Денот на победата е повеќе од празник

Автор: Сергеј Баздникин, амбасадор на Руската Федерација во Македонија

Утре, на 9 мај, светот ќе ја одбележува 76-годишнината од големата победа над фашизмот. За нашата земја, овој датум отсекогаш бил и останува симбол на вистинскиот патриотизам и духовната величина на нашиот народ. Во многу други земји, овој ден значи крај на најтешката и најкрвава војна во историјата на човештвото, која заврши со целосен разгром на земјите од фашистичкиот блок и co ослободувањето на Европа од нацизмот.
Оваа година, пандемијата на коронавирусот повторно внесува промени во организацијата на свечени настани од страна на Амбасадата. Со оглед на ограничувањата, за жал, нема да има масовни концерти, акцијата „Бесмртен полк“ ќе се одржи онлајн, со ограничен број гости ќе се спроведат церемонии на положување венци кон спомен-обележјето, кое е отворено минатата година на улицата 9 Мај, и кон погребните места на македонските партизани, меѓу кои се и советски граѓани, како и молебен за помен на руските војници што загинаа за Татковината во сите времиња. Во исто време, ќе им дадеме можност на оние што сакаат да ги гледаат парадите на победата во Москва – првата од 1945 година и од 2021 година. Парадите ќе бидат прикажани на 9 мај, од 11 до 13 часот, на екранот на Македонскиот телеком на плоштадот „Македонија“ во Скопје.
Сепак, ограничувањата не се пречка да му оддадеме почит на, без претерување, големиот подвиг на нашите предци, кои херојски се бореа на фронтовите и во партизанските одреди, кои неуморно работеа во заднината, да се поклониме пред појасот – како што прават во Русија, кога сакаат да ја истакнат највисоката почит, на секој што не штедејќи го својот живот, се бореше со „кафеавата чума“ за да ја брани својата Татковина.

Во нашата земја, Денот на победата има посебно, вековечно значење. Светот изгуби повеќе од 50 милиони луѓе во оваа војна. Повеќе од половина од жртвите – 27 милиони луѓе – отпаѓаат на Советскиот Сојуз. Повеќето од нив – 19 милиони – се цивили. Во земјите од поранешниот СССР, чинам, војната не одмина ниту едно семејство. Некој отишол на фронт, некој работел во заднината, некој завршил во окупираните територии, некој починал во нацистичките логори, некој бил однесен во Германија на присилна работа. И колку неродени! Замислете – во најдобрите машки возрасти – од 20 до 44 години – секое трето лице се загуби…
Покрај прекумерните човечки загуби на територијата на СССР, целосно или делумно беа срушени 1.710 града, над 70 илјади села. Уништени се 32 илјади претпријатија, 85 илјади образовни институции, 43 илјади библиотеки, 600 музеи и театри. Оваа статистика е застрашувачка.
Очигледно, ова не беше само битка за геополитички простор или ресурси. Туку тоа беше војна до истребување – оваа година ја одбележуваме 80-годишнината од нејзиното започнување. Сепак, издржавме. И победивме – СССР даде одлучувачки придонес за заедничките напори на земјите од антихитлеровата коалиција. Победивме, меѓу другото, затоа што на крајот секогаш триумфира не моќта, туку правдата и вистината – како што е познато, Бог не е во силата, туку во вистината. Затоа, 9 Мај за нас е истовремено причина за гордост и празник „со солзи во очите“, како што пеат во нашата позната песна.
Не толку одамна, сето ова беше добро познато, прифатено без приговор, како реалност. Денес, сѐ погласни се оние што сакаат да го изопачат минатото и да ја препишат историјата на Втората светска војна, кои поддржуваат пројави на неофашизам и неонацизам, се обидуваат да наметнат еднаква одговорност за избувнувањето на војната на Советскиот Сојуз и нацистичка Германија. Тешко е да се замисли повеќе арогантно сквернавење на вистината на историските настани од тоа време.
Во низа држави дури го шират вирусот на историскиот ревизионизам за Втората светска војна – патем, не помалку опасен од ковид-19. Се обидуваат да ги натераат луѓето да се сомневаат во праведноста на колективните основи на повоениот светски поредок, на основните принципи на Повелбата на Обединетите нации и на општоприфатените норми за меѓудржавна комуникација.

