Две седумки за „Нова Македонија“

Денеска е денот кога во зафрленото велешко село Горно Врановци, пред 77 години, е роден весникот „Нова Македонија“. Не знам што по овој повод ќе напише уредништвото на весникот, но и без консултација со него, ќе изнесам некои мои новински белешки, без претензија да правам есеј или студија на таа тема. А „Нова Македонија“ заслужува и докторати по новинарство и современа комуникација.
Не е точно утврдено кој е човекот што го предложил името, но мора да му се признае дека бил далековид – што и да се менува, што и да старее, „Нова Македонија“ секогаш останува нова. Тој предлог бил и најприфатлив, затоа што првите уредници биле убедени дека станува збор за нова современа македонска држава, која ќе негува и ново, поинакво новинарство. На маса биле и предлозите „Слободна Македонија“ и „Независна Македонија“. Во таа 1944-та, сѐ уште воена година, последните две имиња би предизвикувале некаква негативна реакција, како во македонски така и во југословенски рамки. Атрибутот „Нова“ бил соодветен, не давал повод за создавање политички сомнежи, бил играње на сигурна карта.
За новата позиција, за автентичноста на неговата појава сведочат не само сеќавањата на првите новинари и печатари во партизанската печатница во Врановци туку и други факти. Еден од нив е што за првиот број е избрано место што не може да биде воено загрозено, а втор што и при преселбата во Скопје не е користено ништо од весникот „Целокупна Блгарија“, единствен дневен весник на бугарски јазик што излегуваше од мај 1941 до август 1944. Со втората добро осмислена постапка, „Нова Македонија“ уште од првите броеви навести дека ќе биде гласило што преку своите текстови ќе ги санира последиците од бугарската фашистичка окупација и ќе ја јакне националната свест на македонскиот народ.

Секој може да мисли како сака, да вреднува по свои мерила, но еден факт е историски непобитен: весникот „Нова Македонија“ и Радио Скопје се двата најдолговечни медиума во Република Македонија, тие ги прегрмеа сите трансформации на државата и општеството, поминувајќи ги сите сцили и харибди. И денес водејќи жилава борба за опстанок и престиж меѓу многубројните електронски портали и приватни радиостаници. Тие два медиума се столбовите на кои се развиваше македонскиот журнализам, тие беа главните расадници од кои се изродија генерации и генерации новинари и другиот технички логистички персонал. Оттаму почна сѐ. Оттогаш до денес, „Нова Македонија“ успева да го одржи високото професионално ниво, да го почитува новинарскиот кодекс, да ги почитува луѓето, да не шпекулира со информациите и да ужива углед кај читателската публика.
Едно од клучните прашања е што ја прави „Нова Македонија“ посебен медиум. Весникот „Нова Македонија“ од самиот почеток е национален весник на македонскиот народ. Неговиот основач, Президиумот на АСНОМ, под македонски народ ги подразбирал сите граѓани што живеат во Македонија, без разлика на нација и вера. Националниот бил првиот постулат. На второ место е директивата весникот да биде демократски, а доста подоцна се појавила потребата да биде и граѓански. Во образложението навеле дека нема да биде сувопарен официјален орган, кој ќе публикува само државни и партиски заповеди и решенија, туку треба да се претвори во широк, масовен лист, да стане вистински народен весник.

Таа линија на уредувачко движење „Нова Македонија“ ја следи до денешни дни, најчесто третирајќи содржини од национален интерес на македонскиот народ и неговата држава. Токму и поради народната определба, весникот никогаш не бил под капата на комунистичката партија ниту под Собранието. Како израз на народното мислење, формалноправно, сѐ до независноста во 1991 година беше орган на Народниот фронт, подоцна преименуван во Социјалистички сојуз на работниот народ, кој имаше можност да врши мека контрола. Но, во суштина, отсекогаш беше свој на своето, со една голема слобода и автономија, внатрешна во самата Редакција и надворешна во односот кон актуелните фактори. Таа уредувачка самостојност секогаш била поголема одошто дозволуваа политичките и општествените односи.
Како национален весник, формиран со одлуките на АСНОМ, весникот и да сакаше, не можеше да побегне од таа линија. Во контекстот на национален весник низ целиот негов историјат му се блиски националните македонски теми, како во тогашна Југославија, така и во рамките на балканските држави. Низ страниците на весникот се бележани историски настани и личности дури и од најдалечната историја. Весникот беше и остана еден од најголемите чувари на македонизмот, на одбраната на самобитноста на македонскиот народ, на неговиот идентитет, култура, јазик и писмо. Ги афирмира националните институции од разни области, силно ги поддржа автокефалноста на Македонската православна црква, основањето на МАНУ. Непроценлив е придонесот на „Нова Македонија“ во битката за независност во почетокот на 90-тите години од минатиот век и во демократизацијата на јавниот збор во Републиката. Весникот е израз на македонскиот патриотизам, на покажување љубов кон сопствената земја и на штитење на нејзините интереси.

