Груевизмот како највисок стадиум на комуњаризмот

Да бевме држава и нација, ова ќе беше определено во речникот на македонскиот јазик уште пред триесет години, но секогаш мора да се почне од нешто и од некаде. Скромно ќе се обидам да расчистам на почетокот некои нејаснотии околу намерното или ненамерното мешање на поимите „комунист“ и „комуњар“. Комунист е припадник или соидејник на комунистичкото движење во Европа и во светот, член на комунистичките партии и сојузи или нивен соистомисленик, личност со идеи и убедувања за светско братство меѓу луѓето без разлика на нивната расна, национална или верска припадност. Тоа во најголема мера се идеалисти што верувале (а некои сѐ уште веруваат, замислете си само!) дека е возможно да се воспостави општество на слобода, братство и еднаквост. Едни од тие биле мојот дедо, неговиот брат и сестра, сите припадници на комунистичките партии на Грција, на Македонија и на Аргентина. Чесни и доблесни луѓе што живееја и умреа во уверувањата со кои биле задоени. Тоа се комунисти. Комуњари се оние што не биле припадници, следбеници или соидејници со комунистите и не учествувале во партизанското движење и борбата за ослободување, туку во поранешна Југославија и Македонија, по победата над фашизмот, се приклучиле на партијата и системот со цел да остварат лични, семејни и партиски придобивки за еден тесен круг на необразовани примитивци, за една номенклатура што управува со Македонија од 1949 година. Тие, нивните деца, внуци и трабанти се „комуњари“, а не комунисти. Ете, се надевам дека сега термините се јасни?
Драги мои, што се случува со Македонија во последната декада во политиката и во сите сфери на општественото живеење?

Што е тоа што ги создава сите овие конфликти и стои на патот на единството на Македонците, стабилизацијата на политичкото живеење, создавање реално капиталистичко уредување и либерална демократија по примерот на Европа, Америка и другите западни земји и системи, кон кои барем ние слободните луѓе се стремиме. Тоа е внатрешната борба на две крила комуњарски групации, кои од 1991 година, па наваму се борат за примат и власт главно со инструментите и средствата на тајните служби преку заземање на општествениот простор со алатките на поставување потпросечни на позиции што го движат општественото живеење напред и лична, семејна и професионална компромитација на спротивната страна и другите општествени неистомисленици. Толку е. Сето она што денес го прави Зоран Заев, во принцип е пат трасиран од тајните служби на комуњарите (Зоран Вранишковски) преку бугарската работничка партија, основно преку Бојко Борисов. Во 2006 година, Никола Груевски наивно се залета да расчистува со комуњарите преку процесот на лустрација, исто како и Бранко Црвенковски, кој тргна да ги сече пипалата на октоподот, несвесен дека е само пипало од комуњарската структура и дека октоподот управува и со него, повторно преку тајната служба.
Никола Груевски ги препушти тајната служба и длабоката држава на комуњарите, оставајќи го на чело на ДБК ни повеќе ни помалку неговиот прв братучед Сашо Мијалков, дете на комуњарот Јордан Мијалков, поранешен министер за внатрешни работи и припадник на тајната служба, кој во сѐ уште неразјаснети околности загина на службен пат во Србија. Тој настан беше за време на клучните години на престројување на комуњарите од апологети на поранешната Комунистичка партија на Југославија трансформирана во СПС на Слободан Милошевиќ кон поранешната работничка партија на Бугарија (комунисти) денес трансформирана во СПБ.
Со создавање систем на општа корупција, клиентелизам, партизација на државната администрација, афирмација на послушните медиокритети како владејачка елита, маргинализација на слободниот ум и професионализмот, инаугурација на систем на протекционизам, создавање заробена и полициска држава, преку манипулации и прислушувани разговори, Никола Груевски ја градеше новата идеја за новата држава Македонија, замислена како среќна земја на прогресот и иднината.

Да не заборавиме дека системот на владеење преку тајни и нелегално снимени разговори го воспостави и практикуваше како алатка за политичка борба токму Груевски, и сето тоа почна кога тој ја објави онаа фамозна снимка во која Заев се сеќавате, зборува: „Живи луѓе ќе јадеме“! Груевски загина од мечот што самиот го крена. Како што политички ќе загине и оваа креатура од човек што сега владее со мечот на груевизмот, од проста причина што во Македонија не постојат други алатки за владеење. Македонија е држава во која интригантството и шпионирањето се единственото оружје за политичка борба.
Каква е намерната улога на Никола Груевски во сето ова? Јас човекот не го познавам. Само еднаш се имаме сретнато, во Владата, во неговиот кабинет кога презентирав програма за развој на филмската индустрија во Македонија. Значи, сѐ што пишувам е само аналитичка перцепција на стварноста и реалните факти што јас можам да ги согледам. Но зошто го дефинирам груевизмот како највисок стадиум на комуњаризмот? Затоа што целата онаа структура на владеење и власт, особено во периодот од 2008 година, па сѐ до падот на Груевски е класично владеење на комуњарите на кои им беше оставен целиот општествен и економски простор. Груевски создаде систем со комуњарски образец во кој управуваа потпросечни, главно деца на комуњари, чии родители, а и тие самите подоцна беа искорумпирани со цел да ги владее и управува со нив, а преку нив и со државниот систем. Тој создаде систем на општа корупција и клиентелизам, во кој граѓаните беа ставени во функција на политички консумеризам како врв на груевизмот.

