Децата на децата бегалци, сега станаа бегалци

Од Македонија се бега, од судбината, не се бега. Не сакајќи го следам животот и дејствата на некои деца од „децата бегалци“. И нивните деца и внуци, сега се прогонувани и бегалци. Одбрав три деца на „децата бегалци“ нивниот пат од минатото до денес. Првиот, најмаркантниот, од југословенски, од светски ранг и олимписки ранг е Васил Тупурковски-Циле. Заедно учевме во основното училиште „Гоце Делчев“. Ама тој учеше многу повеќе и многу повеќе од мене, ги сакаше и татковината и другарот Тито. Циле е роден на 8 април 1951 г. во Скопје, во семејството на Димитар Тупурковски-Титан, роден 1911 година во леринското село Оштима. Во 1943 г. Титан станува командир на воденскиот партизански одред „Лазо Трповски“. Во одделни периоди е командир на баталјон на Првата македонска ударна бригада и напредува до началник на бригада во Вардарска Македонија, потоа станува офицер на ЈНА. Умира на 3 февруари 1981 година во Скопје. Циле, во 1972 година заврши Правен факултет во Скопје, а следната година завршил постдипломски студии по меѓународно јавно право во Мичиген, САД, а во 1976 докторира и меѓународно право, пак во САД. Од 1983 станува редовен професор на Правниот факултет. Беше член на Претседателството на СФРЈ, член на Централниот комитет на КПЈ и член на ЦК КПМ, претседател е на Македонскиот олимписки комитет и некое време и на Асоцијацијата на балкански комитети. Во 1998 година ја основа партија ДА, а во 1999-та станува вицепремиер на РМ. Во април 2009 година е осуден на 3 години затвор за злоупотреба и присвојување општествени средства („Тајвански кредити“со кои ѝ удри шамар на НР Кина и ги донесе „ловџиите на Шара“). На 9 декември 2009 година, судското решение е отфрлено од Апелацискиот суд на РМ.

Второто маркантно дете, фиданка на „децата бегалци“ е Никола Димитров. Роден е во Скопје на 30 септември 1972 година во семејството на Ратка и на Димитар Димитрови. Димитар Димитров е роден на 13 ноември 1937 г. во воденското село Цакони (денес Хриса). Прогонет е за време на Граѓанската војна во групата на т.н. „деца бегалци“. Средното образование го завршил во Скопје, потоа и Филозофскиот факултет на скопскиот универзитет. Магистрира во Љубљана, а докторира во Загреб. Во владата на Љубчо Георгиевски е министер за култура, а потоа амбасадор во Москва. Неговиот син, Никола Димитров завршил право на скопскиот универзитет во 1996 година. По дипломирањето работи во МНР до 2000 година. Во меѓувреме од 1997 до 1998 г. магистрира право на Кралскиот колеџ, на универзитетот „Кембриџ“, во светот познат по строгите правила за кандидатите, кои се запишани на него. Од октомври 2000 г. до ноември 2001 г. е советник за национална сигурност на претседателот Борис Трајковски. Од 13 декември 2001 е амбасадор на РМ во САД. Во истото време, татко му Димитар Димитров е амбасадор на РМ во Москва.

За време на неговиот дипломатски мандат САД ја признаваат РМ под уставното име. Во март 2006 г. мандатот во САД му истече. Истата 2006 г. од претседателот Бранко Црвенковски и премиерот Владо Бучковски е избран за преговарач од името на РМ со Грција. Поради спор на Никола Груевски со Бранко Црвенковски, на 4 ноември 2008 г. отстранет е од позицијата главен преговарач, на негово место доаѓа Зоран Јолевски. По дипломатската мисија во САД зазема други многубројни позиции: национален координатор за интегрирање на РМ во НАТО од март 2006 до октомври 2009 г. Ја претставува РМ пред Меѓународниот суд во ООН од март 2006 до декември 2008 г. Претседавач е на работна група за национална стратегија за сигурност (февруари-декември 2007 г.). Советник е за национална сигурност на премиерот Никола Груевски (јули 2007 – јануари 2008 г.). На 24 август 2007 г. е назначен за специјален претставник на македонската влада за европски и евроатлантски интеграции во Брисел, за период од шест месеци, до февруари 2008 г. На 8 октомври 2009 година е назначен за вонреден и полномошен амбасадор на РМ во Кралството Холандија до 2014 година. Од 31 мај 2017 година е министер за надворешни работи на РМ, во владата на Зоран Заев. На 17 јуни 2018 година го потпиша Преспанскиот договор од името на РМ.

