Горко вино

Драги мои, има една анегдота што се раскажува во моето семејство од мајчина страна, кај Гајдарови. Го прашале дедо ми зошто за Велигден не бил во црква, а тој одговорил: Во бугарска црква, кај што пее српски поп – јас не одам, доксе то Тео! (Фала му на бога, на грчки јазик.) Јас сум православен христијанин, по раѓање. Крстен сум едвај четириесетдневен. Таква е традицијата по нашиве краишта. Децата да се крштеваат доенчиња, од страв, кога смртноста била голема, да не умрат некрстени, а со тоа да останат без спасение! Јас сум православен христијанин. Без да бидам прашан за тоа. За оваа работа кај нас не постои избор. Ова е обрекување. Постои прифаќање или неприфаќање на тоа што го избрале другите наместо тебе. И тука завршува примирувањето или почнува борбата со себеси и со своето обречение.

Јас сум православен христијанин и сѐ повеќе се плашам поради тоа! Јас веќе не одам во храмовите на она што во еден дел се нарекува МПЦ и сосема сум свесен дека со тој чин самиот си одземам од даденоста да се наречам православен. Поради неможноста на кој друг било начин да влијаам врз процесите што се случуваат, престанав да постам во среда и петок и наместо молитва за смирение, од мојот Спасител барам прошка за мојот гнев и бес и оправдание за одмаздата што мислам дека е моја и ми припаѓа без обѕир на последиците од тоа! Јас грешам и се плашам дека повеќе не се плашам поради тоа?! Боже Господе, Исусе Христе наш, мене грешниот помилуј ме!

Драги мои, сосема сум свесен дека ова не е состојба на еден православен осаменик во овие денови на најголемите искушенија пред кои сме поставени и како поединци и како народ во собор со црквата, која веќе сосема е јасно не е ниту народна ниту македонска. Православната црква е заробеник на посткомунистичката псевдолевичарска олигархија, која нејзиното укинување го има поставено како последен чин од историската драма наречена укинување на нацијата и независната држава. И сега, кога со Уставот на Република Северна Македонија е прифатено и озаконето непостоењето на Македонците како народ, сосема логично е да се почне и со процесот на укинување на црквата на таа некогаш постојна нација.

Знам дека многумина од вас ќе бидат гневни на овие редови, но ова е реалноста. Во Република Северна Македонија не постои македонска нација како етничка категорија. Тоа е официјализирано со дипломатска нота, потпишана од министерот за надворешни работи на Северна Македонија, во која тој објаснува дека поимот „македонска“ се определува единствено и само како граѓанска припадност. Разбирам дека ова се непријатни вистини, но мора да се соочиме со фактот на нивното постоење. Се плашам дека прикривањето и премолчувањето на овие и други реалности ќе нѐ води кон нови, поголеми и потешки разочарувања. Драги мои, она што нѐ очекува во блиска иднина ќе бидат години на горчливи отрови што сите ние и секој ден ќе мора да ги пиеме.

Или самоволно или со сила и казни! Јас немам никакви илузии дека тие што ќе ни го нудат тој пелин ќе го наречат лек. И знам дека голем дел од нас ќе го прими тоа во надеж дека тоа што тие денес го прават е нивната жртва за „утрето“ на генерациите по нив. И секогаш е тоа така. Во недостиг од подобар живот сега и тука, некои од нас ќе се согласат на подобар живот таму, некои во светата Европа, а некои на светото Небо! Сеедно, затоа што Европската Унија е нашиот изгубен рај кон кој се сочиме! Европската Унија е рајот што дури и Православната црква го прифаќа и афирмира безмалку како заедничка вредност со која партиципираат во овој најнов левичарско-православен сојуз! Ова другарско господствување почнато во март 1945 година трае како блудна врска сѐ до ден-денес.

И покрај обидот Православната црква да се тргне од рацете на посткомунистичкото болшинство со давање на владеењето на патријаршиските имоти и големата државна поддршка од владите на ВМРО-ДПМНЕ, за нејзино финансиско и организациско осамостојување, мнозинскиот дел од високиот црковен клер застана во одбрана на ставот на СДСМ за укинување на Православната како национална црква на македонскиот народ. И сето тоа само уште повеќе го промени сценариото од тривијална комедија во парадоксална фарса. Првиот чин беше изведен во Струмица, градот што е симбол на изгубената победа на Бугарија во Првата светска војна, кога грчкиот монах Наум со сол и леб, во сведоштво на бугарскиот премиер Бојко Борисов, новоустоличениот болшевистички господар Заев Зоран го хиротрониса во патријаршиската црква „Свети Леонтиј“!

