Доаѓање на варварите

„И варварите се некакво решение“, Константин Кавафис

Однеопица дојдоа како студ, како магла, влечејќи го зад себе како тешка погребна ружа небото обесветено без ѕвезди и без сонце. Јаваа на коњи сотворени од атомите на мракот, поцрни и од најцрната ноќ во светот. Јаваа заедно со смртта што им беше сестра по род, самите смрт, и во урна ја носеа пепелта на спепелените ѕвезди и онаа на огнот и огништата на расфрланите живеалишта на нашата татковина што ги гаснеа и ништеа по пат. А долго патуваа, можеби и со столетија за да дојдат кај нас со црн свадбен подарок тие токму во мигот кога сватовите правеа златен прстен околу Невестата и кога нашето колективно грло, небаре првиот Ек на водите по создавањето, ги извиваше свадбарските песни посветени на Новиот Почеток и го плетеше како математички интеграл, како комичка равенка свадбеното оро со она бескрајно што нема раб, безвремено, екстатично И-и-и-их! на Ороводецот, кое откако стасаа кај нас тие го преобразија, диви, во крик на надгробна тажаленка. Тажаленка што и со пршлен по пршлен столчен ’pбет сепак е способна да го крене гробот тежок во кој е собран целиот наш искон и да го искачи како крунско сведоштво за злосторството во дланките на Господ.

Дење и ноќе низ папрат, мочуришта, темни шуми и магли, камени чудовишта, јаваа тие не склопувајќи клепки сон и отстојувајќи на седлата како законско постоење, само и само побргу за да стигнат кај нас, оти знаеја дека е тука златото, духовно и секакво друго, што го истуриле штедро рудниците на Господ во дланките наши како првоизбрани во Новиот завет да ја пренесеме неговата штафета на Љубовта низ Европа, и подалеку. И дојдоа најпосле тие со смрзнат палеолитски сурат, сите до еден облечени во облеката на хаосот и смртта, легура како што беа тоа водите и копното пред создавањето, сè уште неодвоени од Создателот. Ние знаевме, бевме лично од Светиот Дух известени во сонот за тоа и, иако ги препознавме нивната волчешка нарав и лика, гостољубиви, ги дочекавме со Леб и Вино, нашите небесни инсигнии, симболите на Tелото и Крвта на Спасителот. Тој што ни укажа чест да го прати, откако си замина кај таткото, најревносниот негов апостол за да ни го даде огнот духовен на Словото, а ние него да им го предадеме за културолошка причест на варварите северни, западни и источни за да се облагородат и од паганство да влезат во цивилизација и култура.

Оние што наопаку го разбраа тоа и дојдоа подоцна кај нас неблагодарни за таа света мисија, возвраќајќи ни со камен за подарениот иносушен леб. Оти тие ни ги обесветија и Лебот и Виното што им ги принесовме до усните на душата дива и темна, дека беа канибали и канибалска беше лишена од духовна храна нивната трпеза послана со чаршафот на нивниот мрачен нагон и ум. Такви, диви, полни со смрт тие ги згаснаа нашите огништа, ваглењата на предците во нив, и откако на плоштад го заклаа Сонцето како космички јунец што ни го дарил Господ, на негово место како палеолитски паметник го поставија да свети со црни молњи нивното ноќно сонце, она што го носеа како тартар-бифтек под седлата додека јаваа за да го донесат кај нас. Потоа, папсани од хаосот од кој земаа здив и живот, за да се одморат седнаа како Буда крснозе по плоштадите и темни песни запеаја, од кои секој жив створ, и предметите дури, смрзнуваше и како на нејасен полн со гробишта и мртовци провев трепереше во јанѕа стиснат од клештите на онаа грда темница што се спушти тогаш врз Исус на Голгота. Од неа молкна грлото на славеите и свена пролетта на мојата осланета Татковина.

И се истурија како од вреќи варварите темни на плоштадите наши како купишта неодвеано жито на гумно од диви житни класја, неприпитомени сè уште од првиот плуг и првата бразда на нивата со име Култура во раните мугри на неолитот. И ја почнаа својата праисконска песна тие. И пееја, пееја со дива екстаза, и ние знаевме дека таа варварска песна не само кај нас а секаде низ светот минува како нескротено море, како потоп за кој нема Арарат и кој ги урива и брише сите светилишта, сите знаци на Духот и Културата. Див бран на катастрофа што мете сè, од кој трепери дури и искрата на Светиот Дух во каменот, и Ружата наша свадбена заспана во срцето на белутракот.

