Дваесет години подоцна

Токму оваа година, кога се одбележуваат дваесет години од конфликтот во 2001 година, дојде на ред и завршувањето на мојот учебник за предметот Транзициска правда. Станува збор за дисциплина што се изучува во рамките на мировните студии, а се однесува на периодот по завршувањето на акутната фаза за насилен конфликт или пад на диктатура и за мерките преку кои тие општества се соочуваат со тешкото минато, започнуваат нормализација на односите меѓу групите и поединците, делење правда во специфични околности во национални или меѓународни судови (ретрибутивна и/или ресторативна), меморијализација на жртвите, утврдување на фактите и причините на она што се случило за да не се повтори никогаш, и низа мерки што треба да доведат до конечно помирување – и само, евентуално, до простување (како поединечен чин на давање прошка на сторителот на злосторството). Мала е утехата што е ова прв универзитетски учебник од ваков вид во целиот регион на поранешна Југославија, бидејќи е задоцнет. Го предавам овој предмет неколку години, но оваа генерација имаше можност да учи од целосно комплетиран материјал, кој на оваа проблематика гледа низ поширока (компаративна) призма, а не низ национална. И, се разбира, сите овие години сфаќам дека разговарам со студенти на околу 19-20 години, кои дури и не знаат што се случувало во времето кога се родиле. Во ниту една фаза од нивното претходно образование нема ни збор, ни час, ни страница посветени на настаните што дефинитивно го сменија ликот на Македонија.

Во првите неколку години по конфликтот, сè уште ќе се објавеше некоја книга, мемоари, новинарски сведоштва или анализа. Сè уште барем разговаравме на таа тема (што е предуслов за соочување со минатото и помирување), макар и со слушалки и преведувачи, секој со својата верзија на настаните. Закопани во своите симболички „ровови“. Тогаш најчесто зборувавме за постохридска Македонија, за промените во политичкиот и општествениот систем, за она што е спроведено или неспроведено (или, најчесто, искривено од рамката на рамковниот договор). Имаше спротивставени позиции, па и повишени тонови. Одеднаш како да спласна сето тоа. Ми се чини дека кулминацијата беше некаде околу 2004-2005 година, кога дебатата се водеше околу етничкото цртање на општинските граници (Законот за територијална организација) и Законот за употреба на знамињата. Автентичното толкување на Законот за амнестија од 2011 година, кое беше условот за формирање на владата на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, а со кое се ослободија од кривичен прогон обвинетите и осомничените за т.н. Хашки случаи, мина речиси незабележано. Тогашната опозиција и невладиниот сектор беа поангажирани во протестите за Мартин Нешковски, отколку за мавровските работници и другите жртви што бараа правда од непознатите гробови (дваесет години подоцна уште не им се знаат гробовите, нема човек што барем од милосрдие анонимно ќе го дошепне местото на кое се закопани киднапираните). Во 2018 година беше донесен Законот за употреба на јазиците, со кој фактички веќе бинационалната држава стана и билингвална (попусто она мачкање очи за мулти-култи). Протестот беше млак, затоа што клучните политички играчи веќе беа инволвирани во лицитирањето кој да влезе во коалиција со ДУИ, кингмејкерот во период од две децении. Цивилното општество веќе беше толку либерално и прогресивно, што сметаше дека треба да се гледа само напред (кон НАТО и ЕУ), а дека минатото може и да се заборави. Сега слушаме дека вистинскиот премиер на оваа држава подготвува велелепна прослава на јубилејот, небаре имаме нешто за славење на 13 август 2001 година.

Размислувам за мојов учебник: можеби ќе доживее судбина да биде запален на плоштад, бидејќи може да биде виден како опасен. Но тоа ќе нема врска со темата, туку со тоталитарните елементи на секојдневието на кои се навикнуваме, или не толку навикнуваме колку што остануваме стаписани и пасивни. Постохридска Македонија е веќе минато, малкумина и се вознемируваат во однос на тој дел од нашата историја (а без вознемирување нема ни помирување, би рекол мојот колега Жарко Пуховски, со кого соработував во рамките на регионалната иницијатива РЕКОМ, која настојуваше да не дозволи тотален заборав на ужасите од војните од 1990-тите години). Таа траума е политички некоректна, па дури и опасно е (го искусив и на своја кожа) да се споменуваат местата на страдање. Тоа останува приватна работа, и многу селективна. На пример, пред некој ден еден познат албански интелектуалец изрази длабоко жалење за цивилните жртви од Слупчане (сосема со право, би рекла, бидејќи и тој дел од 2001-та е запретан во меѓуетничкиот пазар), но за дваесет години не сум го чула да каже ни збор за мавровските работници или за чуварите на мотелот „Бриони“.
Сега живееме во постпреспанска Македонија, и некако пожива се чини таа рана отколку другите, иако Преспа немаше да биде можна без Охрид, а без Охрид и Преспа немаше да биде можен „бугарскиот џандар“, кој турка кон бугарска Македонија. А всушност, гледано низ поширока перспектива, сите овие наталожени трауми и случувања, минати и идни, се дел на истата незавршена приказна на отсуство на транзициска правда и соочување со минатото во целиот регион, кој во себе ги крие коските на многубројни незнајни воени и цивили жртви.

