Дали можеме да ги постигнеме поставените цели?

За да се постигне некоја цел, најпрвин е неопходна мотивација. Мотивацијата претставува желба, поттик да се дејствува со намера да се постигне целта што сме ја посакале. Мотивирани сме да станеме лекари, па се зафаќаме со многугодишно учење, лишувајќи се од многу позабавни работи за да ја постигнеме целта.
Истражувањата покажале дека најбитен елемент за постигнување на целта е, всушност, нивото на мотивација и постоење на самоконтрола. Мотивацијата може да има повеќе извори и затоа луѓето имајќи повеќе желби се ангажираат преку одредено поведение за нивно постигнување. Мотивацијата може да биде внатрешна (да потекнува во самите нас) и надворешна. Надворешната е поврзана со надворешни сили, со влијание на други луѓе или случки. Така, состојбата со епидемијата на коронавирусот е силна надворешна мотивација за развивање стратегии за справување. Од друга страна, внатрешната мотивација доаѓа од самата личност, од желбата да се подобри некоја нејзина активност, за да се постигне одредена цел.

Уште пред неколку децении психологот Маслов претпоставил дека луѓето инхерентно се мотивирани да се подобрат себеси, да го покажат сопствениот потенцијал, да се самоактуализираат преку постапки што започнуваат најпрвин со задоволување на основните потреби (храна, сигурност) до задоволување на повисоки потреби (љубов, припадност и самопочитување).
Најновите истражувања за мотивираноста и за целите што си ги поставуваат луѓето се посветени на расветлување на одговорот на прашањето зошто некои луѓе си прават нереалистички планови за постигнување цели, кои, по сите процени, се осудени на пропаст? Во студијата објавена минатата година од научниците во универзитетот „Св. Марија“ во Лондон се анализираат комплексните односи помеѓу очекуваната награда и напорот вложен за постигнување на целта и притоа се идентификувале два критични стадиуми во процесите на одлучувањето.

Имено, самата одлука нешто да направат, кај луѓето е несомнено поврзана со очекување одредена награда. Кога прават планови за тоа што треба да направат, нивниот фокус се насочува на тоа колку е тоа тешко и кој напор треба да го вложат за да ја постигнат целта (наградата). Клучен момент за постигнување достижна цел е процената на напорот неопходен за тоа што треба да го вложат и да го запомнат токму фокусот врз наградата, за кога ќе дојде моментот да го применат одредениот напор. За да го истражат односот помеѓу напорот и наградата, истражувачите направиле експеримент во кој се вклучени две форми на напор, физички и ментален.
Физичкиот напор се мерел со акцијата да се стисне еден лост, додека менталниот напор се мерел со решавање едноставна математичка равенка.

Учесниците во студијата биле поставени пред разни опции, кои биле комбинирани од голем и мал напор поврзани со мала или повисока финансиска награда и биле прашани да изберат која опција би ја претпочитале. Резултатите покажале сличност во изборот кога се во прашање физичкиот и менталниот напор, и кога активностите се водени од финансиска добивка. Со други зборови, големината на вложениот напор е зависна од финансиската добивка што се очекува за возврат, а не дали треба да се вложи физички или ментален напор.

Ако не сме внимателни во планирањето, може да имаме нереалистички очекувања зашто вниманието го насочуваме само на наградата. Тогаш се соочуваме со реалноста на изборот, сфаќаме дека напорот треба да е многу голем за да се постигне целта. На пример, за да се има некаков здрав животен стил, треба физички да се вежба. Притоа, потребно е да се станува рано сабајле, тоа бара поголем напор, особено ако вежбањето се изведува надвор, на студено во јануари. А целта, таа е здрав животен стил, што некако изгледа далечно, па затоа, многу често избираме да си полежиме наутро на топло во кревет и се откажуваме од вежбањето.

Наградата за нашиот напор најчесто се храна, сексуално задоволство или пари. Истражувањата со помош на функционална магнетна резонанца (фМРИ) покажале дека регионите на мозокот што се активираат при овие награди се слични, но се разликува активирањето на десната или на левата хемисфера. Храната претставува награда кога сме гладни, еротичните слики, исто така, се сметаат како примарна награда зашто се поврзани со битна задача за одржување на нашиот вид, додека парите обезбедуваат преживување во општеството, но се и некаква хумана креација. Клучен дел од мозокот, кој се активира при наградувањето, се базалните ганглии, јадра во предниот дел на мозокот, кои имаат влијание врз моторните и регулаторните функции.

Анализите на фМРИ-снимањата кај многу испитаници покажале дека кога наградата е храна, тогаш се активира левата хемисфера, еротичните слики ја активираат десната, додека парите ги активираат билатерално базалните ганглии. Овие сознанија помагаат во разбирање на мозочните структури инволвирани во процесирање на разни награди и за тоа како донесуваме одлуки. На пример, зошто почесто избираме чоколадо отколку здрав појадок, или како нѐ привлекуваат математиките при инвестирање во некои зделки.
Секојдневно се соочуваме со безброј одлуки со оглед дали постои когнитивната контрола или процесите се поврзани со автоматски, хабитуални одговори, кои ги применуваме за да се изведе некоја задача.