Нивните напори се насочени кон поткопување на постојниот меѓународен правен систем, за да го заменат со еден вид глобален „поредок заснован врз правила“. Сакаат да го формираат овој поредок според принципот „оној што е посилен, тој е во право“ – според „законот на џунглата“.
Многу луѓе знаат за „законот на џунглата“, вклучувајќи и од делата на англискиот писател Радјард Киплинг, чиишто познати ликови во „Книгата за џунглата“ неодамна ги спомна претседателот Владимир Путин во обраќањето пред Федералното собрание на Руската Федерација. Да потсетам за што станува збор – околу некои од учесниците во меѓународната комуникација, кои „се обидуваат да ја ’закачнат‘ Русија ту овде ту онде, и тоа без никаква причина“, како околу Шир Кан, се врткаат секакви ситни Табаки, кои повиваат за да го одоброволат својот господар. Да се потсетиме што се овие ликови и подобро да разбереме што значат зборовите на претседателот на Русија, би било корисно да се препрочита Киплинг… Како и воопшто, да се препрочитаат книги за историјата, вклучувајќи и за историјата на Втората светска војна.
Патем, шефот на руската држава истакна уште една многу важна мисла – се однесуваме со најголема воздржаност, честопати не одговараме на непријателски постапки и отворена грубост само затоа што се трудиме да градиме добри, еднакви, заемно корисни односи со сите земји, а не сакаме да ги палиме мостовите. Погрешно е да се доживуваат нашите добри намери како рамнодушност или слабост. Доколку е потребно, одговорот на Русија ќе биде асиметричен, брз и остар. Организаторите на провокации што ги загрозуваат основните интереси на нашата безбедност ќе зажалат поради тоа како што одамна немаат зажалено за ништо.
Пред неколку години, во своето обраќање пред рускиот парламент, претседателот Владимир Путин, на крајот на својата добро позната презентација на можностите на нашата земја, ги повика своите западни колеги: „Никој не нè слушаше. Слушајте нѐ сега“. Би сакале да се надеваме дека конечно ќе бидеме слушнати. Подобро е порано отколку подоцна.

Што се однесува до големата победа, мислам дека, почнувајќи од пролетта во 1945 година, преиспитувањето на нивните грешки од страна на некои земји, демонстрација на нивната подготвеност да водат сметка за меѓусебните интереси се случуваа многу побрзо и поефикасно. Прашањето е каква цена требаше да се плати за да се сфати тоа… За сите нас е важно да ги сеќаваме лекциите од војната, да не дозволиме настани како оваа страшна трагедија некогаш да се повторат.
Успешното искуство на соработката помеѓу голем број земји и народи за време на Втората светска војна треба да послужи како пример, да се сфати одговорноста за она што се случува денес, што ја одредува иднината. Во современиот свет има огромен број предизвици што можеме да ги спречиме само заедно. Меѓу нив се препородувањето на нацизмот и ксенофобијата, меѓународниот тероризам, заканата од ширење на оружјето за масовно уништување, трговијата со дрога и во последно време – пандемијата на коронавирусот. Духот на антихитлеровата коалиција може да биде многу актуелен за да се најдат начини и средства за обединување на напорите во интерес на изнаоѓање ефикасни одговори на овие и други глобални проблеми, вклучувајќи и обезбедување победа во битката за човечки живот и здравје. Русија е секогаш отворена за широка меѓудржавна соработка.
Многу го цениме подвигот на учесниците во Народноослободителната борба, меѓу кои беа храбри борци од народите што живеат во Северна Македонија. Нивните херојски напори овозможија да се потиснат значителни непријателски сили, што му даде непроценлива помош на Советскиот Сојуз.

Свето го почитуваме споменот на сите жртви – повеќе од 24 илјади животи на македонските партизани беа дадени за победата: секој четврти од над сто илјади во народноослободителното движење.
На македонското тло има десетици споменици посветени на оние што се одликувани со највисоката титула – Народен херој – и на извонредни личности што дале значаен придонес за борбата против окупаторите. Меморијалните споменици се заштитени од државата, вклучувајќи и братски партизански гробови, каде што има и граѓани на СССР. Гледаме дека традициите поставени од хероите на народноослободителното движење на Македонија грижливо се чуваат во сеќавањето на нивните потомци. Навистина, никој не е заборавен и ништо не е заборавено.
Од срце им честитаме на живите ветерани. Голем ви поклон за мирното небо над главата. Чест и слава ѝ на генерацијата победници.
Честит празник и Вам, драг читателу! Честит Ден на големата победа!