Градење држава

Велат дека кај што има сила нема правда, драги мои, и дека бремето во кое е длабоко потоната нашата земја не е само време на активни тектонски поместувања на големите надворешни земјени политички плочи, туку, за жал, и време на меѓусебни судири и уривања на внатрешните македонски политички ридови и планини! Последиците од тоа се отфрлање на сите досегашни идеи, платформи и доктрини за внатрешната и надворешната политика создавани во последните 70 години, направени од најлошиот вид политичари – млади мажи меѓу дваесет и петтата и четириесеттата година! Тие идеи, ставови и доктрини ја доведоа земјата до степен кој еден од најголемите современи теоретичари на правото и политиката Френсис Фукојама го дефинира и определува како состојба на „пропадната држава“!

Иако со Фукојама и неговите теории за тоа што се „пропаднати нации“ и како тие треба да се градат одново не се согласувам во многу нешта, сепак мора да го прифатам со голооко видливиот факт дека Македонија, за жал, не е пропадната држава од рангот на Германија, Јапонија или Југославија по Втората светска војна или на Република Кореја по Корејската војна – туку е дел од групата постколонијални африкански и постреволуционерни јужноамерикански држави!
Сакале ние да ги признаеме или не, и покрај триесетгодишните општествени и економски реформи иницирани и финансиски, организациски и персонално креирани и еволуирани од Соединетите Американски Држави и Европската Унија, во Македонија, драги мои, не е направена ниту една видлива и категорично мерлива промена што го подобрила трајно животот на поголема група граѓани.

Тоа е суровиот факт со кој мораме да се соочиме и да го прифатиме недвосмислено и јасно! Но она што уште повеќе ме загрижува е продолжувањето со системот на политичко владеење на партијата на власт преку ветувања што треба да ја донесат нашата посреќна иднина не преку лично и колективно подобрување туку со психоаналитичко „магично преродување“ на состојбата во моментот кога Македонија ќе стане членка на НАТО и ЕУ! Се работи за незрело однесување, кое ќе предизвика нови и уште поголеми колективни и индивидуални разочарувања со уништувачко дејство врз и онака драматично нарушената доверба и идентификација на Македонците со новосоздадената држава Северна Македонија. Зошто го кажувам ова?

Затоа што неодговорно и лажно се подгрева надеж дека членувањето на државата во НАТО ќе донесе материјална благосостојба, која „трајно ќе го подобри животот на секој граѓанин на Македонија“. За жал, за моја искрена жал, нема да се случи тоа! Не постои подобар доказ дека тоа не е вистина од соседната држава Албанија, која стана членка на НАТО во 2008 година, и денес, 12 години подоцна, таа држава во ниту еден економски параметар не е подобра и поуспешна дури и од Македонија!

Понатаму, постои наратив дека членувањето на Македонија во НАТО ќе ѝ донесе безбедност и ќе ја гарантира внатрешната стабилност, особено дека ќе ги елиминира отворените сецесивни намери на многу политички партии, групи, организации и лобија што протежираат федерализација и сепарација на западна Македонија. Пример за тоа се државите Грција и Турција, кои од денот на нивниот прием во НАТО, во 1952 година, поминале низ неколку воени удари и тотално урнисување на сопствените парламентарни системи, а НАТО не реагирал со ништо и на никаков начин.

И на крајот, се протежира општествена лага дека НАТО е гарант за институционална стабилност, владеење на правото и демократија од западен тип. Пример дека тоа не е така, повторно, се соседите Албанци, кои од денот на нивното членување во НАТО го антагонизираа и растурија и онака кревкиот демократски систем со отворени и непомирливи борби помеѓу опозицијата и власта на ниво на партии, но и на ниво на институции претставени преку претседателот на државата и претседателот на Владата на таа земја, кои се во постојана борба за одземање на сопствените легитимитети!
Апелирам, одговорните во секретаријатот на НАТО, сега откако сме веќе членка и нема враќање назад, веднаш, на јазик разбирлив за одговорните членови на партијата на власт да им стават до знаење дека е контрапродуктивно да ветуваат работи што НАТО не може да ги исполни! Доколку не го направат тоа, ризикуваат многу скоро довербата во таа организација да падне на ниво што никому нема да му врши никаква работа, напротив, ќе почне да создава штета, кон нив, но и кон нас самите!

Убеден сум, за разлика од нив, вие драги НАТО и ЕУ разбирате дека секогаш е подобро порано, на помлада возраст, отколку подоцна да му се каже на посвоеното дете дека тие не му се вистински родители. Така, оставаат можност посвоеникот да ги прифати новата реалност и новиот идентитет и со време да ја прифати таа состојба како прифатлива и поднослива. И секако, драг НАТО, веднаш да поттикнете иницијатива до ЕУ и тие да го направат истото тоа!
Драги мои НАТО и ЕУ! Овие и понатаму продолжуваат да го лажат сопствениот народ дека тие не се одговорни за благосостојбата на нивната држава и граѓани туку тоа е ваша одговорност! Не знам како не разбирате дека тие муфљузи во овие триесет години, со ваши пари, изградија систем на нивна неодговорност за ниту еден општествен, економски, културен, спортски или еколошки проблем.

Прашање на време е, драги мои НАТО и ЕУ, кога овие ќе ни соопштат на вести во седум дека тие не се нашите вистински родители, а ние не сме нивни вистински деца туку посвоеници што подобриот живот треба да си го бараат од вистинските родители Тато НАТО и Мама ЕУ!
И да бидам најискрен, веќе почнавме и меѓу себе да си зборуваме дека има шанса за такво нешто, па дури некои шпекулираат дека тој факт и таа вистина ќе се докажуваат ако треба и со судови, а богами и со ДНК-тестови, кои секако и на секаков начин ќе ја потврдат нашата стопроцентна натоеувска крв! Но се шпекулира и дека некои деца меѓу нас не се согласуваат дека вие сте ни родители, напротив, тие одат дури и дотаму што тврдат дека нашите вистински мама и тате се некојаси Анастасија и Лао Мао, кои не се кажуваат за тоа што се, за да не нѐ збунат уште повеќе од тоа што во овој момент сме и така збунети да не можеме да се соочиме со новата реалност, а таа состојба како и кај секои други адолесценти да предизвика разни непријатни, автодеструктивни да не речам, пу-пу и суицидни идеи!

Затоа, мил НАТО и мила ЕУ, кажете им на овие нашите дека, сепак, ни се допаѓало тоа или не, тие, како наши вистински родители, да нѐ приберат дома, да нѐ седнат еден наспроти друг и да ни ја кажат болната вистина дека ние сме деца на едни пропаднати родители, кои не успеале да одговорат на основната биолошка и социјална одговорност да израснат здрави и воспитани деца! И оттука, ние, децата на ова пропаднато семејство, да се обидеме да создадеме ново, разумно семејство, подготвено да се соочи со фактот дека потекнува од пропаднато, неморално и примитивно семејство на родители, од кое треба да се срамиме, да го паметиме и да им раскажеме на нашите деца и внуци за нивните предци онакви какви што навистина биле: неуспешни и грди!

И така, онака како што Јапонците и Германците се соочиле со фактот дека ја загубиле војната од посилен непријател, дека потпишале за нив губитнички и капитулантски договор, дека се окупирани и администрирани од тој непријател и дека ви преостануваат две работи: првата, да одбиете да се примирите со тој факт и да престанете да правите што бил, и втората, да се зафатите со руините, да ги расчистите и со тој материјал да почнете да ја градите својата нација, од пепелта и прашината. Старите камења во прав и пепел отсекогаш биле одличен градежен материјал!

Авторот е режисер