Големиот инквизитор: глобализмот (4) (или новиот планетарен систем на робовладетелство)

Немилосрдно пророчки и прецизно. Тоа е тоа што го гледаме денес, сликата на новиот светски поредок на безличен глобализам во кој идентитетот на индивидуата целосно ќе се избрише. Таа ќе биде Земјанка, грне без содржина во неговата празнина што зее тапо во простор/времето. Лично денес сме сведоци на реализацијата на тој погубен глобализациски проект на антихристова бриселска Европа во која се отнати сите вентили на моралот што истекува во апсолутна аморалност од која би се згрозил најголемиот европски моралист Имануел Кант. Отидено е дотаму што не само што е обновена претпотопската библиска слика на Содом и Гомор, туку истата таа е и надмината во аморалноста. Не се работи само за силно форсирање на педерастијата и лезбејството преку организирање спектакуларни паради за нивно промовирање, туку и воопшто за нивелирање, бришење на полот машки/женски што го озаконил лично Бог. Богохулие без преседан. Во старозаветниот Содом Господ испраќа кај праведникот Лот двајца ангели за да го согледаат и извршат попис на блудот во него.

Но неговите жители обземени со мрачен разврат, потонати во педерастија, кога дознаваат за тоа ноќта му ги бараат на Лот ангелите за да вршат сексуален блуд со нив, на што, за да ги спаси, тој им ги нуди своите ќерки. Итн. Епилогот е јасен. Бог ги спалува во сулфурен оган Содом и Гомор, спасувајќи го единствено Лот со неговото семејство, бидејќи не нашол друг праведник тука. А Европа, блудницата вавилонска како што ја викаше Цепенков? Има ли како Лот денес некој праведник во неа што ќе му се помоли на Господ за нејзин спас. Дали се тоа: Меркел, Макрон, Меј… А? А во неа постоеше Македонецот, кој во Троада го викна апостол Павле да дојде во Македонија за да ја причести не само неа туку и Европа со телото (Лебот) и крвта (Виното) на новозаветното Слово на љубовта. Се разбира, Господ прати и ангели за таа причест. Но Безбожничката Европа, гледаме, сè силува разгоропадена во нејзината дионизиска анимална оргија. Ги силува и Македонецот и апостолот и ангелите.

