Да имаш свое јас е првиот и основен чекор за да седнеш со најважните шизици

Да, сте правеле компромиси со ДУИ и сте го доуништиле системот, сте ги отепале Собранието, судовите, Уставот…. сè, за „големата слика“ и „поважните работи“. Сега тоа СÈ, ни се мава на сите од глава

Жанета Трајкоска

Сите во одделение сме имале другарче што е фино, простодушно, не прави проблеми, се труди да им се допадне на сите, има добри оценки, но нема свое јас, плашливо е, страв му е да каже што мисли и се обидува да се согласи со најважните шизици во одделението, ама, никој не сака да го дружи. Не е тоа другарче лошо, не е ни омразено, туку едноставно е безбојно, невидливо, неинтересно, па дури и наставниците од толку што е благ, му го забораваат името.

Е па, дечки, знаете што? Тоа е Македонија за ЕУ и за нашите „другарчиња“ од Европа.
Македонија – државата, треба да размисли каква порака испраќа, која е нејзината репутација и имиџ што вака си поигруваат со неа и баш им е гајле дали ќе имаме уште една политичка криза. Да, не е фер што името го сменивме за пустите ЕУ-преговори, а тие ни викаат, чекајте ја Албанија, која во моментов гори. Нo, кој ви кажал дека политиката е фер, посебно меѓународната?! И кој ни кажа дека ако го смениме името сигурно добиваме преговори и брз датум за членство?!

Никако да сфатиме дека покажувањето карактер и грижа за сопствената држава, имањето своја, автентична агенда за развој и неодење слепо по тоа што другите ти викаат дека треба да правиш по дома и како треба да се однесуваш кон самиот себе, да имаш свое јас е првиот и основен чекор за да седнеш со најважните шизици во Унијата или одделението.

За жал, немаме ниту една политичка опција од 1991 г. досега што го направила тоа. Да, сте правеле компромиси со ДУИ и сте го доуништиле системот, сте ги отепале Собранието, судовите, Уставот…. сè, за „големата слика“ и „поважните работи“.
Сега тоа СÈ, ни се мава на сите од глава. Додека не научиме како се сака и се работи за интересите на државата, ќе се однесуваат вака со нас, на истиот начин како што ние се однесуваме кон самите себе и нашата држава.

А во меѓувреме, повторно ќе ни го заборават името.