Две илјади дваесет и прва – ресетирај се!

Насилниот упад во Конгресот на САД веројатно го означува крајот или почетокот на крајот на американскaта исклучителност, на 160 години изградена согласност за демократијата, вклучувајќи и мирен пренос на власта

На преминот во 2021 година ѝ рековме на 2020 година да си оди и да не се повторува, поради ковид-19 или коронавирусот што го погоди светот и нас на невиден начин, и се надевавме на нов почеток во 2021 година! А 2021 година само што започна, веќе посакуваме да се ресетира! Или, пак, стартот беше таков што првиот впечаток не е ветувачки.
Две илјади дваесет и прва година е година во која САД од главен стабилизатор стануваат главен ризик! Насилниот упад во Конгресот на САД веројатно го означува крајот или почетокот на крајот на американскaта исклучителност, на 160 години изградена согласност за демократијата, вклучувајќи и мирен пренос на власта. Насилниот упад разоткри или нагласи повеќе проблеми и слабости, кои ќе бараат зголемен внатрешен фокус. Некои може брзо да се решат. Сериозните безбедносни пропусти во Конгресот на најмоќниот безбедносен апарат на светот, кои го овозможија упадот со можни катастрофални последици, може брзо да се решат со внатрешна истрага и евалуација и разрешување на одговорните, како и со темелна истрага и санкционирање на организаторите и на учесниците во насилниот упад.

За разлика од безбедносните пропусти, внатрешната поларизација и растечкиот јаз во американското општество не може да се решат толку лесно. Насилниот упад не се само конспиративци и други маргиналци, дури 45 проценти од републиканците го поддржуваат упадот во Конгресот, што како резултат ќе има одредени републикански сенатори и конгресмени да продолжат со употребата на трампизмот! („Трамп е готов, да живее трампизмот“.)И додека за значаен дел од републиканците учесниците се „протестанти“ и „патриоти“, за огромен дел од демократите тоа се „домашни терористи“. Со ваков јаз во општеството и политиката, на новиот претседател на САД, Џо Бајден, нема да му биде едноставно да гради вклучување и согласност. Напротив, демократите со мнозинство во Конгресот и во Сенатот ќе бидат во искушение да истуркаат порадикална агенда и да работат на поделба на републиканците. Првите знаци на демократско додавање масло во огнот се тука. Ненси Пелоси, демократската претседавачка на Конгресот, на твитер комуницираше дека разговарала со шефот на Генералштабот за ризик од употреба на нуклеарно оружје во земја каде што претседателот е неприкосновен врховен командант и каде што синџирот на команда е светост. Вториот е барањето за употреба на амандманот 25 до потпретседателот Мајк Пенс, за отстранување на претседателот Трамп, кој тоа експресно го одби, според него јасната примена само во случај на неспособност на претседателот, поткрепено со медицински факти. Веројатно демократите ќе продолжат со постапка за импичмент, за која е јасно дека без поддршка од републиканците нема да помине.

Оттука, покрај целта Доналд Трамп да биде единствениот претседател со два импичмента, туркањето на импичмент може да служи само за поттикнување расцеп на републиканците. Растечката поларизација ги доведува во прашање и политичкиот и изборниот систем, кој обезбеди долг период на стабилност и демократија. Барањата за напуштање на електорскиот изборен систем и воведување директен избор може да го нарушат балансот меѓу различни држави во САД. Кога на овие проблеми ќе се додадат и дилемите за виталноста на Џо Бајден, тогаш е јасно дека САД се ризик во 2021 година!
Со САД ориентирани спрема домашните проблеми, светот во 2021 година влегува и без два лидери што долго водеа две од најразвиените земји на светот, Шинто Абе на Јапонија и Ангела Меркел на Германија. На добрата страна, ЕУ постигна договор и за ковид-19 фондот и за брегзит.
Во Македонија се чини се доближуваме до крајот на политичкиот систем заснован на патрон-клиентелизам и корупција, крај со расчистување или пропаѓање, крај што го забрзуваат два момента: ковид-19 и најновата блокада на нашето пристапување во ЕУ. Ковид-19 ги изрази неспособноста и неефективноста и на државата, што се компензира со забрзано надворешно задолжување. Кога ќе се исцрпи тоа, ќе се пристапи кон распродажба на преостанатиот државен имот и на крајот ќе заврши со банкрот, ако ништо не се промени. Најновата блокада на нашето пристапување во ЕУ ја убива мотивациската моќ, како и залажувачката моќ дека патрон-клиентелистичкиот модел ќе го продолжи својот комфор со ЕУ.

Македонија во 2021 година се наоѓа на раскрсница меѓу неколку сценарија и сите се вртат околу подготвеноста да се расчисти со патрон-клиентелистичкиот систем. Најдоброто сценарио е расчистување, суштинско расчистување со клиентелизмот и неспособноста, борба против корупцијата и воспоставување владеење на правото. Неповолните сценарија се заживување на ЕУ-сонот по секоја цена или играње на поларизација и конфликт. Во нерешителност во расчистување, Владата може да се одлучи да направи уништувачки потези со Бугарија, само да ја врати магијата на ЕУ. Тоа секако ќе поттикне поларизација и зголемена можност за внатрешни конфликти. И секако тука се можностите за натамошна ескалација на внатрешната поларизација до ниво на конфликт. Првите знаци во 2021 година се мешани.

Авторот е аналитичар
Блог www.megjutoa.mк @sklek #2020 #2021