Добар, а жив

 СКИЦИ ЗА ЧОВЕКОТ

Ниедна институција нема да стане подобра додека во неа не влезат добри луѓе.

Еве еден збор што полека ама сигурно го напушта нашиот обездуховен и обесчувствен секојдневен живот и умира. Зборот е „добар човек“. Намерно велам „збор“ а не „синтагма“, зашто кога за некого ќе кажете дека е „добар човек“, вие навистина сте кажале добар збор за него. Во медиумите можеме да слушнеме само „добар стручњак“, „одличен стручњак“, „исклучителен стручњак“. Разговараме премногу за струките, верувајќи дека стручноста ќе го спаси светот. Некогаш се веруваше дека тоа го прават добрите луѓе.
„Добар човек“, и тоа редовно во граматичка конструкција со минато време, може да се слушне само уште на гробишта. „Беше добар човек“ е врвот на нашето лицемерство, зашто таа реченица ја користиме како задолжителна, на секое погребение, за секој човек. Тоа ви е како еден вид задолжителен фабрички жиг врз секој производ: небаре сите сме брендирани како „добри луѓе“ откако ќе излеземе од корпорацијата на животот и ќе влеземе во магацинот на смртта.

Ни се признава нешто што за време на животот ни за жива глава не би ни го признале ни нашите пријатели, камоли непријателите. А и тогаш, кога отпосле ќе ни признаат дека сме биле добри луѓе, тие наши „пријатели“ го прават тоа повеќе од некакво олеснување што веќе не сме меѓу нив, да ги загрозуваме, одошто навистина мислат така. Како да куртулиле од нас и како во нивното признание да има и доза на тиха радост. А колку чини таа тиха радост? Ништо. Три прости збора: „беше добар човек“.
Со мртвите немаме проблем, зашто сите се добри, а што е со живите? Знае ли некој од нас што е тоа добар човек?

Од антиката ни остана во наследство поимот на полезното, како синоним на доброто. Добро е она што е полезно, вели антиката. Ни останаа и поимот на убавото и поимот на праведното, зашто доброто е секогаш убаво и секогаш праведно. Од тоа наследство, денес најжива ни е врската меѓу доброто и полезното (прагматизмот на Пирс), филозофија денес преточена во еден посебен вид општествена инструментализација на човекот, според која добар граѓанин е оној што редовно си ги плаќа сметките, послушно гласа и послушно си го одработува своето како запченик во општествената машинерија. „Добар човек“ за власта значи – полезен и употреблив за општи цели.

Но, ако така стојат работите со добриот човек и прагматизмот, тогаш врските меѓу доброто и праведното се речиси целосно избришани: освен за добар фудбалски судија, денес ретко за некој праведен човек велиме дека е и добар човек. Зошто? Затоа што не ни одговара да има праведни: живееме и се навикнавме да живееме, како лебарки во мрак, во општество на неправди, кои и самите ги креираме, поддржуваме и „подмачкуваме“ со мито. Праведни денес речиси и нема: комисиите за прием на работно место се корумпирани, и ние однапред го знаеме тоа; правдата е исклучена од тој чин, па, според тоа, бесмислено е за некого што врши негативна селекција да кажеме дека е добар човек. За доброто сфатено како убаво, пак, нема потреба ни да говорам. Какво добро човек и да направи, ретко ќе добие јавно признание дека направил нешто убаво: убавината денес живее на модните писти и по борделите, не во етиката.

Но сите чувствуваме дека добрината сепак би морала да постои, во една изворна и исконска, човечка, длабоко хумана форма, без разлика што многу малку ја гледаме во општеството, и главно ја сфаќаме како наша корист во последица на нечие давање. Една од најчестите заблуди за добрината (и за начинот на кој судиме дали е некој добар) е онаа дека добар човек се цени според неговите постапки. За таа полувистина е виновна европската метафизика, чиј корен е Аристотел: тој нè учеше, врз примерот на трагедијата, дека еден лик (карактер) добива квалитет (станува некаков – добар или лош) според дејствата (постапките): пратон, дејството, говори за тоа каков е ликот во книжевноста и каков е човекот во животот. Тоа може, но и не мора, да биде точно, особено ако тоа учење се помести во рамките на друга цивилизациска рамка, да речеме во нашата. Наклонета кон маскенбал.

Нашето време покажува дека човек може во јавноста да влече „добри постапки“, а суштото во него да е до срж расипано во морална смисла. Приказните за големите светски филантропи се исполнети со радикален сомнеж во нивните навидум благородни постапки на донирање, вакцинирање на планетата, инвестициите во здравството, фармацевтската индустрија или образованието. Напишани се вагони и вагони книги што зад тие постапки, повеќе или помалку аргументирано, откриваат интерес и реинвестиција, желба за ново богатење, или во крајна рака – саморекламирање и кревање на сопствениот јавен рејтинг.

Откриваат желба да се завладее со човештвото преку фармацевтската индустрија, образованието, и да се оствари нова, досега невидена моќ. Прочуена е морално гнилата реченица на Бил Гејтс, во која на според него духовит, а за нас на простачки начин се римуваат (и според тоа се поистоветуваат) две сосема различни нешта: „Можно е во исто време да се стори добро дело (good deed) и да се склучи добра зделка (good deal)“!
Можна е, се разбира, и спротивната ситуација: под некаква уцена, во суштина добар човек да постапува лошо. Познат е примерот на еден обичен војник нацист, чија задача била да ги спроведе Евреите од бараките до местата за егзекуција (труење со гас). Неговата одбрана пред судот се состоела во една вистинита (логички), но морално неодбранлива реченица: „Јас не ја одвртував славината за гас, јас само ги водев дотаму“. Овој пример покажува дека добрината воопшто не е ПОИМ (како што нè учеа големите морализатори на просветителството), туку – ЧУВСТВО.

Овој војник има поим за тоа дека Евреите ќе бидат убиени, но нема чувствен однос кон фактот дека некого води во смрт. На истиот БЕСЧУВСТВЕН начин, оној што го одвртува вентилот за гас, може да се „брани“ со аргументот дека не е тој оној што го донел гасот, ниту дал наредба да се постави во „тушевите“ за наводно туширање. Тоа е одлика на сите големи метафизички (тоталитарни) заедници базирани на моќ: никој не гледа подалеку од носот. Нема чувствен однос кон целината во која учествува. А некогаш, нашиот војник имал не само поим туку и чувство за тоа што е добрина: сведоци на судот, во негова одбрана изјавиле дека во приватниот живот, пред војната, не само што не газел ни на мравка туку дека, како ситен претприемач, бил познат и по чинови на милосрдие.

Според тоа, постои поим (слика) за добрина (која ја имитираат големите светски филантропи и политичари), но постои и ЧУВСТВО за добрина (најчесто кај обичниот човек). Само второто е вистинска добрина. За жал, тешко ги разликуваме, зашто луѓето често прават добри постапки за да се претстават како добри: тоа е само маска на добрината. Треба да се вратиме кон СУПСТАНЦИЈАЛИЗМОТ на доброто (да ја запознаеме сушноста на некој човек), а да го отфрлиме функционализмот.
Затоа, не судете за нечија добрина само по постапките. Не судете дали некој е добар ако не го знаете во душа, барем колку што се познавате себеси. Ако судите „по душа“, ќе видите дека барем за половината од оние што сте ги сметале за добри (според постапките), можете слободно да кажете „Сè најдобро за мртвите“. Зашто тие се сè, само не живи доброчинители. И да му дадат некому нешто, тие даваат од она што го имаат премногу; обичниот добар човек, кој дава од чувство, би ви дал и од она што му е потребно нему.