Декларација за заемна поврзаност кон одржливо минато

…Се јавувам од една непозната земја…
Во оваа непозната земја зборот „ИДНИНА“ означува НЕШТО, но нешто ПОСВЕТЛО! Во која смисла? Од овдешното *нешто* се подразбира (ако се толкува контекстот) дека со НЕШТОТО се решава СЀ. Но етимолошки зборот „ИДНИНА“ (ако се толкува контекстот на оваа секојдневност) повеќе означува *ништо*, со оглед на тоа дека трае како посветло ветување на политиката повеќе од 70 години и сѐ уште го нема во реалноста! Дополнително појаснување: иднината е дел од еднодимензионалната претстава на течењето на времето: минато-сегашност-иднина, во оваа непозната земја!

Да го прифатиме и тој модел иако простор-времето во кој живее оваа непозната земја е најмалку тридимензионален. Но како можеме да го дефинираме само делот *иднина* како решение без да ги познаваме причините за неговата појава во составните делови *сегашност* и *минато*! Овде сегашноста е привремена и апсолутно неодржлива. Овде минатото е неодржливо според тоа како е претставено во службените документи.
Логично е оваа нелогичност да предизвика конфликт кај здравиот разум. Затоа: чекор по чекор.
Каде се случува овој апсурд?
Во оваа Непозната Земја.
Кој е носител?
Играта на историјата?

Не, во оваа непозната земја историчарите пишуваат според потребите на дневната политика односно образовната инерција! Си дозволувам да се определам: носител на апсурдот е политиката.
Оваа логика како информација е предизвикана од еден во траги зачуван број од некое списание за архитектура што го најдов во локалната библиотека. Списанието имаше необичен прелом. Секоја страница беше огледално пресликана со својот пар иако содржините се, нормално, различни. Од децениско прелистување на некои страници им го барав местото во растурените страници на двобројот 5 и 6. Во воведот и потоа беа претставени неколку декларации од меѓународен карактер. Ја цитирам потпишаната во Чикаго на Светски конгрес на архитектите, како илустрација на извештајов.
**Декларација за заемна поврзаност кон одржливо минато**
ПРОЛОГ
„Македонскиот јазик има многу минати времиња. Според мислењето на учените, тоа богатство сѐ уште останува неистражено. Тритомната историја на македонскиот народ содржи еднаков број страници за осумте илјади години до 19 век (КНИГА 1), како и за само стоте на 19 век (книга 2), како и за 45-те за почетокот на 20 век (книга 3). Колку и да е апсурдно, тоа е архитектурата за сеќавањата, одобрена службено, за народот на оваа земја. Кога, според проектот ТРИ ТОМА ИСТОРИЈА на македонскиот народ, би се реализирала градба би имала облик на глуварка. (Зборот глуварка претставува локално растение, кое го опишувам според сликата на еден академик на оваа непозната земја.) Забелешката е моја и ја ставам во заграда. Цитирам: „Глуварката е дрво што вирее на Килиманџаро, кое има топла мисла и длабок корен, што го менува вкусот на студот, влагата и осаменоста. (Зарем само затоа ја набљудуваат истражувачите!!) Глуварката е гротескна.
Но кога на македонски ќе изговорите ГЛУВАРКА – исто како да сте рекле ’иднина’!“
Толку е кревка прашна и недопирлива.
Имајќи го предвид сето ова
НИЕ, АРХИТЕКТИТЕ СКОРОПОСТИЖНИЦИ НА НЕПОСТОЈНОТО, СОЧИНУВАМЕ

Д Е К Л А Р А Ц И Ј А
За заемна поврзаност кон одржливо минато
Уверени дека едно реално одржливо општество ги решава потребите на сегашноста без да ги компромитира можностите на идните генерации, што значи без да создава услови полоши од оние во кои се дави сегашноста.
Уверени дека здравата средина е основна вредност за здраво општество.
Уверени дека постои беспоговорна евиденција дека секојдневноста на оваа земја ја уништува животната средина во која се создаваат духовната достоинственост, храброст и гордост и дека тоа веќе е епидемично неодржливо колку и да се наголемуваат лагите и дезинформациите.

