Да, македонската нација е конструкција – како и секоја друга

Главен виновник за Бугарија за сегашната состојба, се чини, е самото постоење на македонската нација… Она што е интересно во овој случај е дека ваквата напаѓачка линија првпат се користи за отворена промоција на асимилациски политики, односно за негирање на правото на национален идентитет на некоја држава од страна на друга, која е членка на ЕУ

Владата во Бугарија реши да ги закочи македонските пристапни преговори со ЕУ, пласирајќи го ставот дека Македонците не се „автентична“ нација, туку комунистичка измислица. Истовремено, Бугарија „заборава“ дека националните идентитети се конструкции на 18 и 19 век и дека фактот што некоја нација поминува низ тие процеси подоцна, не значи дека таа е помалку „природна“ или легитимна од бугарската, српската или хрватската нација. Откако во име на евроинтегративните процеси беше истуркан референдумот за промена на името (читај: заради влез во НАТО и слабеење на геополитичката позиција на Русија), македонските соседи што се членки на ЕУ продолжуваат да создаваат нови и нови произволни пречки. Само што овој пат проблемите не доаѓаат од страна на „смирената“ Грција, туку од Бугарија, која се заканува дека ќе ги блокира македонските преговори доколку Владата во Скопје не се согласи со низата новопоставени услови. А тие се однесуваат токму на идентитетот – македонскиот јазик и потеклото на националноста, кои, според Бугарија, не поседуваат сопствени корени. Аргументите на Софија се многу „интересни“. Главен виновник за сегашната состојба (а таа „состојба“ е, се чини, самото постоење на македонската нација) се всушност комунистите! Ова не е ништо ново, ниту пак неочекувано: и порано одредени земји-членки на ЕУ (или самата ЕУ) го истакнувале комунизмот како универзален виновник за сѐ. Она што е интересно во овој случај е дека ваквата напаѓачка линија првпат се користи за отворена промоција на асимилациски политики, односно за негирање на правото на национален идентитет на некоја држава од страна на друга, која е членка на ЕУ.

За бугарската влада, самото постоење на македонската нација претставува „етнички и лингвистички инженеринг, што се случил за време на поранешните авторитарни режими“. Таа посочува дека „новиот“ македонски идентитет наводно им бил наметнат на Македонците од страна на Јосип Броз Тито, инспириран од одлуките на Коминтерната, како и дека самите Срби се обиделе да ги претворат Македонците во јужни Срби. Меморандумот завршува со повик за рехабилитација на „жртвите на комунистичкиот режим“ во Југославија што се изјаснуваа како Бугари, но и за формирање комисија од „експерти“, која би се договорила во врска со „клучните личности и настани од нашата заедничка историја до 1944 година“. Овој меморандум го повторува веќе доста популарниот наратив во однос на „дисконтинуитетот“ во националниот развој, предизвикан наводно од тоталитарните режими – иако, во основа, се однесува само на еден од двата „тоталитаризми“. Имено, кога Бугарија во два наврата ја окупираше територијата на Вардарска Македонија (1915 и 1941), наметнувајќи асимилациска политика, тоа се нарекува „заедничка историја“, а кога Македонија беше ослободена од фашизмот (кој ѝ беше наметнат од истата таа Бугарија), тогаш се работи за „етнички и лингвистички инженеринг на авторитарни режими“. Многу интересна, но не и атипична примена на европските резолуции за „тоталитаризмот“. И како и обично, ЕУ останува нема, што води кон заклучок дека рехабилитацијата на фашизмот за неа претставува помал проблем од демонизацијата на комунизмот. Ваквата пасивност ја сместува ЕУ на иста политичка линија со Унгарија на Виктор Орбан, иако наводно енергично ѝ се спротивставува.

