде да прочитаме кое дете последно се роди во Република Македонија.
Ете, повторно забегувам во политика. Батали, ми спискува умот, гледај онаму, зарем со неа во младоста не водеше љубов? Вистина, водевме љубов, потоа се изгубивме, таа стана шарена револуционерка, фрлаше презервативи по фасади. Логично, луѓето меѓусебно си завидуваат. И со фасадите е исто.
– Еј ти – ме здогледува – разочарана сум од тебе, знаеш? Среќа што вие што живеете во минатото, не успеавте да ни ја спречите иднината.

– Уште изгледаш прекрасно – враќам – јас, пак, не сум разочаран од тебе. Никогаш не сум имал високо мислење за човечкиот род за да ме разочара. Инаку, минатото е прекрасно. Во минатото се бакнувавме, а иднината е предвидлива. Во иднина повторно ќе зборуваш за иднината додека не разбереш дека си ја промашила сегашноста. А човек се уморува од промашување на сегашноста.
Неколку минути подоцна налетувам на интересен разговор меѓу двајца пријатели.
– Човече, Германија е вистинска цивилизација, изгласаа постоење на трет пол – возбудено објаснува едниот – сфатија дека маж може да се чувствува како жена или жена како маж, дека конечно маж што се чувствува како жена може да биде маж.
– Глупости – враќа другиот – тоа е исто како да тврдиш дека има пет елементи, ама петтиот елемент не е Мила Царовска… мислам, Јовович.
– Мене ми е океј – се вмешувам – никогаш не сум водел љубов со жена припадник на третиот пол.

– А-ха, мизогинија – влетува непотребно глупата и бескорисна политичка коректност.
Морам да бегам. Што подалеку од колумнава, од сите оние што во име на иднината ја силуваат сегашноста. Тука Дон Кихот ќе беше затворен од луѓето-фасади, дотерани со политичка коректност како новогодишно село во загаден град, ќе мораше да се кити со лажни западни вредности и да повраќа непостојна руска пропаганда без да разбере дека личи на вештачка елка накитена со сармички и сѐ така додека не прифати дека е ветерница, која се храни со ветер и магла посеани од лажните продавачи на иднината, распослани насекаде, од Северниот, преку Јужниот, до Третиот пол на планетата Земја.