Денешна Македонија не страда само поради политички наметнатата амнезија за настаните од пред 20 години, туку и поради европски наметнатата теза дека не е битно што се случувало за време на насилната асимилација на македонското население по Балканските војни (со претекст на „градење нација“, nation-buidling), бугарската окупација на Македонија, депортацијата на Евреите, но и граѓанската војна во Грција (Егејска Македонија). Денешнава Северна сосема капитулира и во орвелијански стил прифати некој друг да ѝ го контролира минатото, а со тоа и сегашноста и иднината.
За волја на вистината, историјата на светот не е поинаква, токму затоа што на жртвите никогаш не им се слушал крикот од гробовите или од окупираните, а од историјата можеме да научиме само дека од неа ништо не сме научиле, т.е. ги повторуваме истите грешки како и низ минатото. И во мојот учебник се обидов да им ја предочам на студентите таа дилема: зошто западните фондации и организации инсистираат на соочување со конфликтното и/или авторитарното минато во Босна или Македонија, но не и во Белгија, Британија или САД. Зошто нивните злосторства од ерата на колонијализмот, апартхејдот или робовладетелството се сметаат за амнестирани, а Балканците треба да се прикажат како недоволно прочистени дивјаци што мораат да минат низ покајание пред да влезат во нивното фино европско друштво во кое секој секому му ги заборавил злосторствата, а особено оние извршени во Конго, Руанда, Мали или Палестина? Научната или практичната работа на оваа проблематика не може да биде ослободена од емотивниот набој, бидејќи ако се пристапи со студена глава и мирно срце, тогаш подобро и да не се пишува на таа тема. Како што реков, идејата на транзициската правда е вознемирувањето, будењето на сочувството и емпатијата, осудата на насилството како такво, а не негова глорификација. Бидејќи ако едно насилство (или политичко силеџиство, ако сакате полесна форма) се покаже како исплатливо, тогаш семето на идното насилство е веќе посеано. Прашање на време е кога ќе се родат плодовите на гневот и омразата.

Македонија е (засега) во зомби-ситуација. Мирно гледа како некој пирува врз пролеаната крв и уште безобразно триумфалистички троши пари од државниот буџет за прослава на тоа „јунаштво“. Никој не сака да му се замери на оној што веќе дваесет години гаси и пали, урива или создава владејачки коалиции. Да пишуваш или зборуваш за транзициска правда во ваква атмосфера е бесмислено, се согласувам. Дури е и опасно, бидејќи ако случајно или намерно ги спомнеш Карпалак, Вејце, Бриони, Непроштено, Слупчане, Куманово, ризикуваш да те линчуваат од новинари до политичари и интелектуалци. Но, барем симболично, јас го сторив она што можев: ги удрив темелите на една академска дисциплина, оставив учебник, и истиот тој им го посветив на сите жртви од 2001 година (без оглед на етничката припадност), со мисла „да не се повтори“. Но додека актерите на тие настани се не само живи, туку и политички моќни, ова е чин што личи на чин на очајник.

Пред повеќе години разговарав за транзициската правда во Северна Ирска со една тамошна колешка. Нејзините зборови никогаш нема да ги заборавам. Кога си во темнина, имаш само две можности: или да му се покориш на мракот или да запалиш чкорче кое барем за миг ќе ја осветли вистината. Претпоставувам дека транзициската правда, барем како академска дисциплина, ќе живее додека не заминам во пензија, потоа веднаш ќе биде заборавена и избришана. Како и сè друго во оваа земја. Додека сум јас жива, ќе си шепотам за Непроштено, незаборавено и непростено. А Грубијаните ќе владеат додека им се дозволува. Ќе се сликаат на скапи кожени гарнитури, ќе прават манифестации во слава на калашите, ќе уживаат врз коските на паднатите и сиромаштијата на (полу)живите.