Сево ова креира дополнителни проблеми за владејачките македонски социјалдемократи. Не само што Титова Југославија прва го спроведе во дело создавањето на територијалната самоуправа на Македонија, признавајќи го притоа и формално правото на граѓаните да се изјаснуваат како Македонци, туку нивната партија е и директен наследник на поранешниот Сојуз на комунистите на Македонија. Од една страна, темелите на македонската државност, повеќе од која било друга република во рамките на поранешна СФРЈ, лежат во одлуките на АВНОЈ.
Од друга страна, пак, формалните политички наследници на комунистите се стремат кон политичка интеграција во заедница што истиот тој АВНОЈ го негира, сметајќи го за еквивалент на фашизмот. Истовремено, Партијата на европските социјалисти – каде што членува и македонскиот СДСМ – гласаше за најновата резолуција на Европскиот парламент, со која комунизмот се изедначува со фашизмот. Оттука, исто како и другите европски социјалдемократи, СДСМ е неповратно вовлечен во еден бизарен политички вител, кој во најдобар случај личи на несмасен обид за самолустрација, а во најлош на историски ревизионизам, со кој, впрочем, длабоко се поткопува и сопствената политичка позиција.

Меѓутоа, за оние што повеќе се интересираат за историската вистина одошто за полните со фарса натпревари на локалните националисти, останува прашањето – како всушност се одвивала етногенезата на македонскиот народ? Ова прашање и понатаму е предмет на жестоки полемики во историографијата, кои само во ретки случаи не се „извалкани“ од националистички емоции на авторите и авторките. Сепак, она што е извесно е фактот дека во втората половина на 19 век, поголемиот дел од аграрното население во Македонија станало предмет на експанзионистички аспирации од страна на околните национални држави во зачеток – Бугарија, Србија и Грција. За време на пописите на населението, османлиските власти не обрнувале внимание на етничката припадност, па, така, статистиките за тогашната етничка структура на Македонија се базираат на несигурни процени и драстично варираат во зависност од изворот. Но познато е дека дури и тогаш, и покрај разните надворешни територијални стремежи кон Македонија, полека почнале да се појавуваат тврдења дека Македонците се посебен народ, а поголемиот дел од селското население покажувал индиферентност кон какви и да било национални класификации. Во едни вакви тешки и замрсени политички услови, група составена од радикални ученици на Солунската бугарска машка гимназија, во 1893 година ја формира Внатрешната македонска револуционерна организација, попозната под акронимот ВМРО.

Како што сугерира и самото име на гимназијата, тие се сметаа себеси за Бугари чија цел е обединување на територијата со Кнежевството Бугарија. Меѓутоа, начинот на спроведување на овој план беше посебен: ВМРО се залагаше за автономија на Македонија и Тракија, што подразбираше дека тие области најпрвин треба да добијат автономен статус во рамките на Отоманската Империја, па дури потоа да се обединат со Бугарија. Инспирација црпеа од самиот процес на осамостојување на балканските држави, чиј пат кон независност обично започнуваше со автономија. Тие се надеваа дека на овој начин ќе биде зачуван и интегритетот на македонската географска област, без таа да биде поделена помеѓу балканските држави.
Сепак, онаму каде што се работи за територија, секогаш постојат никулци на национална идентификација. Во наредните 15 години, во ВМРО се појави политичка тенденција што се залагаше за обединување на сите Македонци без оглед на етничката припадност, но и федерална фракција, која беше многу позаинтересирана за интегрално балканско ослободување и создавање балканска федерација. Имајќи го сево ова предвид, не е никакво изненадување што членот на ВМРО и иницијаторот за славното Илинденско востание, Никола Карев, истовремено беше член и на Бугарската социјалдемократска работничка партија, која, најблаго речено, беше непријателски расположена кон националистичките стремежи на бугарската влада и која се залагаше за балканска социјалистичка федерација. Се разбира, ВМРО не престана во своите редови да прима јасно декларирани бугарски националисти, па оттука, суштинските разлики во политичките концепции доведоа до организациски поделби, раскол и конечно, политички убиства.

