Дали и колку сме параноични?

Живеејќи во општество во кое напредните технологии овозможуваат непречено следење на движењето и комуникациите со другите луѓе, а подгревани од постојаните известувања за можна злоупотреба на личните податоци, ставени сме во ситуација на несомнена дилема и страв дека и ние самите можеби стануваме жртви на вакви манипулации. Не ли е тоа ризик од појава на параноичност? Како медицински работник уверена сум дека овој начин на живеење станува навистина ризик за појава на многу непожелни особини на нашите личности. Заради тоа, во денешниот напис ќе се задржам на параноичноста како карактеристика на личноста.

Луѓето со параноични карактеристики имаат длабока и неоправдана недоверба во другите, што има значаен ефект на нивните односи со семејството, пријателите и соработниците. Со такви карактеристики, параноичните растројства на личноста претставуваат едно од најчестите растројства, а сепак не се сметаат за вистинска болест. Се проценува дека се јавуваат кај околу 4,41 проценти од општата популација. Овие личности се чувствуваат загрозени од другите, но сепак не сакаат да бараат лекарска помош. Како последица од тоа, многу клиничари скоро да немаат искуство во дијагнозата и лекувањето на овие состојби. Исто така, скоро да нема клинички студии и упатства за нивниот третман.

Луѓето со параноидни карактеристики доживуваат посебна чувствителност кон критицизам, емоционално се ригидни и се постојано возбудени и на штрек. Во 1980 г. Американската психијатриска асоцијација ги дефинира карактеристиките на оваа состојба во статистичкиот прирачник познат како ДСМ-3. Параноичните личности се сомничави, тешко забораваат факти и случки, љубоморни се. Некои лекари мислат дека ваквите особини произлегуваат од извонредно нагласената самобендисаност и непријателство. Параноичноста може да оди сама, но исто така може да е и еден од симптомите на шизофренија, биполарно растројство, мозочно оштетување или дури Алцхајмерова деменција. Со оглед дека параноичните личности ретко се волонтери во клинички студии, многу малку се истражувани и доста малку се знае за нивните особености. Она што е најбитно, е дека тие се сомничави и недоверливи спрема другите луѓе. Тие ги гледаат другите како закана и генерално мислат дека другите ќе им нанесат каква било повреда или ќе ги измамат во нешто. Оваа состојба всушност ги превенира да имаат доверба во другите и да имаат блиски и срдечни односи. Некои други карактеристични симптоми се преголема будност, пречувствителност кон критика, агресивност, емоционална ригидност и екстензивна потреба да бидат сами или сами да работат (индивидуалисти). Исто така, кај овие луѓе не е ретка злоупотребата на супстанции.

За да се постави дијагноза на параноична личност, потребно е лекарите да потврдат постоење на најмалку четири од наведените карактеристики, кои се наведени во ДСМ-5 (најновата верзија на статистичкиот прирачник). Сепак, најбитното чувство кај овие личности е сомничавоста, поради која тие сите мотиви кај другите луѓе ги интерпретираат како малициозни или злонамерни.

Во продолжение ќе ги набројам најбитните особини кај параноичното растројство на личноста:

– сомнение дека другите ги експлоатираат, ги повредуваат, и дека ги омаловажуваат;

– неверување во лојалноста на околината, дури и на членовите од блиското семејство, пријателите или луѓето со кои работат;

– избегнување конфликти заради страв дека другите луѓе можеби тоа ќе го искористат против нив;

– секоја забелешка што им е упатена ја толкуваат како закана без за тоа да имаат каков било доказ;

– постојано негодуваат;

– забелешките упатени спрема нивниот карактер и репутација ги сметаат за несоодветни и реагираат агресивно;

– сомничави се спрема брачните партнери без никаква основа за тоа.

Со оглед на тоа што ваквите особености можат да се најдат и кај болни од некои ментални растројства, поставањето дијагноза параноично растројство треба да биде доста внимателно. Причините за ваквата состојба се доста тешки за идентификување, па затоа дури во 2017 година истражувачите укажуваат на најголемата можност како ризичен фактор. Тоа претставува траума во детството како најбитен фактор за појава на параноична личност. Се наведува дека емоционално, физичко занемарување, екстремно и небазирано искажување бес од страна на родителите се најчестите причини. Во овој контекст, како педијатар, психолог, но и родител уште еднаш ја нагласувам важноста на условите во кои едно дете расте и се развива. Доброто родителство останува најбитен услов за здрави деца!

Понови студии укажуваат на можна генетска причина за ваквото растројство. Најнова студија во Норвешка укажува на слични генетски промени со оние што се најдени кај шизофренијата. Сепак, останува како најверојатна причина лошиот родителски модел во раното детство. Епидемиологијата укажува дека 0,5-2,5 отсто од популацијата има карактеристики за ова растројство, но кај менталните растројства овие карактеристики се појавуваат во 2-10 проценти. Погоре е наведена поголема бројка, која е извадена од Американските статистики. Останува факт дека параноичното растројство воопшто не е раритет. Со оглед на фактот дека за ова растројство постојат многу малку студии, така што лекарите скоро немаат доволно искуство во лекувањето. Сепак, според некои наводи, можеби давањето антиспихотици, антидепресиви или стабилизатори на расположението би биле соодветни медикаменти за смалување на симптомите. Како поборник за внимателна употреба на медикаменти, јас лично не би препорачала никое од наведените лекарства.

Како најбитен момент во помагање или лекување на овие состојби останува когнитивно-бихевиоралната терапија.
Цел на лекувањето би била: поттик личностите да имаат поголема доверба во другите; да престане испрашувањето за лојалноста на членовите на семејството или блиските пријатели; да се превенира реагирање на бенигни забелешки и коментари како закана; да се запре реакција на перципирани повреди од страна на другите со непријателство или бес. Да се поттикне простувањето. Параноичните личности се причина за социјален хендикеп, го намалуваат квалитетот на животот, но можат да им го загорчат животот на нивните блиски, пријателите или соработниците. Особено е опасна манифестацијата на агресија и насилство спрема другите. Поради тоа, ваквите личности стануваат изолирани и осамени, а тоа води кон депресија. Не е јасно колку ваквите карактерни особини се причина за самоубиства.

Токму поради фактот што има малку клинички издржани истражувања за ова растројство, неговата класификација во прирачниците за болести се појавува дури во 1980 година и затоа и лекарите малку се информирани за него.

Најзначаен придонес за разјаснување на овие персонални карактеристики има Теодор Милон, кој цртите на параноичните личности ги класификува во четири категории:

1. карактеристики на однесувањето со зголемена вигилност (будност), иритабилност и подготвеност за контраудар;

2. поплаки за зголемена чувствителност, социјална изолираност и недоверба;

3. динамика за негирање на личната несигурност, ставајќи ја како атрибут на другите, а постоење грандиозни фантазми за себе;

4. систем за справување (копинг), кој подразбира потценување на зависноста и непријателско дистанцирање на себеси од другите.

Како и да е, мислам дека треба да се замислиме како и зошто во нас понекогаш се буди параноичност и со сите сили да се трудиме таа да не прерасне во болест. Всушност, тоа е и целта и улогата на овие написи – информација и сознание.

(Авторката е педијатарка и психолог)