Глигоров, името и Албанците (Малески и Андов – виа Глигоров)

Професорот Денко Малески и политичарот Стојан Андов во повеќе статии што ги објавуваат на портали или во весници го спомнуваат името на првиот претседател на Република Македонија, Киро Глигоров. Евоцирајќи спомени од времето кога работеле заедно, кон крајот на деведесеттите години од минатиот век, своите погледи за некои тогашни актуелни прашања и ситуации ги вплеткуваат и оценуваат во денешната политичка конјунктура, не водејќи премногу сметка за вистината и за реалните историски околности.
Немам намера да полемизирам, ниту имам намера да го бранам претседателот, само сакам да појаснам некои нешта, за да не се стекнува погрешен впечаток, како што се стекнува читајќи ги нивните наводи. Го имам тоа право, бидејќи со Глигоров сум контактирал многу често во текот на цели девет години и сум водел разговори за темите што ги наметнуваат Малески и Андов, а тоа се името на државата и односот на претседателот кон Албанците во Македонија. Притоа, не инсистирам дека моите мислења се најмеродавни, тие се само обид да се намалат извртените, лажните или измислените, кои значат подлизување на сегашната власт, а истовремено значат критика за првиот претседател.

За упатената читателска публика е познато дека во своите ставови Малески ја оправдува и ја брани промената на името на Република Македонија преку Спогодбата со Грција, како и барањата на Бугарија за заедничката историја, македонскиот јазик и писмо. Несомнено е дека Малески, на нему својствен стил, низ мека мисла и благоглаголив речник, настојува да ги потврди за успешни договорите со двете земји, да укаже на можностите за решавање на настанатите проблеми. Притоа нагласувајќи и согласувајќи се и за жртвите што треба да се дадат, а се поврзани со историското минато и националниот идентитет на Македонците. Продукцијата и изведбата се во модерен дипломатски стил, што не е далеку од лицемерство, поткрепени со теоретски знаења од неговата професорска упатеност во меѓународната политика и право. Секако дека на овие аргументи, како густ шлаг треба да се додадат искуствата стекнати од краткиот престој во домашната политика, кога беше на функцијата министер за надворешни работи, (прв) на независна и суверена Република Македонија.
Нема потреба да се докажува дека Малески има приврзаници и поддржувачи за она што го пишува, објаснува, застапува или го предлага како пат за излез, што е нивно неприкосновено право. Но дали во редовите на поддржувачите би се нашол, дали би се согласил претседателот со Денковите ставови и предлози? Глигоров, кој беше практичар, не теоретичар, кој цели 45 години релативно лесно ги одминуваше сите чистки во строгите комунистички редови, и на југословенско и на републичко ниво, ретко кога изнесуваше, уште помалку наметнуваше цврсти ставови. Секое посложено прашање го ставаше на потежок кантар, го одложуваше да преспие, да се консултира со оној со кого сметаше. Како стар, искусен лисец, имаше голема способност да го ислуша соговорникот без да му го прекинува говорењето, на крајот да рече – така е, но најчесто да постапи поинаку, по своето убедување.

Така и за името. Претседателот уште од денот кога се наметна тоа прашање беше свесен дека Република Македонија мора да направи нешто со името, дека ќе биде нужна додавка, суфикс или префикс (збор пред или по зборот Македонија). Мора да се признае дека со извесна леснотија го прифати акронимот БЈРМ (ФИРОМ) во Обединетите нации, свесен дека ќе биде критикуван и нема да му биде заборавен тој нужен потег, како што и се случи, а се критикува до денес. Беше свесен за моќта, силата и влијанието на ВМРО-ДПМНЕ, од чии непредвидливи постапки постојано чувствуваше некаков потаен страв и внимаваше да не ја доведува ситуацијата до усвитеност, околности што често му ги врзуваа рацете. Во тој контекст беше изречена и неговата заблуда дека акронимот ќе трае неколку месеци, а траеше две децении. Откако не се оствари тоа, Глигоров веруваше дека времето работи во наша корист и дека по признавањето од страна на повеќе држави, Македонија ќе се најде во поповолна позиција. До тоа не дојде, па може да се заклучи дека немал визионерски погледи, ако се суди политички строго.
Но која е другата страна на медалот? Кај претседателот доаѓаа лидери на големи земји, понискорангирани службеници, дипломати, разни анонимни емисари и слично, кои предлагаа разни форми на постапки за промена на името. Тој процес никогаш не беше запрен, како ни преговорите (разговорите) што се водеа во Њујорк меѓу преставниците на Македонија и Грција. Извртени беа стотина варијанти. Глигоров бараше солуција, даваше согласност за ново име, но секогаш со почитување услови и од наша страна. Поточно: Глигоров прифаќаше ново име само за надворешна употреба, никако за внатрешна, ерга омнес по никоја цена.