Груевизмот на крајот се манифестираше како општествена форма на активизам во политиката со крајна цел остварување лични, консумативни цели преку плати, пензии, награди, проекти, вработувања, партиска елитизација, формализам во исполнувањето на задачите и најлошото од сѐ масовен клиентелизам преку владино простување лични долгови, купување противзаконски узурпирани недвижности и приватизации на државен имот, систем во кој секој добива по нешто ако го поддржува, макар и со молчење. Врвот на таа лага беше визуелниот патриотизам што се темелеше на надворешна фиксација преку апологетство, идеологизација и обожување на минатото со системот на ваучери и државни платени билети за масовна присутност и фестивализација на општествената надградба, особено на културата и уметноста преку поддршка и продолжување на системот на владеење на касти и групации на комуњарите и нивните деца и внуци.
Тој систем се распадна прекуноќ, во една секунда. Зошто? Затоа што комуњарите и комуњаризмот како облик на владеење, кажав и погоре, немаат идеолошка определба, национална припадност и религија. Тие не ги бранат системот и државата, туку самите себеси. Тоа е нотропијата на робот. Откако ќе умре стариот, тој бара само нов господар. Комуњарите се паразити. Комуњарите и комуњаризмот се форма на практикување на државна власт преку паразитизам што се припива на системот, живее и се шири пропорционално со развојот на јавно владејачкиот систем. Паразитизмот што е суштествената содржина на комуњаризмот во периодот наречен груевизам израсна до таа мера, затоа што Никола Груевски, знајно или не, намерно или не, со убедување или наивно тоа не знам, во десет години придвижи и разви систем што го хранеше комуњарскиот паразитизам до таа мера што го надрасна и надвладеа организмот на државата и нацијата. Во принцип, не постои држава и нација што нема форма на „комуњаризам“ и паразитизам. Нема таква држава. Сите си ги имаат своите „комуњари“. Ама сите. Но свесни за тоа, одговорните држави, нации и граѓани живеат во постојана и немилосрдна борба со нив.

Ние, што направивме? Пак ли кај Мисирков ќе се вратиме? Во далечната 2008 година кога Никола Груевски го започна своето ревладеење со идеја за помирување со комуњарите и комуњаризмот и нивно фаворизирање за да им покаже дека може да се живее заедно. Тогаш бев единствен или еден од малкутемина што јавно зборувал дека Груевски ќе биде најголемото разочарување што можеме да си го дозволиме во наредните триесет години. Не сум бил во право само за една работа. Ќе бидат повеќе од триесет, годините на потрага по човек што преку личниот подвиг и моралната и етичка саможртвата ќе се воздигне над комуњарите и комуњаризмот и ќе воспостави систем на живеење, не на владеење, систем на живот во кој паразитизмот нема да биде основната форма на постоењето. Еве, пак, еве сега, еве најотворено предупредувам дека доколку идната власт не го искорени, не го исчисти, не го отстрани, ама од корен да го уништи системот на владеење преку тајните служби и длабоката држава на комуњарите и комуњарскиот паразитизам, за десет години пак ќе се најдеме на истото место. Жалам, ама сѐ друго е неважно.

Новата власт, која и да е, може да проектира и изгради пет илјади километри патишта, пруги, болници, да основа универзитети, институции, да направи економска преродба и културна револуција, чуда да се случат, на крајот тоа ќе биде само храна за комуњарите, комуњаризмот и паразитизмот што ќе се шири и прогресира до ново уништување на сѐ што се создало. Дали можеби единствениот начин за уништување на комуњарскиот паразитизам е да се остави организмот наречен Македонија да умре, а со тоа на паразитот да му се одземе храната? Не знам. Но сосема јасно, комуњарите и комуњаристичкиот паразитизам се хранат со нас. Ние сме храната на тоа зло. Што да правиме со тоа што сме живи? Тоа е прашањето.

Авторот е режисер и универзитетски професор