По Првата светска војна и низата револуции на европскиот континент, проектот наречен Балканска социјалистичка федерација прерасна во Балканска комунистичка федерација (БКФ), како дел од Третата интернационала. Во советска Русија, болшевиците воведоа комунистички слоган за право на самоопределување до отцепување, обидувајќи се (генерално успешно) да ги приближат угнетените народи на поранешното царство до револуционерната политика.
БФК направи обид да ја оживее повеќедецениската соработка помеѓу социјалистичките и националните револуционери, сметајќи дека на Балканот класното незадоволство на селанството се изразува во форма на национализам.
Доказ за добрата реализација на оваа тактика беа настаните како оној со огромниот успех на Комунистичката партија на Југославија во Вардарска Македонија за време на првите и последни слободни демократски избори во Кралството СХС (Срби, Хрвати и Словенци). Шестата и седмата конференција на БКФ, одржани во 1923 и 1924 година, формално го поддржаа македонското право на самоопределување, а истовремено советското државно раководство активно соработуваше со ВМРО, кое беше повторно воспоставено во 1919 година. Мешањето на комунистите доведе до нова поделба во редовите на ВМРО, овој пат на десничарска ВМРО – најпозната по убиството на кралот Александар – и левичарска ВМРО (обединета), која дејствуваше под покровителство на БКФ и чии водечки членови беа комунисти како Димитар Влахов.
Национална историја во челуста на национализмот
Иако во текот на 1935 година – преку креирањето политика на народен фронт – се напушти слоганот на балканската федерација, комунистите и понатаму ги сметаа Македонците за посебна нација, за што беше потврда и резолуцијата на политичкиот секретаријат на Извршниот комитет на Коминтерната, објавена една година порано. Токму ова го имаат на ум бугарските политичари кога ги нарекуваат Македонците „производ на етнички и лингвистички инженеринг на авторитарните режими“.

Федералните планови на КПЈ (Комунистичка партија на Југославија) уште во 30-тите години на минатиот век предвидуваа посебна македонска територијална единица во рамките на идната Југославија. Оваа федерална единица сигурно ќе ја вклучуваше и Пиринска Македонија – доколку се реализираше планираното обединување на Југославија и Бугарија. Меѓутоа, расколот помеѓу Тито и Сталин во 1948 година ги сруши плановите за основање балканска федерација, а потоа доведе и до зачестени националистички тензии меѓу југословенското и бугарското партиско раководство.
Активистите во Вардарска Македонија што себеси се сметаа за Бугари, од кои еден беше и Павел Шатев, станаа жртви на политичка репресија во социјалистичка Југославија. Ама кога бугарските власти повикуваат на рехабилитација на „жртвите на комунизмот“ како Шатев, цинично избегнуваат да го споменат фактот дека и тие самите беа комунисти.
Генерално, може да се каже дека настанокот на македонската нација е резултат од низа комплексни фактори, а не од директиви на некакви карикатурни антибугарски настроени комунисти. Историјата на Македонија и појавата на македонскиот национален идентитет се навистина фасцинантни, особено кога историското „жито“ ќе се исчисти од националистичкиот псевдоисториски „какол“. Ако ништо друго, македонската историја може да нѐ научи за преубавата идентитетска разноликост што постоеше во „преднационалната“ ера, кога некој можеше себеси да се смета и за Македонец и за Бугарин, без притоа да се бори со некаков внатрешен конфликт. Сепак, фактот што етногенезата на македонскиот народ е финализирана дури во дваесеттиот век не ни кажува ништо за наводната легитимност на нечие национално изјаснување или постоење на национална држава.

И покрај тоа што националистите би сакале да создадат поинаква слика (со која нѐ индоктринираат од мали нозе), ниту една нација не е постара од 200 години. Наспроти она што ве учеа додека одевте на училиште, Стефан Немања, Дмитар Звонимир и Самуил не биле Србин, Хрват или Бугарин – секако не во модерна смисла на зборот. Да, македонската нација е конструкција, исто како и бугарската, српската, хрватската, јапонската или етиопската. Тоа не значи дека нечии национални чувства се помалку реални или имаат помалку релевантно политичко значење, но затоа ги прави мошне смешни напорите на државите да го туркаат населението во „трлото“ на одредена нација. Постепено, ваквите напори стануваат и отворено дискриминаторски, бидејќи во суштина, национализмот не претставува-– иако десничарските политичари што живеат од него први ќе го нападнат овој термин – ништо друго освен политика на идентитет.

(bilten.org)