Таквите предлози ги отфрлаше со, нему својствена, хуморна индигнација пред кој било соговорник, странски или домашен. Мислеше промакедонски, не проевропски, според новите вреднувања на нештата. Не треба да се заборави дека зад тој јасен и јавен став стоеја Собранието, Владата, релевантните национални институции и сите партии, на чело со ВМРО-ДПМНЕ. На тој план беше мошне активен самиот Стојан Андов, и како претседател на Собранието и како пратеник и како Македонец, кој во неколку наврати нудеше платформи, сепарати и други издржани документи. Конечно, ставот против ерга омнес беше општомакедонски став, тогаш беа многу далеку, колку изгрејсонцето, условите за НАТО и за ЕУ.
Сега малку за историјата поврзано со Бугарија. Иако неговите позиции за периодот 1941 – 1944 некои ги оценуваат како контроверзни, Глигоров беше не само познавач и сведок туку и учесник во воената историја на Македонија. Слободата и формирањето на АСНОМ ги сметаше за круна на македонската борба за самостојна држава, како и за дефинитивно потврдување на самобитноста на македонскиот народ. Неговото мислење беше дека македонскиот национален идентитет е бетониран и нема сила на светот што може да го доведе во прашање, ниту пак македонскиот јазик и писмо. Тие прашања тој ги сметаше за „одамна завршена работа“.
Моето лично мислење е дека, тој лично, повеќе симпатија имаше кон Грција одошто кон Бугарија, кон која имаше благ подозрив поглед, не им веруваше многу-многу на зборовите на бугарските колеги. Поради тие причини имаше повнимателен став, таква внимателност кон македонско-бугарските односи бараше и од законодавната и од извршната власт. Вистина е дека изјави оти Македонците немаат врска со античките претходници, но го потенцира словенството, изјава што, исто така, наиде на критики и потсмешливи коментари. Но потенцирајќи го словенството, потврди дека Македонија има стара средновековна историја, за која Денко Малески вели дека ја немала, дека Македонија постои од 1944-та. Од таквите ставови, да може да ги чуе, Глигоров по трипати дневно ќе се превртува во гробот, народски речено. Толку за Денко.

Во многуте текстови со сеќавања, господинот Стојан Андов пишува за неговите средби, состаноци, разговори и заеднички државнички активности со Глигоров, не изоставувајќи и лични мислења и заклучоци, кои нема кој да ги провери, потврди или негира. Во секој случај, Андов настојува да докаже дека бил попаметен, похрабар и поважен од претседателот, дека во најделикатните моменти му давал важни совети и дека во повеќе наврати „ја спасувал ситуацијата“ (читај државата). Најверојатно некој хроничар ќе направи обид да изработи студија за односите меѓу овие двајца, кои речиси никогаш не беа пријателски или искрени еден спрема друг, но тоа е друга тема.
Едно од Андовите понови мислења е дека Глигоров, за разлика од него, „го потценувал прашањето за меѓуетничките односи во Македонија“, поточно односите меѓу македонскиот народ и етничките Албанци. Може да се смета за вистина дека претседателот имал поинакви ставови за Албанците во Македонија за разлика од подоцнежниот развој на настаните во државата, особено по воениот конфликт во 2001 година. Но на тоа прашање му приоѓаше со нужна внимателност и со почит кон албанската заедница. Факт е дека во првите години на Македонија гледаше повеќе како на мултикултурна, а не на мултиетничка држава, став што подоцна, по сила на околностите, го коригира и прифати.

Водачите на албанските партии го сметаа Глигоров за тврд соговорник, просрпски настроен, иако, во својата лична политичка свест и совест, барем за мене, беше благ македонски националист. Но никој не може да ги одрече фактите дека претседателот беше првиот што, по падот на владата на Никола Кљусев, јавно изјави дека не може да има македонска влада без соодветно учество на Албанците, едно од недоразбирањата што ги имаше со кандидатурата на Петар Гошев за премиерското место, кој не го прифаќаше тој услов. Глигоров по својот политички хабитус не беше човек што бара конфликти, секое прашање настојуваше да го решава низ дијалог и со пошироки консултации. Недоличната (зло)употреба на неговото име кога не може да одговори не води кон утврдување на фактите и вистините.

[email protected]