Да не ја лажеме историјата денес

Историјата може да нѐ лаже нас, но ние не би требало да ја лажеме историјата и лажна да им ја оставиме на идните генерации.
Горенаведената максима ја користам да се осврнам на одбележувањето на 30-годишнината од независноста на Република Македонија. Вистина, помина цел месец од тоа прославување на 8 Септември, но никогаш не е доцна нешто да се дополни и доискаже. За објаснување на периодот и придонесот на личностите во Македонија за одвојувањето од Титова Југославија и за освојување на самостојноста не постои временски рок. Таа река допрва треба да носи и на брегот да исфрла нови факти. Триесет години се многу време во животот на една личност, но само капка во текот на историјата.
Освен свеченото парадно дефиле пред Собранието, триесетгодишнината беше одбележана скромно, срамежливо, да не се случи да се претера со употреба на зборот Македонија. Заслужува фалби одлуката на претседателот на државата, Стево Пендаровски, да им додели и врачи ордени на првите пратеници, тогаш јуначки и срцесто настроени, сега срцево болни, кој од болест кој од разочараност и изневереност. Иако некои од нив се туфкаат и не сфаќаат дека е нормално и природно што сега некој друг става рака на срце, сепак таа радост им го разубави денот, иако нема да им го продолжи животот. Орденот си е чест, ама од орден и од чест не се живее, не носи тој поголема пензија како во социјализмот.
Но како и секоја работа во Македонија и овој чин е изведен до половина. Не е оддадено признание на првата Влада на Република Македонија, која ги спроведе сите собраниски акти, ги трансформира институциите, го спроведе референдумот, во мир ја испрати ЈНА. Истовремено водеше жилава борба за буџетски пари, за нормално снабдување со нафта и бензин, со репроматеријали за индустријата и за храна на граѓаните. А потоа, неколку месеци подоцна, неочекувано падна како жртва на сопствената амбициозност и самоувереност.

По повод годишнината, беа одржани и две манифестации со иста цел, но со различен пристап. Едната беше формалната трибина во Владата, другата научниот собир во Македонската академија на науките и уметностите, кој имаше амбиции да направи осврт од 1941 до денес, но таа цел ја постигна само делумно. Настанот во МАНУ предизвика поголемо внимание поради критиките што ги изнесоа поранешните претседатели на државата, Бранко Црвенковски и Ѓорѓе Иванов, кон сегашната власт и поради создадената атмосфера за намерно минирање на тој собир уште пред да почне.
И композицијата за независноста до ден-денешен е искреирана само до половина. Прво, нема, не се појавија, не се искажале, некои од клучните сведоци. Второ, се зборува само за политичкиот дел помалку или ни најмалку за економскиот. Трето, низ телевизиите и медиумите протрчаа дел вистински упатени сведоци од една страна и незнајковци и лажни сведоци, мили на власта, од другата страна.
Несомнено, централна политичка фигура на македонската сцена во деведесеттите години беше претседателот Глигоров, за што ги заслужува сите признанија. Но не треба да се заборави дека целиот процес почна далеку пред тој да дојде од Белград, по долгиот живот таму. Во Македонија веќе се чувствуваше мирисот на распадот на Југославија. ВМРО, излезено од историскиот гроб, уште формално неосновано, не беше ДПМНЕ, ја туркаше идејата за самостојност. Догоруваа свеќите на комунистичкото управување, улогата на партијата се топеше и во сенка. Последната социјалистичка влада предводена од Глигорие Гоговски веќе имаше направено промени на Уставот, ги подготви и организира првите повеќепартиски избори, имаше подготвена цела платформа како Македонија да го премине Црвено Море на патот што водеше до ветената земја. Не беше тоа некој подвиг на Мојсеј, тоа беше нужност предизвикана од околностите.