Она што „Нова Македонија“ ја одликуваше, а и сега ја разликува од другите медиуми е аголот на третман на македонското национално прашање и истото тоа во контекстот на односите на Балканот, со соседните земји. Нема друг медиум што бил или е поспецијализиран за таа тематика, никој друг медиум не предизвикувал толкаво внимание и интерес во врска со тоа што пишува „Нова Македонија“. Во таа смисла сакам да истакнам неколку примери на кои сум личен учесник и сведок. Имено, во југословенското министерство за надворешни работи во Белград со децении важеше ставот во секоја анализа за односите на Балканот најпрво да се гледа што пишуваат нејзините дописници и да се читаат уредничките коментари што ги објавува весникот во Скопје. Во согласност со нив да се носат и заклучоци и да се определуваат дипломатски стратегии.
Текстовите во „Нова Македонија“ посветени на балканските односи, уште од првите броеви биле редовно следени во Стејт департментот и врз основа на нив се формирал значаен дел од американската политика на Балканот. Таа информација во живо ми ја има соопштено мене лично долгогодишната директорка на библиотеката и документацијата на Стејт департментот при нејзината посета на Република Македонија и на весникот „Нова Македонија“. Имено, кога на госпоѓата при пензионирањето како награда за долгогодишната работа ѝ било понудено да посети три земји, една од нив била и Македонија. Сакала на самото место да види како во една мала земја, еден толку мал весник може да има толку голем углед и влијание, за што ми оддаде големо признание.

Изнесувам уште два примера. При мојата посета на весникот „Работническо дело“ во Софија, во својство на главен уредник, бев примен и од тогашниот претседател на Отечествениот фронт на Република Бугарија, другарот Пенчо Кубадински. Бај Пенчо, еден од старите другари на Живков, неофицијално важеше за втор-трет човек во државата. При расправа за македонското прашање и односите Бугарија – Македонија, за ја докаже неговата теза, а да ја оспори мојата, ја повика секретарката, која за неколку минути донесе исечоци од текстови и неколку архивирани фељтони објавувани во „Нова Македонија“. Како фалба ми кажа дека долги години ништо нема пропуштено од весникот. Плус ми рече буквално: „Вие си сте сега Македонци, тука ние нема што веќе да бараме. Точно е дека ние Бугарите сме шовинисти, но вие Македонците станувате премногу интернационалисти, за што ние сме загрижени“.
Во овој дел би ја додал и средбата што ја имав со Константин Мицотакис, во јули 1992 година, тогашен премиер на Грција, татко на сегашниот премиер Киријакос и на ќерката Дора Бакојани. Тогаш правев интервју со него, а тоа беа деновите кога Солун и Атина беа кревани на нозе против какво било признавање на Република Македонија. Кога со колегите влеговме во неговиот кабинет, на масата беше бројот на „Нова Македонија“ од претходниот ден, со голема фотографија на првата страница од митингот во Воден. И тој самиот, а подоцна, при вечерата, и неговиот шеф на кабинетот, ни кажаа дека специјални преведувачи секојдневно му ги преведуваат текстовите од нашиот весник што се однесуваат на грчко-македонските односи.
И денешна „Нова Македонија“, во сопственост на Минчо Јорданов, обновена во 2008 година, во својата уредувачка политика ја држи линијата весникот да биде национален, демократски и граѓански, да ги поддржува и храни трите димензии на современото новинарство. Се разбира, во духот на асномските принципи да биде весник што ги застапува интересите на македонската држава, на македонскиот народ, за неговиот идентитет, историја, јазик и писмо. Одржувањето на тој национален дух никој не може да го оквалификува никако поинаку освен како израз на патриотизам, на покажување љубов и лојалност кон сопствената земја и на штитење на нејзините интереси.

[email protected]