Доктор Џекил и Мистер Хајд (1)

Мојата смрт ја најавија на телевизија, пред камери на прес-конференција, јавно и во работен ден, пред цела нација, ни пет ни шест! Сценарист на филмот со моето убивање беше министерот за култура Асаф Адеми, продуцент тогашниот премиер Зоран Заев, а реализатор Горјан Тозија, во тие за мене тогаш долги секунди, кои сѐ уште траат, директор на Агенцијата за филм. Беа тоа денови кога тие тројца стоеја на просцениумот на светот и ги играа улогите на марионети водени од прстите на најголемите светски продуценти и продукции, кои за сопствени потреби ги мотивираа да станат егзекутори на духот на времето – нешто што не се убива по нарачка, поради што на крајот од приказната ќе завршат таму каде што завршиле сите други како нив: во нужникот на историјата! Тие мускетари на слепите уверувања пукаа во мене, обвинувајќи ме за тоа дека сум направил нешто што тие не го виделе, да, јасно и гласно, сите тројца, на телевизија, јавно кажаа дека не знаат зошто, но ќе пукаат во мене и во моето творештво со најопасното оружје на светот – лагата! И ме убија!

Веќе четврта година јас сум жив само со оној дел од животот што се нарекува живот на ординарен човек, кој секое утро се буди, појадува, оди на работа, потоа живее семеен и социјален живот, професор е на универзитет, за среќа чита како никогаш досега, пишува на сопствено огромно чудење, и сето тоа е само оној дел од животот што не се нарекува живот туку живеење. Мојот вистински, единствен реален, единствено постоен живот е животот на творец: драматург, сценарист, режисер во театар, на филм и телевизија. Тој живот и јас во него сме убиени со најперфидното средство на секоја тоталитарна власт – елиминација и уништување на творците што не се согласуваат со нив, со нивната политика и средства како единствен услов тоа владеење да биде практично овозможено! Во тој момент, ама точно во тој момент Зоран Заев, инаку човекот што ја нарача мојата творечка смрт, пишувањето и продуцирањето на сопственото политичко опело ги предаде во рацете на Горјан Тозија, бонвиван на црвената буржоазија, филмаџија, телевизиски организатор и веќе афирмиран како извршен продуцент на погребите на двајца претседатели на држави – Борис Трајковски и Ибрахим Ругова!

Така е тоа секогаш, драги мои, во сите филмови за мафии, криминали, банди и егзекуции. Секогаш оној антагонист што исполнува туѓа нарачка, за туѓа егзекуција, во саспенсот на филмот, некаде пред кулминацијата, една мирна летна ноќ, кога ги остварил сите планови за елиминација на неговите противници, сосема неочекувано, како драматуршки пресврт, на неговата врата ќе затропа тој: Лука Браци, и ете ти крај, енде! Но кој е тој толку важен лик што триесет години, во сите влади и во сите власти е „донот“ на уметничка аристократија, македонскиот Харви Вејнштајн, кој навистина ги извршува сите големи буџети на филмските продукции што се финансираат од државата Македонија, без разлика дали придавката била Социјалистичка, Република или Северна? Сум го сретнал само еднаш, сосема накратко, првата недела кога го почнав снимањето на филмот „Ругање со Христос“.

И бев пријатно изненаден од тоа дека најпосле за директор на Агенцијата сме добиле човек што разбира што е тоа филм и како тие „колбаси“ се полнат со состојки што со својата разновидност создаваат специфичен но единствен изглед, мирис и вкус! Но тоа беше само почетокот на тој филм што, во согласност со холивудската матрица, кога во експозицијата имате семејство што живее во среќа и радост, на крајот задолжително доживува пресврти и трагедии од епски размери! Горјан Тозија има пристојно филмско портфолио и сосема сигурно квалификации, компетенции, знаења и вештини, кои четири децении го држат во врвот не само на филмскиот туку и на политичкиот живот, затоа што служел и во Кабинетот на претседателот Црвенковски, во времето кога бил „шеф на оркестарот за веселби и погреби“. И сето тоа си е во ред. Филмот и уметноста воопшто не се она што го гледа публиката: фина обланда составена од емоции и страсти. Во суштина се работи за вистинска војна на банди, групи, кланови, организации, партии, семејства, класи и касти, реални и замислени.

Во игра се политички, религиозни, национални и сексуални припадности и определби, кои на крајот, кога сѐ ќе се собере и одземе, детерминираат во кој продукциски, наративен и жанров тек ќе влезе една мала кинематографија како што е македонската. И во таква реалност, секој мал потрес, секое поединечно движење предизвикува верижни реакции, кои може буквално да му плукнат на чевлите на режисерот Питер Брук, кој тврдел дека треперењето на крилjата на пеперутката во Европа создава цунами во Јапонија! Навистина, принципите, верувањата, правилата и законите на кои Горјан Тозија се повикуваше и беше активен учесник во Шарената револуција, кога на улица, со фрлање презервативи со црвена боја, се бореше против режимот на диктаторот Никола Груевски, во голема мера со право, затоа што системот на, како што тој го има наречено, диктаторот Никола Груевски, во филмската уметност беше поставен на привилегии, клиентелизам, сила и моќ, кои произлегуваа од општествената припадност на црвената буржоазија, чие дете е самиот Тозија – буквално! Црвената буржоазија и нејзините уметници беа предмет на обожавање, идолопоклонство и максимална поддршка во културата и уметноста од страна на диктаторот Никола Гуревски. Никола Груевски, творецот на режимот во Македонија, ги поддржуваше комуњарите со милиони евра, а без валоризиран краен ефект.

Тоа го потврдија Роберт Алаѓозовски и Искра Гешовска како апологети на „културашите“ на црвената буржоазија, со „Ревизијата на културните политики за време на режимот на Никола Груевски“ во програмата што тие ја правеа и ја поднесоа, ми се чини во 2017 година, во тогаш сѐ уште Собрание на Република Македонија. Со таа ревизија, со која Алаѓозовски и Гешовска мавтаа како доказ за груевизмот и тврдеа дека проектите што ги финансирал диктаторот Никола Груевски се бутафорија, шунд и треба да бидат фрлени на буништето на културата и уметноста, заборавиле да напишат дека во најголем број и со најмногу средства, автори на тие проекти се нивните сопартијци, соидејници и сотворци!

Е, тој диктатор од ВМРО, Никола Груевски, на несомнено припадникот на левичарскиот СДСМ, Горјан Тозија, му овозможил во режим и диктатура да биде продуцент на филмовите „Ослободување на Скопје“ и „Трето полувреме“ и слободно и непречено од никого да работи на други филмови и на други позиции, да заработува и да живее од сопственото творештво и да добива хонорари од стотици илјади евра од касата на Агенцијата за филм. Така треба да биде. Ако те бива, повели, па работи, што не е баш диктаторски модел, нели? Но она што ме вчудовидува е леснотијата со која Горјан Тозија од позиција на директор на Агенцијата за филм јавно зборува, а со тоа и протежира поради функцијата на која е, кои жанрови, кои автори и кои уметници воопшто можат да работат на филм и кој ќе биде нивниот избор на теми за кои тие ќе раскажуваат во сопствените филмски приказни.

Авторот е режисер и универзитетски професор