Границите на западната моќ и тестот за демократиите

Славните денови на исклучива доминација на западните либерални демократии како во периодот по крајот на Студената војна се минато. Ако експедициските мисии за промовирање на демократијата и поддршката на напорите за систем на градење нација преку демократизација ја обележа првата деценија од триумфот на Западот по Студената војна, терористичките напади од 11 септември 2001 го сменија сето тоа. Периодот што следуваше во првата декада на дваесет и првиот век го обележа стратегиската посветеност на справувањето со современите форми на тероризам и технологија, зголемена зависност од сајбер-просторот и поголема меѓузависност помеѓу потрошувачите и производителите на енергија. На самитот на НАТО во Стразбур во април 2009 година, лидерите на НАТО одлучија да го ажурираат тогашниот стратегиски концепт. Новиот документ во тоа време требаше да ја дефинира стратегијата на НАТО за ерата по 11 септември, која се соочуваше со нетрадиционални и неконвенционални закани. Искористување на технологијата, меѓусебна поврзаност, меѓузависноста, децентрализираната и фрагментирана безбедност, заедно со подемот на корпорациите, од страна на некои држави, започна да се користи како можност за да се компензира стратегиската инфериорност наспроти Западот (поточно НАТО). Ваквата промена на стратегиско ниво (позната во академските кругови како хибридни закани) започна да ги окупира дебатите поврзани со националната безбедност низ Западот во потрага по решавање на одговорот на хибридните вектори на закани што значително ја предизвикуваат демократијата. Применувајќи хибридни тактики (комбинација на конвенционални и неконвенционални методи, злоупотреба на технологијата, како и користење недржавни актери за остварување стратегиски цели со цел да ја прикријат поврзаноста и улогата на државата) дел од државите што сакаат да го предизвикаат Западот значително започнаа да ѝ пркосат на демократијата. Анексијата на Крим или нападот врз клучните корпорации (даватели на услуги за национална безбедност на западните армии) од страна на поединци и групации ангажирани од страна на владите на некои држави ја врати во едно хибридно издание на старо-новата геостратегиска конкуренција.
Во исто време, тековната дигитална трансформација продолжува да ги поместува границите на геополитичката сцена, овозможувајќи дејствија преку сајбер-просторот и информациските технологии на подмолен и неконвенционален начин.

Новите технологии, кои се означуваат како информациско-комуникациски технологии ИКТ, апликациите и системите на вештачка интелегенција (ВИ) (посебно во делокругот на машинско учење и роботика), апликациите за виртуелна и аугументирана реалност (ВР/АР), нанотехнологијата, вселенската технологија, биотехнологијата, квантната технологија и сл. продолжуваат дигитално да го трансформираат секој сегмент на нашето живеење, вклучувајќи ја и геостратегијата. Дигиталната промена е мутидимензионална и се одвива повеќенасочно, прелевајќи се преку границите на дигиталниот и физичкиот свет. Ваквата трансформација влијае на постојните бизнис-модели, практиката на консумирање услуги, социоекономските структури, правните и политичките мерки, организациските структури, културолошките бариери и сл. Уште повеќе, оваа трансформација влијае врз начините на кои индивидуите и групите општат и живеат во општеството, работат и општат. Истовремено државите и недржавните актери ја искористуваат оваа технологија преку различните инструменти на политичка моќ, симултано преку различни домени (сфери на дејствување) продуцираат вознемирувачки дилеми, експлоатирајќи ги воочените слабости на западниот свет (пред сѐ НАТО).
Авторитарните режими се покажаа мошне способни да се приспособат на дигиталната трансформација и користејќи ги нејзините бенефиции да воспостават бариери и филтри на цензура и контрола на протокот на информации кон, од и во рамките на нивните територии. Прислушувањето и мониторирањето, сајбер-нападите и пласирањето дезинформации се најчести техники преку кои тие се обидуваат да ја консолидираат, но и да ја шират својата моќ надвор од државните граници. Поради тоа, безбедносните експерти и професионалци се гласни и укажуваат на тоа дека властите на западниот свет ризикуваат значително доколку продолжат да дејствуваат реактивно во крајно несигурната и непредвидлива безбедносна средина.

