„Даама Ајпааконе“ луѓето

Сево ова што ни се случува е специјална војна спроведена од изопачената западна моќ за промена на името, Уставот, идентитетот и историјата на Македонија.
Тоа е само во твојата небањата глава, затоа што браниш режим и криминал.
Виде дека бев во право? Ги сменија името и Уставот.
Да, ама ни се забетонира идентитетот.
Не, не е точно. За светските политичари и медиуми сме северномакедонци. Слободно провери.

Да, ама сега македонскиот јазик е признаен.
Идиотизам. Македонскиот јазик е признаен како официјален во светот уште со почетокот на Југославија, по Втората светска војна. Сега, напротив, ќе го изгубиме. Бугарија веќе најави дека ќе бара отстапки и околу јазикот. Ќе уценуваат. И за јазикот и за историјата.
Да, ама, историјата да не ти ги плаќа сметките?
Ниту промената на историјата нема да ти ги плати сметките.
Да, ама конечно ќе се интегрираме во ЕУ и во НАТО и тоа ќе ни донесе многу бенефиции.

Во ЕУ сигурно нема да се интегрираме уште најмалку десет години. Сто пати ни го повторија тоа. Од НАТО никој не видел бенефиции. Најмалку финансиски. Напротив, ќе си го плаќаме членството. И ќе мора да учествуваме во нивните посрани војни.
Е па, ај ако не да го вратиме Груевски…
Извини, ама тоа е идиотски начин да побегнеш од овој разговор.
Да, ама кога ти не гледаш дека ни се случува специјална војна со Русија.
Каква војна?
Хибридна бе, хибридна.
Крај на дијалогот.

Хм, наеднаш има специјална војна. Уште и хибридна. Конечно нешто се роди во нивните бањати глави. Освен на шампон и парфем, замириса и на специјална војна. Три години откако таа навистина се случи. Ама па смешна им е специјалкава. И духовита. Нормално е тоа кога ќе ја откриеш кај руски комичари. Што специјални војни истерале Клинтон, Обама, Буш и Трамп со „Симпсонови“ и „Саут парк“. Сега на ред и нашиве, избањати од логика, малку да војуваат. Можам да замислам каква паника го фатила Путин откако беше провален дека Русија води војна со „Северџанистан“. Ова му е втора неуспешна офанзива. Прво го провалија дека делка тотеми на богот Перун низ Водно. Сега дека се преправил во комичар, кој се преправа во Порошенко. Нема играчка со нашиве бањати револуционери.

Знаете за кого пишувам, така? Низ бесконечноста на вселената тие ќе ја пронајдат конечноста на глупоста. И ќе се обидат да ја прикажат како мудрост. Тоа се „Даама Ајпааконе“ луѓето. Нова цивилизација. Вие ги нарекувате шарени. Јас, интелектуална бижутерија. И лажна авангарда. Хистерични апологети на безумноста. Брендирана зомби, грант „ал каеда“. Можете да ги препознаете лесно. Имаат паметење ко златни рипки. Денес вреска против нешто, две години подоцна го воспева истото тоа. Во порнографија има повеќе етичност. Имаат и една многу интересна особина. За роман е тоа. Или за психолог. Се случува нешто. На пример, прислушуван телефонски разговор. Прават скандал од тоа. Шират хистерија. Креваат клади, бараат гилотини. Ама реалноста е заебан играч. По одредено време им го приредува истото. Овој пат тоа им се случува на „нивните“. Чекаш идентична реакција. Или си велиш, ќе одмолчат. Ќе пикнат главите в песок. Не бре брате. Грабаат да релативизираат. Или хистерично бранат. Тоа е опасна човечка особина. Кога човек е опседнат со илузијата за сопствената величина, безгрешност и праведност, кога има месијански став спрема себе, па мисли дека сè што тврди е неотповиклива вистина и кога на таков човек реалноста ќе му залепи сериозна шамарчина, тој човек не го врти понизно другиот образ, не се извинува, не вели, згрешив, погрешно проценив, бев изманипулиран што е крајно човечки, оти сите ние повеќе грешиме одошто постапуваме правилно, не… таквиот човек манијакално обземен од сопствената егоцентричност, себичност и саможивост, одбива да прифати дека промашил и уште похистерично започнува да се тепа со реалноста, да ја напаѓа логиката, да го претвора очигледното во лоша травестија и сè повеќе и повеќе запаѓа во замките на небулозата што станува вистинска гротеска.

Па дали си ти нормален, курвариште едно???
Што е љубави, што се дереш?
Немој ти мене, љубави, која ти е оваа?
Моника.
Која бре Моника???
Мојата секретарка.
И ти право во нашата постела, а? И тоа кога знаеш дека се враќам од работа.
Ама, љубави, па ти на Фејсбук напиша дека премиерот е во елитно друштво со Макрон, Борис Џонсон и други.
Каква врска има тоа?
Па и ти си сега во елитно друштво.
Со кого?
Со Хилари Клинтон.

Не ви кажав, ми го обија станот. Објавив на Фејсбук. Не можам да кажам, ме ограбија. Крадците веројатно останале подзинати кога обиле и влегле. Освен ако не дошле нешто да остават. Некое бубалче, камерче. Тоа ич не ме интересира. Туку, крадциве, каква ли им била реакцијата? Оти крадци љубат фиоки, регали, плакари, места каде што може да се скријат пари, злато. Ха, каков шок! Па кај се фиоките? А регал? Види, само полици со книги. Многу книги. И сега? Сироти крадци. Да упаднеш во стан во миг кога станарот отишол да позајми 1.000 денари, мора да е гадно чувство. Празнотија. Што да земеме сега? Керуак? Достоевски? Твен? Библија? Куран? Селинџер? Довлатов? Есенин? Гинзберг? Фак ме!!! Криво ми е што не ги затекнав. Ќе им сварев кафе. Па ќе им објаснев. Дечки, а бе јас имам земено милиони евра од режимот на Грујо, ама само овие „Даама Ајпааконе“ луѓево, знаат кај ми се. Ни јас поим немам, ни колку точно сум зел, ни каде сум ги ставил.

Кои се тие „Даама Ајпааконе“ луѓе?
Ги нарекуваат шарени. Јас, интелектуална бижутерија. И лажна авангарда. Хистерични апологети на безумноста. Брендирана зомби, грант „ал каеда“. Е тие пишуваа на Фејсбук дека сум зел 100.000, 500.000 евра, па нив прашајте ги. И мене добро ќе ми дојдат.