Третиот, Никола Груевски е син на Надежда и на Тало Груевски. Тало Груевски е родум од леринското село Крушоради (друштвото „Сетинци, Попадинци и Крушоради“ се големи донатори на голем број споменици во „Скопје 2014“). Во Втората светска војна, дедото на Никола Груевски, Никола Груев (Николаос Грујос) е мобилизиран од грчката армија и загинал во Грчко-италијанската војна 1940-1941 г. Денес името му е запишано во спомен-плоча во родното село во списокот на загинатите од Крушоради. Баба му на Груевски и татко му Тало, доаѓаат со бранот на „децата бегалци“ (28.000-32.000 деца од 2-14 години) од Граѓанската војна во Грција (1946-49) и се сместени во Скопје. Татко му Тало е доктор на наука на Белградскиот универзитет и потоа долгогодишен професор на Шумарскиот факултет во Скопје. Уште додека бил малечок, неговите родители се разведуваат. Груевски има и еден полубрат, Георги, од вториот брак на неговиот татко Тало. По мајчина линија е од штипското Ново Село. Дедото на Груевски е Михаил Мијалков. Мајка му Надежда е родена во Штип и е сестра на првиот министер на МВР на самостојна РМ, Јордан Мијалков. За време на управувањето на Никола Груевски, неговиот прв братучед Сашо Мијалков е директор на Управата за сигурност и контраразузнавање. Во 1994 дипломира на Економскиот факултет во Прилеп, кој е дел од битолскиот универзитет „Климент Охридски“. Никола Груевски има диплома и од лондонскиот Институт за хартии од вредност, а подоцна и магистрира на државниот универзитет „Св. Кирил и Методиј“.

Неодамна, покрај сите грижи по судовите успева да докторира на истиот универзитет. Да бидам искрен, во такви тревожни околности, јас не би можел да ги положам ниту тестовите за возачки испит. Во период од 1995 до 1998 работи како директор на Одделот за безбедност, планови и анализи во Балканска банка, Скопје, која беше управувана од Мултигруп. Потоа продолжува како управник од РМ во Светската банка и Европската банка за обнова и развој. Беше основач и претседател на брокерската организација и ја направи првата трансакција во РМ. На 30 ноември 1998 е избран за министер без портфељ, одговорен за трговијата во владата на ВМРО-ДПМНЕ. На 19 декември 1999 е избран за министер на финансиите и како таков учествува во приватизацијата на најголемите претпријатија во државата, „Македонски телеком“ и ОКТА, со што успеа да добие авторитет на реформатор. На почетокот на министерувањето во финансии воведува ДДВ на што левите партии и организации остро се спротивставуваа. Ја водеше со кампањата „Чичко имаш каса?“. Особено популарен стана кога ја воведе кампањата за купување национални производи „Македонско сонце“. Го започна и процесот за денационализација на имотите одземени во бивша Југославија. На парламентарните избори на 5 јули 2006 г. е избран делегат во Собранието од името на ВМРО-ДПМНЕ.

По изборите, на 25 август 2006 г. од страна на Собранието е избран за премиер на РМ. Во април 2008 г. поради политичка криза распалувана и од самиот премиер, на 12 април 2008 г. објавува предвремени избори. На 1 јуни, коалицијата „За подобра Македонија“ добива 63 места во Собранието на РМ. Од опозицијата и меѓународни набљудувачи е обвинет за „деспотски и антидемократски начин на управување“. Од вкупно осумте влади на РМ, Груевски предводеше три. Го обвинуваат за управување со корупција и за недемократски притисок врз медиумите и правосудството што беше причина за предвремени избори 2011 г, дека расфрла пари на проектот „Скопје 2014“, за груби изборни нарушувања и фалсификување избори во 2008 г., за саботирање на евроинтеграцијата, за изолирање на РМ и непријателска надворешна политика. На 18 јануари 2016 даде оставка на местото премиер на РМ. На 11 ноември 2018 г. тајно ја напушти РМ, претпоставувам со семејството, за кое ниту еден медиум до денес,не пројави интерес. Денес и неговите деца, Анастасија (2007) и Софија (2010) се „деца бегалци“.