Европа ја обнови претпотопската слика на Содом и Гомор во нова и поблескава аморална светлина, која веќе од поодамна се прелева и надвор од границите на Стариот Континент. И нејзиниот глобалистички проект што го планираат со каубоите од другата страна на Атлантикот ќе биде врамен во таа сатанистичка рамка. Во неа на средина на престолот ќе биде крунисан Големиот Инквизитор, царот на злото, темата што зазема централно место во делото на Достоевски, кој ни ја открива маестрално неговата филозофија и слика, истовремено и со неговиот европски близнак, исто така генијален ум, Ниче. Имено, од сите прашања рускиот писател, кого Берѓаев го дефинира како „истражувач на слободата“ најмногу го мачело прашањето, дали е сè дозволено во животот. Во животот во кој слободата е таа, која по дефиниција ги пречекорува границите и која, како што би рекол и Ниче, стигнува „отаде доброто и злото“ влечејќи ги како хаос по себе нив. Но Достоевски главно слободата ја посматра, таква каква што ја сака и сонува тој, утопистички во подрачјето на Љубовта и Убавината што ги проповеда Христос. Таа е за него христолика. Но тоа е едното нејзино лице, бидејќи таа е и демонолика, темна. Како Кант, и Достоевски смета дека Бог е моралниот закон, законот на Доброто, но неговото семантичко поле за разлика од германскиот филозоф тој го проширува и на естетски план, Убавината, и тука е поблизок до Платон, кој вели дека битието на човекот е составено од две половини, етичка и естетска. Целина. Убавината кај Достоевски по дефиниција го емитува и етичкиот и моралниот принцип. Таа е кај него некој вид супституција на Христос и има сотериолошка функција. Оттаму неговата утопија во облик на откровенски крик: „Убавината ќе го спаси светот“! Но за да дејствува тој принцип, Достоевски знае дека е неопходно постоењето на Бог и верба во него и во неговите начела. Со други зборови, да ја поседуваме во себе супстанцијата на Богочовекот (Христос), што значи да сме обожествени. Да, но рускиот писател, слично како и Ниче на Запад истовремено, откри дека „бог е мртов“, мртов во луѓето што длабоко зацапале по патеката на антихристот, напуштајќи го него. Оттука и резигнирано, очајно тој констатира дека ако нема Бог сè е дозволено. Дозволено е и злото што нема граници. Денешниот Запад (Евроамерика) е јасна слика на таа резигнација. Тој го одбра римскиот робовладетелски, а не македонскиот систем на владеење на космополитизмот, еднаквоста и правдата меѓу народите, визијата на светот како „поле за културен натпревар меѓу народите“ (Гоце). Не, тој не го одбра божественото, туку антибожественото. Не го одбра Христос, туку антихрист, Сатаната. Затоа и стенка светот од притисокот на неговите банки и бомбардери. Затоа и ѝ се случи на Македонија тоа што ѝ се случи: идентитетски холокауст. Затоа ни денес Западот не се откажува од својата волчи нарав; фашизмот. Тој не го асимилира во својата бездушност Богочовекот, туку самиот посака да стане бог, човекобог, или бог-ѕвер. И натчовекот за кој зборува Ниче е тоа. Западот е разгоропаден, безмилосен и моќен во злото кога ќе науми да го прави, и тоа ние Македонците сега добро, премногу добро го почувствувавме. И неговите две крвави светски војни не покажаа ништо друго освен тоа дека тој по себе го влече хаосот, кој во одредени мигови, како што вели Светото писмо, добива димензии на космичка слика на пропаста на светот. Оти „ќе има знаци на сонцето, на месечината и на ѕвездите, а на земјата тага кај народите и неизвесност поради бучењето на морските бранови. Луѓето ќе умираат од страв, очекувајќи го она што ќе го снајде светот, бидејќи ќе се разнишаат небесните сили“ (Лука 21:21, 25,26).
Тоа е кај Лука, но да не одиме кај апокалиптичното Откровение на апостол Јован во кое е дадена сликата на Господовата пресметка со глобализмот на злото. Небаре апостолот во визија ја видел токму денешната планетарна слика на антихристот, на ѕверот што ја прогонува Жената облечена во Сонце. Знаците на монструозниот за човекот обезличувачки проект на западниот глобализам се видливи на секој чекор.

