Гогољ сака да изврши ревизија на Преспанскиот договор

Заев бара чист мандат. Се согласувам со него. Тргнаа како петпарачка шарена револуција по сценарио на Сорос, а завршија пред судот марширајќи низ бурлеска за некаква правда. Да си помисли човек, па овие имаат тим-билдинг за нова шарена бурлеска, откако ќе бидат симнати од власт ако американската амбасада повторно не им скрои мнозинство. Почнаа со балканските методи на Хан и злосторничко двотретинско здружување против македонскиот народ во Собранието поддржани од ЕУ и од САД, по што извршија софистициран геноцид врз Македонија, а еве ги, завршуваат на ист начин, со гротеска при носење закон за јавно обвинителство, шверцувајќи, поништувајќи и газејќи преку сите закони за да можат веќе утре, ако одат во опозиција, да го имаат судството на своја страна.

Каква само четиригодишна гротеска. Ама па кога е гротеска, не може да се претвори во сериозна приказна. Криво посаденото, криво расте. Проблем е што изопачената меѓународна моќ преку своите финансирани медиуми се обидува сите да ги направи малоумни, тврдејќи дека кривото е право. Уште поголем проблем е што македонскиот народ само ја накриви главата, па сега кривото навистина му изгледа право. Оттука го разбирам Заев што бара чист мандат. Нормално, бара чист, бидејќи претходниов беше валкан како посрани гаќи. И секако, барањето е испратено до канцеларијата на ЕУ и Амбасадата на САД, оти само тие можат да му испорачаат мандат.

Доволно за гротеската. Да прејдам на нешто крајно сериозно. Како виршли, на пример. Сведоци сме на сериозен судир во врвот на власта. Откако техничкиот премиер Оливер Спасовски во рубриката „30 прашања со…“ изјави дека не поднесува виршли, му возврати поранешниот премиер Зоран Заев, кој рече дека живее само на виршли. Јавноста се збуни. Поддржувачите на власта не знаат која страна да ја фатат. За среќа, од Стејт департментот се јави Метју Палмер и ја разби мистеријата. Станува збор за руска хибридна агресија под кодно име „хот дог“ преку која сакале нашата северна земја да ја оддалечат од нејзиниот вековен стремеж кон јадење американски бифтек. Па и јас ќе јадев виршли да не бев претседател, ни изјави Стево Пендаровски среќен дека и овој обид за руско влијание навреме бил пресретнат.

Се подбиваш, а Русјаков?

Јас ли? Никако. Изнесувам факти од терен. Спремам протестен марш за правда против руското влијание. Сите што се против Преспанскиот договор, НАТО, Заевото јавно обвинителство и носењето шверцерски закони со европски знаменца се под гадно руско влијание. Ќе маршираме од Собрание до руската амбасада за да го кренеме својот глас против Русија, која сака да се меша во изборите на нашата северна земја. Симболично ќе ги запалиме „Херој на нашето време“ од Лермонтов, „Злосторство и казна“ од Достоевски, „Ана Каренина“ од Толстој, и „Ревизор“ од Гогољ. Се прашувате зошто? Одговорот е крајно едноставен. Каков бре херој на нашето време? И тоа Русин. Херои на нашето време може да бидат Столтенберг, Палмер, Клинтонови, Меркел, а не некојси таму Печорин. „Злосторство и казна“ сака да каже дека за секое злосторство има и казна. Тоа е зла руска пропаганда. Не може да има казна за сите злосторства. А што е со злосторствата од пријателски оган? Како насилна промена на името Македонија, бришење на Македонците од сите графи, распродавање на историјата.

Зарем тоа не беше оган во кој ни изгоре идентитетот запален од нашите меѓународни пријатели? Или „Ана Каренина“. Какво само руско, шовинистичко анти-НАТО срање. Кутрата Ана се вљубила во НАТО-генерал и оној забеган Толстој веднаш ја фрла под воз. Мизогинија, шовинизам и анти-НАТО пропаганда, драги мои. Што па да се каже за „Ревизор“ од Гогољ? Типична Путинова пропаганда и мешање во внатрешните работи на нашата северна земја. Преку својот вмроовски ревизор, Путин сака да изврши ревизија на Преспанскиот договор. Е нема да им помине.
Хлестаков, да каже зошто тој како ревизор сака да прави ревизија на Преспанскиот договор и кои мрачни сили стојат зад него и Гогољ?
Само ти продолжи Русјаков со својот нездрав антизападен цинизам.
Зошто антизападен? Па ние ќе запалиме и некои западни книги.
Какви западни книги?

Такви, западни антизападни книги. Марк Твен ќе гори сигурно. Премногу цинизам и иронија спрема американските традиционални вредности. „Ловец во ’ржта“ на Селинџер шири говор на омраза смрема сè и сешто. Буковски пишува за пијандури и курви, а таквите не се естаблишмент, па гласаат за Трамп. Ерих Марија Ремарк ќе гори цел комплет, книга по книга. Сите романи му се антимилитаристички. А да не беше НАТО, корења ќе јадеше. Само Маркиз де Сад ќе го поштедиме, затоа што си го ставил името на Соединетите Американски Држави во своето презиме. И затоа што од неговото презиме веројатно е извлечен зборот садизам. А ние како познати мазохисти, уживаме кога меѓународната, изопачена моќ се изживува со нас додека нè ликвидира од мапата на светски народи.

За крај, уште неколку детали од секојдневието, кои накратко ми го завртеа вниманието. Паникава со пасошиве ми е бесмислена. Зарем не сфаќате дека тоа е владина реформа да се спречи одливот на мозоци? Во „драмата“ околу кокаинот никој не забележа со каква радост провладините медиуми ја соопштија веста дека запленетиот тон кокаин, всушност бил еден килограм. Па и во мексиканскиот картел не се радувале толку. Молкот на западоидите и нивните амбасади околу очигледниот антисемитизам во Македонија, не е за чудење. Спремни се гасни комори да подигнат за да си го зачуваат геноцидниот проект, наречен Преспански договор. Грците се закануваат на Британија. Бараат итно да им се вратат антички скулптури земени пред двесте години. Британците, најверојатно, ќе вратат со прашање наместо одговор. А зошто воопшто ве создававме како држава, зошто ве проширивме додавајќи ви најголем дел од Македонија, зошто во 1948 година кога македонските партизани ве исплескаа како мали деца, фрлавме напалм врз нив? Па сигурно не за да ве гледаме како играте сиртаки.