Дали се вративме на почеток?

Македонската култура и уметност акумулираа енормна творечка енергија и дух, кои дојдоа до израз во литературата, но и во другите уметности. Македонската култура не се создаваше на празна подлога, таа беше своевиден континуум што се случуваше во далечниот IX век

Македонија не е дел на светските и европските монархии со долговековно културно обележје, пред сѐ во архитектурата, како на пример Франција или Германија. Но Македонија е дел на една голема глобална култура, која интензивно живееше во антиката, а подоцна беше дел на Византиското Царство, како најзначајни културни и светски трендови во тоа време.
Во современите историски текови постои тренд да се поместат некои значајни обележја што се карактеризираат за македонската култура и да се придодадат на некои наши соседни држави, како онаа несреќна изјава дека браќата Кирил и Методиј се Бугари, како и во сегашноста кога постои тенденција на присвојување на нашето национално богатство во изјавите дека Гоце Делчев е Бугарин.

Ваквите тенденции во сферата на културната и националната политика во односите на Република Македонија со своите соседи ѝ го одзема правото да биде своја на своето и да бидеме горди на она што навистина сме.
Како дел на христијанската, во македонската култура се присутни три грандиозни чинители со епохален историски потенцијал, и тоа:
Христијанизацијата на Балканот;
Богомилското движење, кое длабоко проникна во македонската култура и уметност; и
Охридската книжевна школа – првиот универзитет во Европа, големото описменување на Словените, кое почна од Македонија и се разлеа во целиот словенски свет.
Ова се клучните културни вертикали од кои произлегува целокупното македонско и уметничко искуство.

Како што е веќе познато, процесот на описменувањето на Словените е неразделно поврзан со процесот на христијанизацијата, кога Кирил и Методиј ја создадоа првата словенска азбука и од старогрчки го преведоа Светото писмо. Оттогаш па до денес веќе еден и пол милениум трае борбата за македонската опстојба како посебна култура со свој јазик и своја diferentia specifica во уметничкото создавање.
Македонската култура од своите почетоци па до денес ја карактеризира едно перманентно спротивставување на насилството, кое започнува во IX век па преку драматичните столетија трае до денес. Македонскиот јазик и македонската култура биле забранувани уште од своето создавање. Создавани се монструозни и чудовишни средства за нивното уништување, кои, за жал, не престануваат до ден-денешен.
Само со спротивставувањето на насилството Македонците успеале да ги задржат сопствениот јазик и идентитет. Така црното и црвеното стануваат заштитен знак, одговор на перманентното насилство, што се одразувало врз нашата култура што толку доследно се создавала во далечниот IX век.

Македонската култура е орфејска и дионизиска, (Легендата за Орфеј, кој оди длабоко во пеколот да ја најде својата љубов, но таа останува закопана длабоко во пеколот, а дионизиска во античка смисла, која ја одбележува трагедијата на своето постоење како судбина) длабоко закопана во пеколот за да го изгубиме сето она што од бога ни беше дадено, а потоа како Орфеј целиот живот да тагуваме за она што го имавме, а го изгубивме.
Првата културна вертикала, која трае од IX до XIV век – Охридската книжевна школа е првиот универзитет на кој студираа над 3.500 студенти и говореа на старословенски – македонско-црковен јазик. Токму македонското наречје ќе биде основа на сите преостанати словенски јазици. Климент Охридски од тој јазик ја создаде првата македонска литература со што се ставени темелите на македонската култура и уметност.

За Охридската книжевна школа, Блаже Конески ќе запише дека е „духовно движење кое започнува во IX век па преку драматичните столетија трае сѐ до денес. Таа е еден автентичен словенско-македонски континуитет што ние мораме и денес да го актуализираме иако сме во мал број и да се подготвиме свесно за предизвиците и тенденциите кои доаѓаат со цел да не ја изгубиме предвид една мала но мошне важна култура која се создава на почвата на македонската земја“. Во IX век се родија македонскиот јазик и македонското писмо, а преку Дунав стигнаа до Крим и Волга. Таму во Охрид во Македонија во градот на светлината, таму каде што кога Глигор Прличев првпат го виде извика: „Совршенство или смрт“ таму каде што се удрија темелите на една нова старословенска цивилизација, каде што се создаде нашиот духовно-историски персоналитет, но наедно и македонската автохтона култура и уметност.

Во ова време паралелно со Охридската книжевна школа кога се ставени темелите на македонскиот културен идентитет со свој јазик, во Охрид, во „Света Софија“, се создаваше најстарата Охридска архиепископија каде што македонските архиепископи ги пееја старословенските житија за животот и смртта. Ова е мошне важно да се нагласи токму денес.
Се создаде духовната музика, а сликарството стана симбол на македонската старословенска култура. Во тоа време Охрид станува центар на сиот духовно-христијански православен свет на истокот на Византиското Царство. Овој прв хронолошки најстар период во македонската култура е златната епоха на целата старословенска цивилизација, таа е средиште на нов цивилизациски центар, Охрид е жариште од кое зрачеа културните подвизи низ светот пред сѐ со своите литературни и јазични струења, а еднаква тенденција беше присутна и во ликовните и во музичките струења.

Втората епоха од XIV век до XIX век е т.н. исламски период, тоа е периодот кога се вршело духовно и физичко насилство, времето кога се случи големата панисламизација, времето кога Македонија падна во битката кај Марица во 1371 година. Особеново овој период масовно се раѓаат амовите, џамиите за да се изгуби автентичниот израз на македонската култура создадена во далечниот IX век.
И третиот период во македонската култура, кој се случи во XIX век, е периодот на големата преродба, кога во Македонија се јавува отпорот на панбугаризацијата, пансрбизацијата и панелинизацијата. Овој период на македонската преродба се одвиваше под начелото дека секој оној народ што е духовно покорен е навистина поробен.

Со Мисирков започна овој процес на ревитализација на македонскиот специфичен идентитет, за да се потсетиме кои сме и кои се нашите вистински корени. Ова духовно будење, кое започна со Крсте Петков Мисирков онаа трагична година кога тој го напиша она грандиозно дело: „За македонцките работи“, кое беше основа на македонскиот јазик и култура гореше во центарот на Софија во далечната 1903 година, во исто време и во истата година кога во крв беше задушено и Илинденското востание. „За македонцките работи“ од Крсте Петков Мисирков е фундаментално дело за тоа како се создаваа темелите на македонскиот јазик. Македонската историја и денес се повторува по не знам кој пат.
Охридската книжевна школа силно влијаеше на нашата преродба, а таа, пак, на севкупната култура и уметност во целиот XX век, а и подоцна по Втората светска војна.

Македонската култура и уметност акумулираа енормна творечка енергија и дух, кои дојдоа до израз во литературата, но и во другите уметности. Македонската култура не се создаваше на празна подлога, таа беше своевиден континуум што се случуваше во далечниот IX век.
Во плејадата поети и писатели што се појавија во првата половина на XX век, се јавија и драматурзи, сликари, скулптори, режисери и композитори, кои го разгранија она дрво на културата, кое беше посадено во далечниот век, а кое ние треба да го зачуваме денес, за да знаеме кои сме, од каде доаѓаме и како треба да живееме.
Дали се вративме на почеток?