Глигоров напиша книга со сведоштва за тој период. Такви книги напишаа и Никола Кљусев, Стојан Андов и Љупчо Георгиевски. Тие мемоари сигурно пренесуваат делови од случувањата поврзани со нив, но тие се повеќе субјективен одошто објективен приказ. Сите по нешто кријат, а ги кријат главните факти. Првите години и основањето на ВМРО-ДПМНЕ не се години на Георгиевски. Без искрени сведоштва на браќата Гојко и Мане Јаковлевски и без сведоштвата на Борис Змејковски (и тие тројца имаат објавено мемоари) никогаш нема да се дознае вистината, како за ВМРО така и за освојувањето на независноста. Браќата од Зубовце беа тие што првите дпмнеовци ги финансираа и прибираа во Берлин, Змејковски беше душата и моторот на организацијата во Македонија. Љупчо беше негово послушно дете. Не Љупчо, кој ништо не кажува за тогашните силни врски со Бугарија, туку Змејковски беше кројачот на револуционерните побуни и цртачот на граници, планови, кои, за среќа, не се остварија.
По заминувањето на Глигоров, Стојан Андов е човекот што сам се прогласи за првоповикан во стројот на апостолите на независноста. Несомнени се заслугите за неговото политичко дејствување како прв претседател на првото повеќепартиско собрание, при што остави неизбришлив белег во процесот на градење на македонската парламентарна демократија. Но таа формална позиција на почетокот ја немаше силата да биде блиску до клучните фигури што ги решаваа државните работи надвор од Собранието, во нивни приватни домови. Нема смисла сега, во новинарски текст, да се спори со Андов поради неговата возраст, но во име на објективноста, може да се каже дека меѓу тие што го подготвуваа и спроведуваа референдумот немаше столче за Андов. Особено кај Кљусев, кој гледаше со презир и затвораше врата за секој сомничав по линија на југословенство и титоизам, а Стојан ја носеше таа опашка од Реформските сили на Анте Марковиќ. Како што му тежат годините така лесно си ги припишува себеси заслугите на другите, особено на оние што не се меѓу живите.

Ниедна историја на македонското осамостојување не може да биде напишана без Петар Гошев, тогашен претседател на СКМ – ПДП, подоцна на Демократска партија. Каков е таков е, не е тој виновен што страда од сопствениот карактер, но Гошев е вистинскиот актер и сведок што ја има боено и гледано големата слика. Глигоров и Андов беа долго отсутни од Македонија, Гошев, иако последен комунистички водач, е тој што прв почна да гори на теренот на одвојувањето од Југославија, на кој изгоре, и за разлика од други не воскресна од пепелта. Остана запаметен неговиот извик дека Македонија не е Вардарска бановина, ненапишана доктрина на која подоцна јаваа сите партии. До него се и Бранко Црвенковски и неговата млада гарда од СДСМ, наследник на СКМ – ПДП. Таа комсомолска вдахновена армија на чело со Бранко веднаш му се стави на располагање на командантот Глигоров, стана негова ударна сила и стабилна логистика.
Најнакрај, ниедна историја за независноста нема да биде вистинита сѐ додека не се отворат архивите и личните досиеја на учесниците во тие настани чувани во Министерството за внатрешни работи, во подрумите на тајните служби. Се разбира, доколу тие архиви и досиеја се зачувани во оригиналната форма, ако не се преправани, доправани и слично, како што правеше Комисијата за лустрација. Кој бил следен, прислушуван, кој контактирал со странски служби, кој подготвувал атентати, низ овие елементи ќе се види скршеното огледало наместо идеалната слика. Од друга страна, многу интересно би било да се објават и стенограмите и разните писма добивани од други држави, од меѓународниот фактор, од личности вклучени по прашањето за Македонија. Низ тие два преплета ќе се види дека бугарските актуелни позиции не се од сега, тие се од првиот ден на независноста.
Како што е кажано во погорниот дел од текстот, овој пат приоритет му беше даден на политичкиот сегмент. Заборавен е економскиот. Малку или воопшто не се зборува за катастрофалната ситуација со буџетот, со динарските, девизните или златните резерви на новата држава, за маките во снабдувањето со пченица, брашно, пченка, лекови. Во тој дел голема и неодминлива заслуга имаат Стопанската комора на Македонија и нејзиниот претседател Душко Петрески, заедно со таканаречена „десетка на стопанственици“, предводена од неприкосновениот успешен балкански менаџер – трговецот Данчо Шутурков. Навистина тие десетмина и неколкумина други ја спасија економски Македонија. Таа заслуга, најверојатно, ќе беше поинаку вреднувана ако нив подоцна не ги прекри одиумот на приватизацијата.

Конечно, тотално беа заборавени медиумите, Македонската радио-телевизија и НИП „Нова Македонија“. Тие беа главни носители на информирањето. Нивните ТВ-архиви и примероците на „Нова Македонија“, на „Вечер“, на „Флака“ и на „Бирлик“, иако под фатена прашина, се живи сведоци за тој период. Кој сака да се наврати на нив може многу да научи и да сфати кој и на кој начин ја лаже современата македонска историја и кој сака таа да биде напишана поинаку одошто навистина била. Додека политичарите работеа на независноста, медиумите ја носеа слободата.

[email protected]