И пееја, пееја бескрајно долга, аршин што не ја фаќа, темна претемна, ноќна најноќна песна варварите и рикаше како див ѕвер нивната темна крв во жилите. Да. Ама најстрашни беа тие кога, уморни од темниот пој ќе клапнеа и ќе замолчеа. Тогаш кога ќе го удреа во плочник темето и ќе се стресеше Земјата, а од тој силен потрес ќе се скинеше дури и некоја жица од струните на сферите, од оној интеграл на Индусите на празвукот ОМ, звучното јајце на создавањето од кое како огнена птица со силен тресок излета омниуниверзумот. Тогаш беа најстрашни тие, оти тој нивен глас на тишината метеше сè, гробишта и живот, детски плач и бакнежи на љубовниците, трупајќи сè на еден куп. Оти толку многу беше моќен тој, па од него и дрвјата во уплав се свиваа до коренот и бескрајот напукнуваше ранет, и сè се отвораше со рана од која се раѓаше светот, за која и небото беше мало за да ја преврзе како бинт неа.

Варвари од најтемната ноќ потемни, кои ги донесоа на рамо, покрај црното сонце, производ на колективната душа, и гробовите на предците нивни сосе надгробните плочи и варварските имиња на нив. Ги донесоа, и нашите предци и прапредци од гробовите ги извадија за нивните да ги стават на нивно место, и од нашите надгробни камења сосе светите имиња врз нив огромен паметник на нивната варварска историја направија, а тоа што остана со чекан го иситнија за нивната песочна клепсидра што го мери веќе со милениуми нивното камено време.

Од занаети, сè уште невлезени во култура, тие го познаваа само оној на гениталиите, на онаа нивна дива игра во која си играа ковачница и во која мажот беше чекан а жената наковална. И деноноќно работеше таа варварска ковачница што произведуваше варварски пород со железно срце и железна душа само и само за да се надбројат и истиснат од полето на животот другите што не се од нивното племе. Така. И секој ден чеканот варварски ги кршеше садовите полни со мед и млеко од нашите пчели и стада и со божествена есенција, со блажина на културата. Но и така ние, гостољубиви, пак ги гостевме на плоштадите нив co виното на проштевањето со златни послужавници и чаши и со венче од мирта што им го ставивме на чело, овенчувајќи ги, како што мислеа тие, и како херои дури, а всушност тоа беше од наша страна венче на мирот и културата. А така ќе постапевме и да не ни се заканеше Големата западна империја на варварството, оти, наивни, верувавме дека така ќе ги отстраниме злото и злосторството во таа грда темница, која одвреме-навреме беше осветлувана само од волчешките заби на дивите гости, сјајот од кој се грчевме и ние и сè друго во јанѕа.

Не знаеја ни еден занает, освен оној на гениталиите, нашите темни гости, и оној што произведува смрт за која беа вистински мајстори и која ja носеа како триумфален венец секаде кај што ќе стигнеа тие. Најпосле, за да заораат цивилизациска бразда од нас верно го научија ковачкиот занает. Ама сè што ги учевме ние тие го превртуваа наопаку, од светлина во темница. Таква беше нивната уметност на трансценденција. И додека во нашата ковачница металите од кои правевме венчални гривни и прстења пееја свадбарски песни, во нивната тие пееја мртовечки химни, оти знаеја дека не од нив, од кои коваат ножеви не за сечење леб а за смрт, а од нашите прсти прават прстени варварите и од нашето срце, дробејќи го, ѓердани за нивните варварски невести.