Уверени во еколошката меѓузависност на животот – економски, социјален, културен.
Уверени дека одржливоста е во меѓусебната поврзаност на секој учесник и бара еднаквост и рамнотежа меѓу учесниците.
Уверени дека од 10.000 години градба на оваа цивилизација, најмалку 7.000 години рамнотежата била реалност – не постоеле воени судири.
НИЕ, АРХИТЕКТИТЕ и ДИЗАЈНЕРСКИТЕ ПРОФЕСИИ (овде има список во кој е вклучена и политиката) НА ОВОЈ ПОЛУОСТРОВ СЕ ОБВРЗУВАМЕ:

1. Дека во срцето на нашата работа ќе ја поставиме вистината за минатото на овој полуостров како еден дел од глобалниот проект.
2. Дека ќе развиеме практики, процедури, производи, услуги и стандарди што ќе ни овозможат да имаме пристап до ВИСТИНАТА за минатото на оваа животна средина.
3. Дека ќе ги воспитуваме наследниците, клиентите и, воопшто, сета јавност во врска со критичната важност за откривање одржливо минато, ќе работиме на промени во политиката, регулативата, стандардите и практиката на власта и бизнисот со минатото, со крајна цел проектот за одржливо минато да биде општоприфатен стандард за соседството и нивната индустрија на политиката втемелена на нестабилно минато.
4. И конечно ќе работиме за да ги реконструираме чекор по чекор сите погрешно поставени архитектонско-археолошки амбиенти до стандардот на проектот за ОДРЖЛИВО МИНАТО!…*

Понатаму текстот е недовршен, односно нема продолжение на страницата. Очигледно амбицијата на оваа декларација не се однесува само на оваа непозната земја или синтагмата *овој полуостров значи нешто друго?*. Но има уште еден дел што, според редоследот на страниците, припаѓа кон некој претходен текст… И има, силна поврзаност со овој извештај. Еве го тоа парче: „…Сојузот на архитектите ги потпиша документите на Светската унија на архитекти за ОДРЖЛИВА ИДНИНА и за НАЦИОНАЛНА ПОЛИТИКА ВО АРХИТЕКТУРАТА… (недостига текст)… Сметаме дека сме должни да ја дадеме следната забелешка: Примената на ДЕКЛАРАЦИЈАТА ЗА ОДРЖЛИВА ИДНИНА не е автоматски можна насекаде во светот.
Како кон ОДРЖЛИВА ИДНИНА во случајот МАКЕДОНИЈА?!“… пак недостига текст и следуваат два повика:

„НАЗАД КОН ИДНИНАТА!!!
НАПРЕД КОН ОТКРИВАЊЕ НА ВИСТИНАТА ЗА МИНАТОТО!!!“
Потребно и доволно внимателно, потребно и доволно тврдоглаво, можно мудро и секој горд чекор во свое време. Да ги посетиме сите населби што без исклучок се археолошки локалитети. Да посведочиме за препознаените традиции-пораки. Да ги вградиме во образовниот и воспитен систем. Да посведочиме како наследници на неверојатното множество на артефакти-вистини дека сме дозволиле една приказна на третото лице еднина што не било присутно на настаните да ни гравира во главите на нашите образи од иднината ХИЗ СТОРИ наместо нашето прво лице множина да изговори јасно и гласно: И, тие наши тогаш тоа го СТОРИЈА. ИСТОРИЈА!
На патот кон одржливата ИДНИНА да се завртиме назад кон СТОРЕНОТО за да разбереме колку малку знаеме за тоа колку грешиме.
„НАПРЕД КОН ОДРЖЛИВО МИНАТО! НАЗАД КОН ИДНИНАТА!…“
Крај на извештајот… 16.1.2019