Истовремено, проблемот е дотолку поголем што за да успеат да ја одбранат демократијата, безбедносните сили мора да бидат подготвени да се справат и со преостанатите безбедносни невоени предизвици (климатските промени, пандемии, масовни миграции). За таа цел, инвестирањето во паметни решенија што ќе ја засилат можноста за командување преку повеќе домени, како краен продукт во потрагата по потребата во мултисекторски решенија за одбрана и повеќеслојна и еластична одбрана, претставува безбедносен тренд. Во остварувањето безбедна и сигурна средина за живеење во модерниот свет, покрај другото, технологијата овозможи собирањето, анализата и обработката на податоците да бидат мошне лесни и да не бидат ексклузивитет само за државните органи туку и привилегија на компаниите. Денес, софистицираните алгоритми за анализа на огромен број податоци, машинско учење и вештачката интелегенција се главни карактеристики преку кои се цени капацитетот на безбедносниот сектор. Благодарение на технологијата, владините но и корпорациските аналитички центри може да складираат голем број податоци, кои ја ставаат приватноста на граѓаните во голема опасност. Ваквата пракса на неконтролирано собирање податоци од повеќе уреди и преку повеќе канали за различни цели (безбедносни или економски/бизнис) ги загрозува идејата и поимот за функционална демократија. Согледувајќи ја опасноста, голем број цивилни организации, академски работници, протагонисти за човекови права, но и меѓународните организации предводени од ООН, па дури и ЕУ започнаа сериозна кампања во одбрана на демократските принципи и заштита на приватноста како сегмент на човековото право. Во таа насока, заштитата на личните податоци е императив во креирањето на политиките на овие организации.
Разбирањето на значењето на дебатата за заштита на приватноста е важно бидејќи со тоа се актуализираат последиците од ваквата пракса.

За ултралибералните критичари, масовниот надзор/преслушување/следење на ниту еден начин не може да биде демократски. Дел од критичарите на ваквата пракса во граѓанскиот сектор (за разлика од академскиот) потенцираат дека актуализирањето на дебатата за приватност во демократските општества е резултат на импактот што таквата пракса почна да го има врз средната класа и елитите, а не само врз одредени маргинализирани групи. Демократизација на надзорот, според нив, дава единствена можност за демократизација на приватноста. Тоа, според ултралибералните критичари, значи дека само поради тоа што проблемот станал толку голем за да ги загрози и привилегираните, движењето за приватност се актуализира и со самото тоа секој обид за трансформација на оваа пракса е проблематичен и нецелосен.
Следен проблем на кој критичарите на надзорот/прислушувањето/следењето се фокусираат и со кој сакаат да ја потенцираат спротивноста на ваквата пракса со демократијата е партнерството со авторитарните системи што ги применуваат овие методи. Во оваа насока, на пример, се истакнува дека криминализирањето на борците за човекови права за да се одбранат практиките на авторитарно владеење од страна на режимите е само по себе напад врз човековите права. Во Саудиска Арабија, на пример, или во некои други земји со ваков режим што му се партнери на Западот целното следење/надзор/прислушување не се одвива во вакуум. Тоа се прави системски и организирано каде што потребата за националната безбедност е само преттекст во напорите да се замолчат борците за човекови права.
Иако заштитата на националната безбедност е императив на секоја влада, доколку остварувањето на оваа должност е погрешна, таквата пракса може повеќе да наштети отколку да помогне.

Во оваа насока, дебатите за изнаоѓање на вистинскиот баланс помеѓу потребата за заштита на националната безбедност и јавното добро и индивидуалните права (и демократските процеси) ја доживува својата кулминација со забрзаниот процес на примена на современите технологии. Во оваа насока почитувањето на човековите права е суштински сегмент во осигурување на процесот на демократско владеење, што претставува антидот на наративот и напорите на авторитарните режими. Иако е точно дека правото на приватност не е апсолутно право, примената на какви било мерки со кои истото тоа ќе се ограничи или наруши мора да биде во согласност со строго дефинирани законски одредби усогласени со меѓународните принципи и стандарди. За таа цел, секоја држава мора да се осигури дека мерките се легални, неопходни и пропорционални. Начинот на кој тоа барем засега се прави не е ветувачки. Во потрагата по поголема безбедност, за жал, многу западни демократии започнаа да наликуваат на она што го презираат.

Авторот е универзитетски професор, придружен професор на Државниот универзитет во Аризона, САД.