Да не се заборават возрасните

Пандемијата трае, борбата против последиците и во светот и кај нас станува сѐ поактуелна. Во вакви услови се настојува да се вратиме во нормален живот. Во шесте месеци живеење во услови на пандемија на коронавирусот повеќепати ги елаборирав прашањата на самоизолацијата и потребата од релаксација, за поуката од поголема грижа за човекот и човечноста, за економската криза и сиромаштијата, за предвремените парламентарни избори и медиумската писменост и слично. Сега во јавноста сѐ погласно се зборува за тоа кои треба да бидат приоритетите на новата влада. Нормално повеќе аналитичари сметаат дека заедно со справувањето со пандемијата акцент треба да се стави на закрепнувањето на економијата, на малото стопанство и занаетчиството, создавањето ефикасна департизирана администрација, подобро владение на правото и поуспешна борба против корупцијата, но не треба да се запостави и социјалната проблематика за намалување на сиромаштијата и слично.

Поради новонастанатата состојба, во првото полугодие во Фондот на ПИОМ е забележано неостварување на планираните приходи по сите основи што се очекува и натаму да се зголемува. Се ребалансот на републичкиот буџет во мај оваа година се зголемија средствата од трансферот за покривање на дефицитот, со што се овозможи редовно извршување на обврските за исплата на пензиите и за другите корисници на услугите на овој фонд.
Покрај општо наведените приоритети кај пензионерите и другите стари лица се актуализира прашањето на заштита и унапредување на нивниот стандард, враќање и подобрување на целосната здравствена заштита, како и измена на Законот за ПИО во делот за усогласување на пензиите, бидејќи со постојниот усвоен набрзина при крајот на 2018 година пензиите во 2019 година почнаа да се зголемуваат само со процентот од порастот на животните трошоци. На тој начин минатата година пензиските примања историски беа најмалку зголемени, што особено загрижува. Моите процени се покажаа многу точни. Тоа ќе се случеше и оваа година ако не беше донесена одлука од 1 јануари за вонредно линеарно зголемување на пензиите од 5 отсто, односно за 722 денари. Покрај тоа, со усогласувањето од 1 јули пензиите се зголемени само за 0,6 отсто и со тоа просечната пензија сега изнесува 15.405 денари.

Законодавниот дом веќе се конституира и се очекува да се создадат услови за усвојување на повеќе реформски закони условени за пат кон посакуваниот влез во Европската Унија. Во споредба со минатиот состав, бројот на пратеници – стари лица е намален. Но се реизбрани повеќе пратеници, меѓу кои и оние што гласаа за наведените измени во гореспоменатиот закон. Време е пратениците повторно да го разгледаат овој проблем и благовремено да донесат посоодветно решение за зголемување на пензиите во новосоздадените услови и за подобар стандард и на условите за живот на сите стари лица. Клучен за тоа е и долгогодишниот проблем што ги мачи припадниците на оваа масовна популација поради недостиг од нови државни домови за нивно сместување, а што ќе одговараат на нивните ниски материјални примања, но и за стари и изнемоштени лица. Со децении не е изграден ниту еден нов капацитет за оваа намена. Во Македонија има вкупно 40 дома за живеење на пензионери, Фондот на ПИОМ стопанисува со 14 дома од нив, само со 380 станбени единици, главно во Скопје. Најголем дом за пензионери е во Аеродром со 142 легла, потоа во Чаир со 48, Автокоманда 44 и Ѓорче Петров со 30, потоа во Гостивар со 37, Куманово 17, Гевгелија 16, Делчево 13, Крива Паланка 9, Прилеп и Кочани по 8, Свети Николе 5 и Виница 3. Со 26 дома стопанисуваат здруженијата на пензионерите, но со помал број легла. Државни старски домови има само 4, и тоа во Скопје, Битола, Куманово и Прилеп и нивниот вкупен капацитет е околу 450 легла.

Во сите нив се чека подолг период за сместување. Само во Скопје има десетици стари лица што по неколку години чекаат за сместување, што се обезбедува единствено ако некој од таканаречените домци почине. Го имам предвид и тоа дека во последните години се отворени повеќе современи приватни домови за стари лица, меѓутоа сместувањето во нив е многу скапо, особено за пензионери со пониски пензии, кои се во најголем број. Во социјални земји, како што се прокламира нашата, мислам дека треба да се размислува и државата да почне да го субвенционира престојот на стари лица во приватни домови, Истовремено ќе треба да се најдат можности преку јавно-приватно партнерство или со помош од европски фондови што побргу да почне изградба на домови за стари лица и за пензионери во повеќе градови. Секому треба да му биде јасно дека демографски нашата земја старее. Тоа го покажуваат и најновите податоци од Државниот завод за статистика. Првпат во историјата на нашата земја во 2019 година имало повеќе починати отколку родени. Со бројки тоа изнесува 20.446 умрени и 19.845 родени. За пример, споредбено, во 1994 година имало 15.649 починати, а 31.421 новородени, десет години подоцна разликата била 5.387 во корист на новородени, а во 2014 година таа изнесува 3.878.

Најголемо доближување меѓу овие ставки има во 2017 година кога се починати 20.318, а се родени 21.754 со разлика од само 1.436. Во 2019 година првпат има 601 повеќе починати. Секако, покрај намалувањето на наталитетот, на оваа загрижувачка состојба влијание има и зголеменото иселување на младите од нашата држава.
Загрижувачко е и тоа што за минатите шест месеци за време на пандемијата за околу 20.000 е зголемен бројот на невработени, меѓу кои има и голем број млади и стручни кадри, кои излезот за егзистенција ќе го бараат во странство. Поради тоа и грижата за младите треба да биде еден од главните приоритети на новата влада. Во таа смисла е и потребата од поголема меѓугенерациска солидарност и соработка на сите полиња од животот. Во услови на коронавирус и онлајн настава, бабите и дедовците стануваат важна поддршка на внуките и внуците за чување и за домашно воспитување.
Изнесените сознанија, факти и аргументи и во овие услови во нашата земја наложуваат нови реформи за севкупно унапредување на квалитетот на животот.

Авторот е новинар, публицист и експерт за трета доба