Голем сезонски попуст на народи и држави

Кога долго се живее во општество во кое крвните, семејните и пријателските врски се поставуваат на местото од институционалната хиерархија, се добива тоа што го имаме како наша реалност: обраќање на „ти“, кое личи на демократија, а всушност е знак на изместени вредности. Предолго живееме во семејство на „вујче“, „бате“ или „тате“…

СКИЦИ ЗА ЧОВЕКОТ

Сè почесто се случуваше, пред да прекине класичната настава, студент или студентка да влезат во библиотеката и да ја прашаат библиотекарката: „Професорката Мирјана тука е?“. Без „извинете, да ве прашам“, без презимето на професорката, туку – само титулата и името. Се случуваше, сѐ почесто и ословување само со име, без презиме и без она „професор“: „Мирјана тука е?“ Еднаш седев завртен со грб, и слушнав: „Венко тука е?“ Помислив дека ме бара прв пријател. Зад мене стоеше непознат студент, што не доаѓал на предавања.
Тоа целосно бришење на „административниот стил“ од свеста на младиот човек не е само знак на отсуство на воспитание. Тој „административен стил“ е и важна психологема: укажува на тоа како денешниве генерации ги перципираат институциите. И колку угледот на институциите е опаднат.

Кога долго се живее во општество во кое крвните, семејните и пријателските врски се поставуваат на местото од институционалната хиерархија, се добива тоа што го имаме како наша реалност: обраќање на „ти“, кое личи на демократија, а всушност е знак на изместени вредности. Предолго живееме во семејство на „вујче“, „бате“ или „тате“, за да се однесуваме административно и да покажуваме знаци на „книговодствено“ општество (како што вели Роже Кајоа). Ние сме во преткниговодствената, родовска фаза на сфаќање на општеството и неговите институции. И не е тоа случај само со институтот „професор“, чиј углед е еден од највидливо еродираните денес (а за тоа се виновни пред сè самите професори). Тоа важи и за сите „повисоки“ институти. Нашите медиуми и особено социјалните мрежи се преполни со текстови во кои за луѓе што вршеле или вршат највисоки општествени функции (без разлика на тоа како ги вршеле или ги вршат), ќе прочитате: „Фрчко“ (наместо „господинот/професорот Фрчковски“), „Бучко“ (наместо господинот/професорот Бучковски), „Зоки“ или „Зајко“ (наместо господинот Заев), „Мицко“ наместо Христијан Мицковски, „Рада“ (наместо госпоѓата Шекеринска), а порано и само Грујо, Љубчо и Бранко/Бране (наместо господинот Груевски, господинот Георгиевски и господинот Црвенковски).

Но таа медиумска „фамилијаризација“ не е само желба да се исмеат општествените функции и нивните носители, туку и знак на една псевдодемократска свест дека сите сме АПРИОРИ ИСТИ на ниво на способности. Во моментот на таквото именување, именувачот станува НАЈМАЛКУ ЕДНАКОВ со именуваниот: новинарот станува политичар, студентот – професор, а кафеанскиот „беседник“ може да стане селектор на репрезентација, економист, дури и претседател на државата. Познато е: само еднаквите можат да се именуваат на „ти“ (нашиот народ има изрека – како да сме паселе овци заедно). Со едно такво именување, се бришат сите разлики во образованието (години и години), во искуството, вештините, бројот на научени странски јазици. Сите стануваме еднакви според способностите што, се разбира, не е можно, освен во гнила држава.

Комунистичката еквализација говореше дека сите сме работничка класа и дека сите треба да имаме еднакви права, но не велеше (барем додека не почна да гние поради човечка расипливост) дека сите имаме и исти способности. Затоа, во социјализмот се користеше еден специфичен, прикриен вид именување на „ти“: „другар“ и „другарка“. Тоа беше задолжително титулирање, кое, иако еквализација, не беше директно „израмнување“ како обраќањето само со име или со прекар. Ако некој беше двоен доктор на науки, во моментот кога оној со основно училиште ќе му се обратеше со „другар“, ќе го свртеше „колосекот“ од пругата на образованието кон пругата на хуманитетот: „и јас сум човек како и ти“, значеше тоа обраќање. Во таа смисла, според идејата за „еднаквост како луѓе“, „комунистичкото“ именување беше доста блиско со христијанската заедница, во која луѓето се именуваат како „браќа и сестри христијани“, и во која вредноста (и спасението) на човекот не зависи од бројот на дипломите и докторатите. Тоа социјалистичко именување не газеше преку туѓите способности, зашто ја споменуваше и професијата: секое ословување со „другар“ плус титулата (на пример „другар директоре“), се сметаше за културно обраќање. Хрватите, во онаа Титова Југославија најтешко се навикнуваа на оваа „еквализација“, затоа што имаа долг стаж во австроунгарскиот културен контекст, во кој благородништвото, „сината крв“, семејните грбови и родословија тешко се миреа со тоа поеднаквување.

Но што е сегашново именување на „ти“ и со прекари? Сè ми се чини дека не е веќе само „поеднаквување“, туку и стекнување предност. Секогаш кога ќе кажете „Бучко“ наместо „професорот Бучковски“, или „Мирјана“ наместо „професорката Мирјана Стојановска“ (на пример), вие најдрско одземате дел од вредноста на тие луѓе. И каде ја пикате таа одземена вредност? Во себе. Кога се обраќате така, вие всушност кажувате дека тој човек е преценет и дека има „вишок вредност“, која (вие така мислите) – не ја заслужува, па треба да заврши кај вас, како ваш личен чин на исполнување на правдата. Одземањето на „вишокот вредност“ е карактеристично при именувањето со прекар, скратувањето на презимињата, правењето деминутиви од лично име (Зоран = Зоки). Сите тие постапки се деминутивни, а деминутивот е – смалување, со стилска вредност – потценување. Потценувањето, пак, е одземање на вишокот на вредноста.

„Одземањето на вишокот на вредноста“ е исто така, прочуената Марксова дефиниција за експлоатацијата и капитализмот. Според тоа, секогаш кога некој студент на факултетот ќе праша „Мирјана (Мики) тука ли е?“, тој се однесува капиталистички-корпоративно: зема профит од нешто што не го заслужува (не го „заработил“, прво, знаењето на професорката Мирјана; затоа и е уште студент). Нека проба да именува само со име или со прекар некој директор во корпорацијата во која паралелно работи додека студира, па да види каде ќе се најде. Очигледно, факултетот го нема угледот на корпорацијата: сè уште не им даваме плата на студентите за тоа што слушаат предавања.
Именувањето на луѓето ни е очигледно потценувачко и затоа – капиталистичко. Потценувањето уште се вика и попуст. Така, со секое такво именување ние ги ставаме именуваните луѓе на попуст. Кога многу луѓе од ист род ќе се најдат на попуст, се добива народ на попуст. Кога два или повеќе народа што живеат заедно се на попуст, се добива држава на попуст. А каде што има попуст, има и заинтересирани купувачи. Светот станува капиталистичка корпорација: се купуваат евтини народи и држави на попуст.

Затоа, иако не изгледа така, дури и начинот на кој се ословуваме и именуваме е чекор кон државотворноста. Кој не верува, нека ги земе за пример народите со силен државотворен ген: Хрватите, да речеме. Кога ќе научиме дури и во полемика да се ословуваме како што тие се ословуваат, како стара и негувана култура, со „просим лијепо“, „госпон“ и „уважени колега“, ќе немаме проблем со тоа други да ни ја почитуваат државата, а камоли името. Вака, ќе си останеме само во царството на прекарите и погрдните, деминутивни имиња, како „Македонче“.