Како да се објасни ситуација во која владение на поранешната српска држава освоено со војна, во грчки манастир ѝ се предава на бугарска црква? Вратете се на анегдотата од почетокот на ова писание! Ако оваа состојба во науката за медицината се дијагностицира како шизофренија, во науката за верата слободно може да се нарече шизмафренија! Не знам како поинаку да се опише ова лудило, во кое секој обид за рационализација предизвикува само поголемо и погрешно духовно поведение на секој што ќе се обиде да се стави себеси во собор со ваквата црква како институција.
Не сакам да му сугерирам никому ништо. Секој ќе си го носи сопствениот крст и секој сам ќе си се бори со искушенијата и со гревот. Таа тежина не може да се подели или приноси од некој друг. Тоа е патот на личната голгота. Драги мои, бидејќи е сосема јасно дека процесот на укинување на МПЦ ќе биде туркан заедно со таканаречениот процес на евроинтеграции и ние можеби нема да можеме да сториме многу во претстојните десетлетија, сепак, што треба да се направи за наредните педесетлетија?

Треба да претпоставиме можност некои други генерации, во некои други околности да можат да произведат некој нов 4 март и да пресоздадат нова Македонска православна црква. Што треба да се направи дотогаш? Потребна е комплетна национализација на црквите и имотот од пред 1945 година, кои не се градени од денешната Православна црква. Сосема е легитимно државата да си го побара назад она што ѝ го дала на црквата, која сега е во процес на самооткажување од врската со некогашната нација. Да не се лажеме, во тек е бракоразводна парница помеѓу црквата и поранешната држава Република Македонија. Затоа идната државна власт треба да ги предржавотвори и претвори во музеи сите цркви градени во Источен Рим и Отоманската Империја, а биле сопственост на цариградскиот патријарх, односно на патријаршијата.

Така ќе бидат зачувани и пренесени на идните генерации. И на крајот на краиштата, ако оваа најнова православна буфонада заврши како Охридска архиепископија во единство со Егзархијата, што ќе им се на Бугарите византиски (грчки) цркви? Зошто Грците би им ги дале на Бугарите? И што со српските средновековни цркви во Скопско, Тетовско и во Кумановско? Како ќе се расчисти таа работа? Најпосле, оние што се родиле и живеат во Македонија, а нема да ѝ припаѓаат на новата црква, имаат право на наследството од своите предци и на имотот што е заеднички на сите православни! Зошто тој имот би бил сопственост на идната бугарска Охридска архиепископија? Сите оние што нема да сакаат да бидат во собор со новата православна црква на Република Северна Македонија, немаат ли еднакво право на вероисповед во црквите и манастирите што ги граделе нивните предци, а ги одржувале и самите тие од 4 март 1945 година до ден-денес? Немаат ли право на црквите и на манастирите градени во историјата и оние што не се православни верници денес, а можеби ќе бидат утре, а нема да ѝ припаѓаат на таа заедница.

Овие и стотици други вакви прашања ќе се поставуваат сѐ повеќе и повеќе. И ќе се очекуваат логични, разбирливи и прифатливи одговори. Се плашам дека сето тоа не води кон православен собор, туку кон православно разединување. Што ако се разделат епархии? Што ако се разделат свештеници од исти цркви? Што ако се разделат браќа и сестри, едни во едната, а други во другата црква? Македонската православна црква беше последното заедничко средиште на оној дел што се нарекува македонски народ. Со поделбата на црквата ќе биде изгубено и тоа.

Не поради верата, не поради соборот, туку поради Бог. Како што нема една капа за две глави, така нема ниту една црква за два народа. Народот е поделен. Останува да се подели уште црквата и тоа е сѐ! „Детс ол, фолкс“! Драги мои, горко ќе биде виното со кое ќе се причестуваме во деновите пред нас. И искушението на Лукавиот. Но, еве, јас го кажав ова од страв да не направам грев молчејќи. Господе Боже, Исусе Христе наш, прости ми ако грешев зборувајќи!

Авторот е режисер