Датуми ли се датуми, македонски маки големи

Искрено, по изминатиов Црн петок (иако не беше 13-ти) и зборовите ме изневеруваат… Толку орвелијанизам е премногу дури и за некој што го препознавал во секоја пора на општеството, со години. Орвеловата мисла „Ако сакате слика на иднината, замислете чизма врз човечко лице – засекогаш“ – не морате веќе да ја замислувате. Таа е опис на сегашноста пред која најмногу мижат новинарите и интелектуалците. Одлуката на британскиот суд дека Асанж може да се екстрадира во САД не само што го укина новинарството туку и генерално слободата на мисла и говор. Којзнае уште колку време имам за пишување вакви колумни? Не е погребана само правдата во најелементарната смисла на зборот туку е разголена фарсата за независното судство – она со што нам на глава ни се качуваат овие од Западот. Како што вели британски колега правник, идејата за независно судство сега може да се стави во ист ранг со верувањата за Дедо Мраз, велигденското зајаче или самовилата што носи нови запчиња, т.е. стана една од најголемите лаги на модерното време.
Каква иронија на судбината (или можеби уште еден начин на подбивање со вистината и новинарството) беше речиси истовременото доделување на Нобеловата награда за мир на двајца новинари, кои без око да им трепне си глаголеа за слободното и критичко новинарство. Да се викаше Асанж – Навални, или барем да разоткриеше некое злосторство во Кина, веројатно досега ќе го закитеа не само со награда туку и ќе направеа икона од него. Наместо тоа, доби осуда на сигурна смрт поради зборување на вистината: „шампионите на демократијата“ вршат злосторства против човечноста, од Хирошима до денес не престанале! И како сето ова да не беше доволно, го одржаа и првиот самит на демократиите – по американски вкус, на кој Бајден и Блинкен, исто така, глаголеа за мирот, борбата против корупцијата и за заштитата на новинарската слобода. Најтешко од сè паѓа – МОЛКОТ! Молкот на новинарите, кои Асанж го третираат само како една (маргинална) вест од областа на судството или вест од странство.

Да, знам дека очекувате да пишувам за ДАТУМОТ! Да, со големи букви! Тоа е тој наш фетиш, тој наш Дедо Мраз и самовилска бајка, со кој нè анестезираат најмалку двапати годишно (налето и во зима), небаре од тој фамозен датум зависат нашите животи и почетокот на светлата иднина. Над светот паднал мрак, ние чекаме добри вести! Ма, дали сме нормални? Не знам колкумина се денес свесни дека судбината на Асанж е пластична илустрација и на нашата судбина! Во светот во кој фашизмот се разголи од сите досегашни наметки и привиди на демократија, вие сериозно очекувате ДАТУМ и зборувате за реформи? Очекувате чуда, отворање на рајските порти на Тврдината Европа, и мислите дека некој ќе нè есапи како народ и како човечки суштества? Од петокот (а и од многу порано, се разбира) сите неправди врз Македонија и Македонците се чинат толку неважни и ситни. Ја заболе Империјата за тоа дали (ќе) има Македонци – кога на самите Македонци веќе не им е важно тоа. Ним обичните човечки животи им значат колку и тие на бубашвабите! Кога чизмата гази, таа не избира, не дискриминира – исто ѝ е дали се тоа Авганистанци, Ирачани, Сиријци, Либијци или Македонци. Ама, нашиве прогресивци сакаат да веруваат дека нашите животи се повредни од тие на Авганистанците. Приказните за човековите права, за правосудните органи, за правната држава се само приказни! Тие служат за замајување на општествата и луѓето божем желни за слобода и правда, ама само своите! Го заболе некого отсуството на правна држава во некојаси (С.) Македонија, за договорот на Заев и Гаши, за небулозите на некој (голем правнички ум) Маричиќ за меѓународен мониторинг на пресудени судски случаи и политичкиот притисок врз судиите…

