Да се стави крај на неказнивоста на злосторствата против новинарите

Само во изминатата деценија, речиси 1.000 новинари во светот беа убиени поради нивната работа, а сторителите целосно или делумно поминуваат неказнети за своите злосторства. Обединетите нации треба да назначат специјален претставник за безбедност на новинари, за да се спроведе меѓународен закон и да се намали смртниот исход

На многу начини, новинарите сега живеат во, за нив, најопасните времиња. Со неколку истовремени кризи што се закануваат по слободата и одржливоста на медиумите, оваа деценија ќе биде одлучувачка за иднината на професијата што е клучна за благосостојбата на општествата. Како би изгледал светот ако нема професионални и етички новинари што ќе известуваат за новостите? Загрижува фактот што ова прашање повеќе не е хипотетичко.
Прашањето за безбедноста на новинарите и натаму е од суштинско значење. Иако убиствата на новинари се намалија за време на пандемијата на ковид-19, заканите по нивната безбедност и понатаму се јавуваат и се зголемуваат. Овие закани, исто така, стануваат сè посуптилни и потешки за справување.
Минатата година беа убиени повеќе новинари во земји што, навидум, живеат во мир отколку во воените зони, а процентот на убиени репортери на работното место што станале намерна цел беше најголем досега. Многу од жртвите работеа на разоткривање на корупцијата или известуваа за други чувствителни теми. На пример, на 29 октомври, репортерот Артуро Алба Медина беше убиен во Сиудад Хуарез, Мексико, во близината на границата со САД. Тој беше шестиот убиен новинар оваа година во Мексико, кој останува најсмртоносна земја за новинари во која всушност не се војува.

Само во изминатата деценија, речиси 1.000 новинари на светско ниво се убиени како резултат на поврзаност со нивната работа. Многу од овие случаи никогаш не беа соодветно истражени, а огромното мнозинство на сторители никогаш не одговараше за своите дела. Ова во најголем дел се должи на недостиг од ефективни механизми за отчетност со кои би се обезбедило дека правдата ќе биде задоволена.
Меѓународниот ден за ставање крај на неказнивоста за злосторства против новинари, кој беше одбележан на 2 ноември, претставуваше идеална можност да се започне со конкретни активности за засекогаш да ѝ се стави крај на оваа ендемска неказнивост. Обединетите нации (ООН) треба да назначат специјален претставник за безбедност на новинарите, за да се спроведе меѓународното право и со тоа конечно да се намали бројот на убиени репортери секоја година во текот на нивната работа.
Кампањата на „Репортери без граници“ (РСФ) за формирање специјален претставник доби огромна динамика во последните неколку години, но останува една пречка. Бидејќи назначениот би бил претставник на генералниот секретар на ООН, потребна е активна поддршка од генералниот секретар. За жал, генералниот секретар Антонио Гутереш сè уште не го исполни ветувањето што го даде кога РСФ се сретна со него еден месец откако тој ја презеде функцијата во 2017 година. Тогаш тој порача дека „му е потребно време, но дека ќе се погрижи да го исполни барањето“.
Гутереш сега има малку повеќе од една година од неговиот тековен мандат. Тоа е повеќе од доволно време за да се обезбеди значајна акција за да се стави крај на неказнивоста и да се заштитат новинарите.

Не е доволно само назначувањето на член на неговиот кабинет како контакт-лице по ова прашање што е единствениот конкретен чекор што го направил досега.
Мандатот за специјалниот претставник не би бил само вежба базирана на хартија што генерира повеќе известување. Наместо тоа, тоа би било средство за здружување на релевантните постојни механизми, резолуции и препораки на ООН за да се обезбеди значајна координација и имплементација за да се постигне одговорност за злосторствата извршени врз новинарите насекаде во светот. Назначувањето на специјален претставник ќе гарантира дека добрите намери ќе доведат до реални резултати.
Конкретно влијание е очајно потребно во многу случаи во кои е вклучен РСФ, како и оној на саудискиот колумнист Џамал Кашоги, кој беше убиен и масакриран во конзулатот на Саудиска Арабија во Истанбул во 2018 година.

Многу од случаите се однесуваат на истражувачки новинари, вклучувајќи ја и Дафне Каруана Галиција што беше убиена во 2017 година во експлозија на автомобил-бомба пред нејзиниот дом на Малта. Јан Куцијак беше застрелан во 2018 година заедно со неговата свршеница Мартина Кушнирова, во нивниот дом во Словачка. Белорускиот новинар Павел Шеремет беше убиен во експлозија на автомобил-бомба во 2016 година во Киев, а новинарот Ахмед Хусеин-Суале од Гана го застрелаа трипати во 2019 година, додека се возеше со својот автомобил во Акра.

Постојат многу други вакви случаи. Младиот хонорарен новинар Кристофер Ален беше убиен во 2017 година при известување за граѓанскиот конфликт во Јужен Судан, а Кирил Радченко, Александар Расторгушев и Орхан Џемал беа убиени во 2018 година додека снимаа документарен филм за руските платеници во Централноафриканската Република.
На ваквите злосторства мора да им се стави конечно крај. РСФ повикува на конкретна акција сега за да се стави крај на насилството врз сите новинари, каде и да живеат и да работат. Здружението го повика генералниот секретар на ООН да поддржи формирањето специјален претставник за безбедност на новинарите, а земјите-членки да овозможат и да ја поддржат работата на овој клучен мандат. Конечно, РСФ ја повика и меѓународната јавност, како и носителите на одлуки, да се приклучат на оваа кампања за еднаш и засекогаш да се стави крај на неказнивоста за злосторства против новинари.

Авторот е генерален секретар на „Репортери без граници“ (РСФ)