Кои се факторите што влијаат на нашето одлучување? Одлучувањето зависи исклучиво од когнитивната контрола, таа овозможува комплетирање на задачата. Повисокото ниво на когнитивна контрола ни дозволува да завршиме многу тешки задачи, како што се математички проблеми или читање големи текстови, значи, ние очекуваме дека практиката е основа за постигнување високо ниво на контрола во сите времиња. Но во експериментални услови, се покажува дека тоа не е баш лесно: луѓето избираат полесни задачи, а бараат повеќе пари за да ги завршат потешките и вложуваат поголем ментален напор колку што вредноста на наградата се зголемува. Сите овие поведенија сугерираат дека луѓето не одлучуваат автоматски, туку преку повисоки можни нивоа на когнитивна контрола.

Зошто тогаш постои варијација во нивото на контрола? Когнитивната контрола е скап процес, треба да постои еден лимит на тоа колку можеме да вложиме труд. Цената на трудот треба да се разбере како тргување помеѓу нивото на контрола и другите мозочни функции, како и последиците на негативните афективни промени поврзани со тешки задачи, како што е доживеаниот стрес, на пример. За да се разбере како луѓето донесуваат одлуки за когнитивна контрола во реално време, направен е алгоритам наречен „Очекувана вредност на контролата“, кој се фокусира на тоа како луѓето ги проценуваат цената и бенефициите од зголемената когнитивна контрола. Користејќи го овој модел, истражувачите идентификувале ситуации во кои луѓето повеќе избираат да инвестираат поголема когнитивна контрола.

Имено, луѓето брзо учат кога зголемувањето на напорот би ја зголемил вредноста на наградата и така ја адаптираат когнитивната контрола. Тие вложуваат поголем напор ако тоа е во корелација со висината на наградата. Во други ситуации е испитувано како ги адаптираме нашите стратегии при тешки задачи. Имено, кога се има потешка задача, се трудиме да ги смалиме дистракторите (оние околински влијанија што ја смалуваат концентрацијата).
Краен интерес на истражувањето бил да се види дали дел од вредноста за тешка задача може да биде самата работа за себе. Имено, да се вреднува наградата следствено на задачата и напорот вложен за нејзино завршување. Покажано е дека повеќето луѓе сакаат да добијат 40 долари веднаш сега, одошто 80 долари идниот месец. Имедијатната гратификација е битна и затоа се брза со решавање на проблемот.

Колкава когнитивна контрола ќе има една личност зависи од тоа дали по своите лични особини таа е импулсивна или мисловна. Импулсивните реагираат брзо и вложуваат помалку напор за да постигнат повисока цел. Исто така, се покажало дека импулсивните се многу порелигиозни, имено, кај нив важи она „така бог сакал, па затоа не успеав!“
Не треба да се меша когнитивниот стил со интелигенцијата или моралот. Когнитивниот стил има две лица, тој помага да ги постигнете своите цели, но исто така е „поскап“. Затоа не е добра идејата постојано да се ангажира когнитивен напор во екстремен степен. Мислењето е тежок процес, па затоа не треба постојано да се мисли и да се биде обземен со мислење. Но ако препознаваме дека во нашето однесување доминира импулсивен когнитивен стил, тогаш треба да се направи свесна контрола за избегнување на можните неповолни последици.

Луѓето што знаат дека се импулсивни треба свесно да забават и двојно да ги разгледаат резоните на сопствените акции.
Спрема тоа, луѓето се разликуваат во мотивациите за постигнување разни цели. Целите треба да се изберат соодветно на можноста да се вложи доволно напор за нејзино постигнување. И тука е проблемот! Некои си поставуваат превисоки цели, а немаат капацитет когнитивно да го контролираат напорот неопходен за постигнување на целта. Ништо во животот нема без напор, а напорот секогаш донесува награда, независно колкава и да е таа.

Како да работиме на нашите цели? Прва стапка е да се издвојат специфичните, но достижни цели. Што треба да промениме и зошто имаме токму таква одредена цел. Треба да ја идентификуваме целта и да го насочиме вниманието и да ја прошириме мотивацијата за да се постигне таа цел. Некогаш треба одредената цел да се раздели на помали серии од помали цели со задачи што се мерливи. По секое исполнување на овие помали цели, серотонинот се ослободува, а тоа предизвикува задоволство. Рамнотежата помеѓу реалистичкото разбирање на предизвиците и довербата во себе овозможува надминување на проблемите.

Ако хронично сте немотивирани или немате можност да започнете со некоја задача, треба да ги рекалибрирате своите цели, за да не доживеете прегорување („burnout“) во нивното постигнување. Ако немате самодоверба, а не мотивација тогаш можеби сте перфекционист или можеби страдате од депресија, анксиозност или дистимија (апатија) што наложува барање стручна помош. Со други зборови, секогаш поставувајте такви цели што вашиот ментален капацитет ги дозволува!