И гледавме со ококорени зеници ние како варварите во темната ковачница го коваат нивниот варварски бог со огромен фалус, потежок и од камењата на Стоунхенџ, а до него и нивната божица со бездна меѓу нозете, ама не јалова туку бескрајно плодна, која раѓа сè, покрај железен варварски пород уште и дрвја и камења, ридови, бура и потоп. И уште што не друго. Ние, пак, добро го знаевме тоа, оти тоа беа варварските архибожества, добро препознатливи. Дојдоа и не си одат од кај нас, ги запоседнаа плоштадите, влегоа и во нашите цркви, им ги скршија крилјата на ангелите, ги урнаа олтарите и на нивно место своите темни божества ги поставија. Дојдоа, а ние како што мислеше и Константин Кавафис, уморени од цивилизација и култура, во јанѕа помисливме дека сепак тие се некакво решение да се излезе од анемија, а и нивните поблиски и подалечни сојузници, исти, со исто волчешко срце и нарав, нè убедуваа во тоа. И нешто нè убедија, како што мислеа тие, а повеќе силум нè натераа дури и медал да им окачиме на варварските гради, во кои како бура бучи варварскиот канибалистички нагон за свежа крв и месо. Тоа и со договор го озаконивме, макар предавнички кон нас и од наша страна, а потоа и во Владата ги донесовме нив и на високи места како кралски великодостојници ги поставивме, како излезени од палатата на висока култура а не од темна варварска дупка.

Тоа го направивме и сè уште катаден го правиме, смилостувајќи ги како темни палеолитски тотеми варварите, обидувајќи се да ги напоиме со културолошко вино, за да ја преобразиме нивната дива волчешка нарав и да го одбраниме златното стадо во сончевото трло на Господ. Ама видовме дека тоа не го сакаат тие и дека е залуден нашиот напор од таа мрачна необработена materia prima да правиме скапоцен Камен на Мудроста, макар колку и да ни беше уште од предците позната таа уметност на трансценденција. Тие не го сакаат тоа и само ja пееја, и во нашиот законодавен дом дури, својата темна варварска химна, а ние уште моравме да јa слушаме со јанѕа неа и да ја фалиме дека го носи подмишка сонцето на Новата Зора што ќе нè огрее и нас и светот. Но ништо од тоа. Сè потешка биваше врз нашите плешки светската ноќ што соработува со злосторството и варварството, почитуван Константине Кавафис, и варварите сепак не се никакво решение. За жал. Тие се само, и без култура, посреќни од нас, како што мисли Ниче. И тоа е разликата. Посреќни, иако ja зголемуваат светската ноќ и ништо и не прават друго. И тоа е de profundis темница од која по cè изгледа дека нема никогаш да излеземе ние. Ама ни светот нема да излезе од таа калварија, оти најпосле и варварите, кога ќе клапнат од ѕверствата, ќе се удават во неа. Во светската темница, која е сега како онаа космичката што се спушти напладне на Голгота врз распетието на Исус, кој цели три часа ја држеше на плеќи неа. Ама тие три часа се повеќе од три милениуми за човештвото оттогаш до денес потонато во варварство, па така изгледа дека и свети Августин само се тешеше кога велеше дека нема периферија и дека сè е центар оти во сè е Бог и сè е во Бог. Арно ама светецот не виде дека периферијата, варварска по однос на духот и културата, го освоила центарот во сè, ги истиснала Бог и божественото и не се мрднува од него. Дека е Антихрист што владее со светот.

Тоа е тоа, иако ние од прадамнина што го разбиравме светот како поле за културен натпревар меѓу народите, сеејќи го меѓу варварите духот на културата и љубовта, уверени единствено во таа космичка сила на електроните на духот и срцето, никогаш и не помисливме сè до денес, наивни, да кренеме ѕид против варварството и да се одбраниме од злото што денес како океан го поклопило светот: да го заштитиме од смртоносни рани Името што сега топтан сосе нас го извеле дивите гости на губилиште. И паѓа неговата глава како онаа на Јован Крстител, пресечена од Ирод, во чинијата на развратната Саломе за нејзиниот крвав танц на валканата царска гозба. Саломе-Европа!

А прашањето по cè ова e како да ce одбраниме и така обезглавени, сè додека повторно не си ja вратиме Главата/Името на рамењата. Нема друго чаре освен да ѝ се вратиме на нашата алхемија, на нашата магиска формула за постоење, нашето Пра, пак да запееме свадбарски песни и да ги спотнеме електроните во срцето во седумосмински такт, да заиграме свадбарско оро и да ги викнеме на него нашите предци и прапредци, повторно зачнати од Светиот дух, од Иднината во чие море до капка се слеало нашето Минато со целиот свој културолошки подвиг и мартирска слава. И тоа ќе биде Новиот Почеток, Првата Бразда што ќе ја оплоди јаловата варварска нива и ќе ja роди повторно жетвата на Љубовта и Културата во мрачниот варварски свет. И тоа е решението, Константин Кавафис, не варварите, не варварството. Ние од искуство го знаеме тоа. За жал Европа – не.