Сакате прогноза за тоа што ќе се случува наскоро? Но, внимавајте, јас го имам дарот на Касандра – ќе прогнозирам точно и можеби ќе ви се чини дека претерувам, но нема да мине долго и ќе се сетите дека сум била во право. Од изјавите на политичарите, нивните медиумски мегафони, нивните ментори (како оној Ескобар, кој не е Пабло ама блиску е, Вархеи, или кој и да е друг европски политичар), па и од нивните „интелектуалци“ и професори (кои прекуноќ станале експерти за решавање „културни конфликти“) – само наивен или глупав човек нема да сфати зошто оставката на Заев е како датумот, недефинирана. Немам веќе ни време ни нерви фино и интелектуално да „везам“ ниту да ви цитирам попаметни луѓе од мене: вистината е дека Македонија чекори кон своето тотално самоукинување, поништување дури, бришење од колективната меморија, историјата, географијата и литературата (да го цитирам прочистениот од криминал Бучковски). На конференцијата на Правниот факултет одржана истиов петок, на која зборувавме за 30-годишниот јубилеј на македонскиот Устав, Шкариќ ни ја најави наредната уставна реформа – отворање уште една амандманска промена на преамбулата заради вклучување на Бугарите како конститутивна група на македонскиот (божем) демос, а реално – салата во која (ќе) има сè освен македонски народ.
Не е тешко да се погоди дека меѓу социјалдемократите победил пуленот на Заев, а тоа е толку небитна работа што на човек му се превртува утробата кога гледа колкаво медиумско значење му се даде на тој циркус. Битното е дека она што Заев го ветил кога бил инсталиран однадвор, за време на Шарената револуција, мора да го испорача 102,3 проценти – па, дури потоа ќе му дозволат одење во егзил или судбина на заштитен политичар во пензија. Уставната капитулација е извесна, прашање е на време. Нека не ве залажуваат „врескотниците од Галичник до Река“ по социјалните мрежи. Овој народ е евнуизиран, кастриран, тој веќе и не е народ. Тој трпи колку што ниту еден друг народ не трпел досега. Тој верува во бајки, а борбените „ловци“ над неговото небо ги поздравува небаре носат товари среќа, а не бомби.

Звукот на „аваксите“ е како музика, па исчезнуваат и приказните на нашите постари за напалм-бомбите фрлани врз цивили и запалени цели села, и тоа од овие кои сега ни се сојузници. Војната е мир, мирот е војна. Не знам како е можно да сме толку лоботомирани!? Можеби и таквите како мене, кои одбиваат да замижат, да капитулираат, да замолчат, ќе ги однесат во „собата 101“ – од каде што ќе излеземе или скршени како Асанж или вљубени во Големиот брат.
Можеби колумнава ви нема многу смисла, ама пак – има ли смисла свет во кој е изгубен елементарниот морален компас, во кој злото е прогласено за добро, а доброто за зло? Самитот за демократија е блок против сите оние што се сметаат за автократии и популисти, нова американска коалиција, како онаа на Буш. Самитот беше помалку пребројување на лидерите што положија заклетва на верност пред Белата куќа, отколку порака до „непријателите на демократијата“ – заедно со симболичката војна што веќе се одвива на границите кон Русија и Кина. Во ситуација кога светот само што не отишол по ѓаволите, кога под превезот на демократски блок се гради воен блок против „оние што се против нашите вредности“ (оние што Асанж ги документираше) – има ли некаква смисла она што го зборуваат Бујар или Пендаровски? Има ли смисла некое идно членство во Унија за која и левите сили не се осмелуваат да кажат дека е корпоративна творба, лишена од идеја за хуманизам и праведност, која се брани од цивили како да се бубашваби на нејзините драгоцени граници, која е еден од најголемите производители и извозници на оружје, која политичката коректност ја прогласи за интелектуализам и која своите периферии ги експлоатира и понижува како што тоа го прават империите, дури и ако го одрекуваат тоа?
Простете, ама јас веќе немам ни време ни желба да покажувам разбирање за еврофилите, за оние што го игнорираат светскиот контекст и се фокусирани само и само на „нашата европска иднина“. Светот нема сигурна иднина, а не пак Европската Унија. Ако сакаме да сме искрени: корените на проблемот со газењето на нашиот индивидуален и колективен дигнитет не треба да се бараат во Софија или друг главен град во регионот, туку во Вашингтон и Брисел. А да плачеш да те прифати оној што те гази тебе, исто како и сите други мали „народи-бубашваби“ (само што не те елиминира физички), тоа не е само дефиниција на „шизофрена противречност“ туку и резултат на долготрајно авторитарно контаминирање на умот. Државата не знам веќе каква е, но знам дека владеат заробениот ум и неговите кетмани.