Груевски однесе полн куфер тајни за смртта на Кенеди што Мијалков му ги шепна на келнерот додека го приведуваа

Кај нас безумието продолжува по својот праволиниски идиотски пат. Само што Груевски доби азил, Мијалков беше приведен. Што си мислите, зошто? Правда и закон? Опасност да избега? Ништо од тоа. Безумна аматерска фарса

Се јави Хан… Јоханес Хан. Бара објаснување од Унгарија за азилот на Груевски. Се работело за кредибилитетот на Европската Унија. Најде кој да зборува за кредибилитет. Силеџијата што нарача „балкански методи“ од Заев за да обезбеди двотретинско мнозинство во Собранието за укинување на Македонија и Македонците. Малиот фирер на Европската Унија. Варварин што глуми цивилизираност. Унгарската влада му порача да си го прочита последниот извештај за Македонија што самиот го пишувал. Јас му порачувам, марш бре!

Повеќе не можам да ги поднесам нивното силеџиство и хулиганство. Ултрашите на Милвол во споредба со „брисељачкава“ бирократска братија ми изгледаат како врвна културолошка придобивка. Изгледа една од причините што сум роден среде ова време и простор е да го посведочам ова изопачено и лицемерно етичко дно на „длабоката држава“, ЕУ и НАТО. Кредибилитет??? Од Лисабонската декларација наваму, Европската Унија нема кредибилитет. Триесет години учествуваат во геноцид врз македонскиот народ. И еве ги сега, преку криминал, противуставни дејства и злосторничко здружување на изопачената светска моќ и октроираната безумна власт, на пат се да ја остварат целта. Но и нив еден ден ќе им дојде крајот. Сеедно што се опиени од сопствената моќ. Нас може ќе нè укинат на хартија, ама ние никогаш нема да престанеме да го сееме семето на македонизмот. Јас знам дека нема да живеам и вадам документи од зомбито Северна Македонија, ама каде и да сум, дури сум жив ќе зборувам за злото што одблизу го запознав. А тоа, злото, може сега ликува, ама еден ден ќе се распадне во смрдлива трулежност.

Одиме понатаму. Кај нас безумието продолжува по својот праволиниски идиотски пат. Само што Груевски доби азил, Мијалков беше приведен. Што си мислите, зошто? Правда и закон? Опасност да избега? Ништо од тоа. Безумна аматерска фарса. Само три дена пред приведувањето се истопори Катица Јанева за да ни каже дека нема притвор за Мијалков зашто овој бил примерен. Пред тоа излезе информација дека Мијалков е заштитен сведок. Да не зборуваме за фактот дека најверојатно тој е организатор на осумтемина бивши вмроовци, кои уценети со затворски казни гласаа за отворање Устав. И наеднаш, Мијалков во притвор. Во ден кога Груевски добива политички азил во Унгарија. Хистеријата на оние што во Груевски гледаат икона за мразење зовре до неподносливост. Плитките умствени капацитети на интелектуалната бижутерија и лажната авангарда не можеа да го поднесат фактот дека оној што го мразат од дното на своето постоење пред нив ќе стане граѓанин на ЕУ. Со нешто мораше да се нахрани гладната за крв „јавност“. Зарем залудно оние „новинари“ како ловечки загари МВР ги шеташи по улици и мрачни влезови? По толку долго оргијање на Фејсбук пред хистеричната публика мораше да се расчеречи нешто во колосеумот на апсурдот.

Апсете го Мијалков, предложил некој, тоа ќе им ја смири хистеријата. Делумно бил во право. Јас, на пример, се сеќавам дека на денот кога Мијалков поднесе оставка, една млада жена, уметник, на Фејсбук напиша дека тоа бил најсреќниот ден во нејзиниот живот. Ебате животот, помислив тогаш, ако таа оставка ми е најсреќниот ден. Можам да замислам каков колективен оргазам предизвикало апсењево. Ама убеден сум дека „апсете го Мијалков за да се смири хистеријата околу бегството на Груевски“ и не било толку лесна операција. Па само пред два дена Катица Јанева рече нема притвор, примерен е. А што ако навистина е заштитен сведок? А фактот дека под негова контрола се дел од пратениците што треба да остварат мнозинство за ликвидација на Македонија? Но, кога апсурдот се наоѓа во ќор-сокак, нормално е да направи бесмислен чекор. А и кога некреативци прават театар, вообичаено излегува невкусна фарса.

Ова е едната страна на трилерот „Груевски – Мијалков“. Другата страна на приказната е далеку полоша за нас. Забележавте ли? По бегството на Груевски и притворот на Мијалков, може и вселенски брод да слета среде Македонија, никој нема да се занимава со него. Оние како интелектуалната бижутерија, прогресивното граЏанство, новинарите што еволуираа од печурки во загари, се будат и заспиваат со омразата кон Груевски и Мијалков. Други живеат на сапунски серии, па можеш да им држиш внимание возејќи ги меѓу напнатост и сеир. Трети живеат туѓи животи, а озборувањето им е единствена „духовна“ храна. Па така, мнозинството народ, од мрак до зори го возиш меѓу напнатост и сеир, терајќи му фарса за туѓи животи, кои може да ги озборува постојано. Во меѓувреме можеш на пример, да им протуркаш, а да не забележат, укинување на Република Македонија и бришење на македонскиот идентитет.
Од денес, ти си граѓанин на лајномакедонија, немаш култура и традиција, твоите предци се Бугари, а историјата ти е грчка.

Да, ама виде како Грујо се преправи во малечката невеста, па кидна од долината на волците, само што оној Мијалков, ми кажа комшијата, а он знаеш, има братучед што има швалерка, која има баџанак што работи во МВР кој тврди, сто отсто, дека началникот кога го приведувале, на келнерот му рекол некоја шифра што гарант значи дека утре-задутре, кога ќе влеземе во ЕУ, он ќе извади прислушувани разговори за Кенеди, па лелеее, како ќе се изнаслушаме.

Неколкумина на социјалните мрежи внимателно забележале дека додека трае сапуницава со братучедите, Собранието си тера антиуставно ликвидирање на Македонија, буџетот за 2019 година се донесе прекуноќ во кој една четвртина пари ќе му ги дадеме на НАТО, државата се задолжи шесто милиони евра, се најави попис без графа за националност и… Да, ама двојникот на Грујо е во Унгарија, а он вистинскиот, всушност отишол во Русија да му пренесе на Путин што Мијалков во шифри му дофрлил на келнерот…

Жална Македонијо, кој да те спаси кога половина народ ти е малодушен, а половина маловерен, една третина се комформисти, другата третина материјалисти, а последната третина се поделила меѓу страст за озборување и хистерична злорадост, кој Македонијо да се жртвува за тебе, кога и на патриотите суетата им е пред љубовта? Македонијо, уште малку па ќе те одмакедончиме!