Зарем треба нам Македонците тоа што се покажавме анемични и заспани пред телевизорите, по сè што ни се случи со идентитетскиот геноцид, посебно да ни ги отвора очите. Она што се случува денес во светот е поради недостиг од основниот елемент што ја твори и етичката кохезија на човековото битие – Љубовта. А кога е отсутна таа, отсутна е и Слободата во нејзиниот генерички божествен вид, каква што му ја претстави неа на човекот Христос. Во нејзино отсуство е присутна денес во ликот на западниот моќен антихрист само слободата на злото, кое ги пречекорува сите божествени граници на созданието сотворено според образот на Творецот, кој е отфрлен во името на капиталот и материјалниот профит. И тука доаѓа до целосен израз јанѕата на Достоевски: „Ако нема Бог сè е дозволено“. Таква е денешната реалност, која на планетарно ниво ја турка и создава западниот антихрист – либералкапитализмот во кој нема ни дух ни душа, ни морал ни љубов и кој е аморфен и бесчувствителен како материјата. Но дури и во материјата, како што го покажа тоа модерната физика, па и германскиот романтичар Новалис пред неа, има некоја божествена искра, оти електроните во атомите се полни со оган и внатрешна динамика, емитувајќи ја така микросликата на универзумот како живо присуство на Бог и божественото, она што сега повтел да го уништи човекобогот, богот-ѕвер на лакомиот либералкапиталистички Запад. Да. Но последната книга од Светото писмо, Откровението, или Апокалипса како што се вика уште, на апостол Јован, откако ќе се „разнишаат космичките сили“, а тие се веќе разнишани, нè известува дека божественото ќе тргне во решителна битка против антибожественото. Христос против антихрист за да се изврши во последните денови конечно словото на Правдата, кога праведниците ќе станат од гробовите облечени во бела облека на светлината заедно со живите праведници, а злосторниците што го угнетувале боголикото создание ќе бидат однесени по победата над антихрист пред вагата на Страшниот Суд. Таму ќе биде измерена секоја нивна прашинка на злосторството што го правеле тие. А во книгата на Бог е запишано и злосторството над Македонија и Македонците, на кои, како што нè известува апостол Павле им беше доделена улогата на „светилник во расипаниот свет“, а со тоа и улогата за „спасение на светот“. Ако, пак, некој мисли драг читателу дека претерувам, му препорачувам да ги погледа внимателно посланијата на најревносниот Исусов апостол до Филипјаните и Солуњаните за да се увери во тоа. Оти и не е никако случајно што Павле беше насочуван од небото кон космополитска Македонија, па него во Троада го дочека Македонецот за да го одведе во Филипи од каде што, како што вели и библистот Ренан, тргна Словото кон Европа, која, за жал, не го усвои него. Затоа, имено, е и таква каква што е денес таа. Таа со нашата идентитетска ликвидација се обидува да ги избрише трагите на своето злосторство. За тоа сведочат и некои преводи на Светото писмо кај неа и кај соседите во кои во новозаветната визија на апостол Павле Македонецот се заменува со неутралната безлична синтагма „Човек од Македонија“, само и само да се избрише идентитетскиот знак на народот што се обиде да ја обожестви и христијанизира Европа, која до денес остана непоместена од својот канибалистички пагански нарав. Нејзините колонијалистички проекти над сиромашните и слабо заштитените од кои сега сака да направи глобалистички робови на нејзиниот крвав капитал јасно го покажуваат тоа. Итн. Е, затоа е испланиран од Создателот и Армагедон, што звучи многу слично и на Армакедон, за да се победи конечно злото и да завладее на земјата божествената правда облечена во облека на светлината. Тогаш како мудриот Кант, кој макар имплицитно ја предосетил моралната атрофија на Западот, човекот конечно може спокојно да ги повтори неговите зборови: „Ѕвезденото небо над мене, моралниот закон во мене“. Тогаш кога, како што вели и Хермес Трисмегист, „она што е горе е и долу“. Тоа што го сликале како претстава и нашите средновековни иконописци и фрескосликари во црквите како слика на универзалниот божествен Логос, кој денешната фарисејска црква и во католицизмот, и во православието, и во протестантизмот го згази, кокетирајќи со власта и државата, со антихрист. Да. Христос тоа и го предвиде, го знаеше, па затоа и местото на својата Невеста, која сега големите религиски системи да пратија во политички бордел, го одреди во срцето на човекот, во индивидуата која го рефлектира пламенот на Љубовта и Слободата. Токму затоа, имено, и плука Големиот Инквизитор врз концептот на неговиот аристократизам, индивидуализмот, за кој се многу посвесни и го разбраа Достоевски и Ниче подобро од сите фарисејски синоди на христијанските цркви денес. Големиот Инквизитор не го сака индивидуализмот на Христос, туку сака втопување на индивидуата, личноста создадени според божјиот образ во огромна безлична маса, во роб со кој ќе управуваат тие. Тоа е, драг читателу, и основната замисла на глобалистичкиот западен корпоративен и банкарски антихрист Големиот Инквизитор. Но не е сигурно тлото под неговите нозе. Тој го чувствува тоа и затоа е страшно вознемирен заедно со своите божем невладини и секаков друг вид организации со хуманистичка маска под која се крие ликот на антихрист. Да. Ние Македонците добро го знаеме тоа и затоа како прахристијаните во тишина во себе, но тишина што кутнува огромни дрвја, ја пееме песната „Господе дојди што поскоро“. Дојди за да го избркаш Сатаната од неговиот наум за глобалистичко зло врз човекот. Амин!

(крај)