Гетсеманската градина (1)

Беше тоа ледената слика-визија за пропаста на светот, визија-знак дека е напукната неговата оска и дека до Армагедон, или Армакедон, сеедно, во бездна ќе се урне тој. А таа страшна слика беше сликата-визија и за малото стадо, она на кое алудира Лука во Новиот завет…

Го мина свијокот низ маслинарникот, праглас на Јахве полн со искон во кој маслините како монаси беа исихастички во молитва, претходничка на онаа што требаше по кратко време сега да ја врши Синот Божји пред да ја испие досудената чаша на болката и раната за спасение на грешниот и во злосторство свет. А сето тоа уште пред создавањето го знаеше Тој. Одеше бавно, ама во секој негов чекор имаше по едно столетие, а зад него како тешки сиви облаци, во кои како да заспале во длабок сон громовите и молњите, се влечеа тромо апостолите. И се искачи со нив најпосле Тој на возвишинката бакната со студениот образ на вселената. Стапна во Гетсеманската градина, која наеднаш му се стори чудна, оти виде како, како исплашен да е, почна да бега просторот сосе времето и далечините од неа, оставајќи ја сама во голата бездна на, се чинеше, бескрајната ноќ и тага. Го пронижа од тоа Него јанѕа и некој леден бран од космичката празнина удри во неговото чело.

Беше сега таа градина полна со метафизички пупки што треба да отворат цвет сал врз надгробен камен, најстрашно и најосамено место во вселената. Беше архижиг на Отецот удрен врз душата на болното човештво за да го држи во несоница, иако легнато веќе на мртовечки одер, постоењето од кое тоа создаде мртовечница. Архижиг-мôра што ќе го потсетува него на злосторството на Голгота. Гетсеманската градина, остров среде молкот страшен на бескрајот и вечноста. И, таква, таа му заличи на првиот давеник зграпчен од првата капка на создавањето што го носеше заедно со него и морето во себе, пред да се истури од неа и да грмне во брегот гранитен на материјата, ама, минувајќи ја тенката црта на животот, и во небранетото срце на човекот по изгонот од Едем, а потоа да ја запее на сет глас во име на Отецот, Синот и Светиот Дух химната на постоењето, настрана од смртта, болката и раната. Бескраен молк ја опашуваше градината. Молк тежок како капакот што се спушта врз ковчегот на мртовецот, затворајќи го сосе пурпурот што го собрал од сите изгреви и залези во животот тој, стаен и легнат под неговите клепки за да тлее, изгрева и заоѓа повторно до воскресение во гробот.

Ни звук ни глас, ни ут ни утка да го озвучат опелото во кое безнадежно легнал светот. Како да ја повлекол од сè, од животните, растенијата и материјата Светиот Дух искрата на животот и само со одвај тенка светлинка, мртовечки скапната, штрека горе лозјарникот ѕвезден на вселената. Да. И глеј, како заклани ангелски глави се зрната-ѕвезди во него. Се вгледа Синот Божји во тој очаен пејзаж исткаен на разбојот на меланхолијата и надземи и подземи, во кристалите и во сјајот на скапоцените камења, знак дека е одведена на губилиште и заклана невиноста на светот, и дека само крвта на Спасителот треба допрва да ја оживее неа миејќи ја од калта на злосторството.

Калта два милениуми и кусур по случката страшна во Гетсеманија што ја фрлија злосторниците и врз лицето божествено на Македонија. А Тој го знаеше тоа оти гледаше и назад и напред во времето. На дланка заедно со просторот му беше тоа, со сите атоми, кванти, електрони, секунди, часови, милениуми, сончеви ери. И ја виде во тој божествен хаос и ред Тој и Троада што блеска како скапоцен камен во светската ноќ, и Македонецот во неа, дијамантска карпа врз која треба да се построи новиот божји храм за причест на безбожната Европа. Македонецот што го пресретна апостол Павле и го викна да дојде во Македонија, да ѝ помогне и литургиски да ја возвиши и подигне до образот, богообразна, на Отецот горе неа. Да го посее на нејзината скудна, ама оплодена со искрата на Светиот дух почва семето на својот Логос, на Сељубовта што го исполнува секој атом на вселената од дното до врвот, прелевајќи се над рабовите. Ама човекот заслепен од даровите подли на Сатаната не го виде ни спозна тоа. Семето што ќе роди богат род и за чија жетва, како што вели и Исаија, ќе недостигаат жетвари за да го ожнеат, соберат и натрупаат на сончеви храмообразни крстини него. Родот на македонската христолика нива чиј народ ќе ја препознае раната на Синот Божји и ќе ја сподели со него заедно со нејзината исцелителна моќ. Ќе ја препознае како праглас, како праизвор од кој ќе пие животодавна вода. Народот кој, како што рече и апостол Павле, е светлина во расипаниот род, од почетокот на создавањето роден за спасение на светот. Да. Ама како Синот Божји и тој ќе го прави тоа со раната добиена од безбожниците на кои им е помило злосторството од љубовта.

А беше скапнат и во длабока молитва Тој кога се роеја во него како матица пчели столетијата, историјата и болеста на безбожното човештво во кое светлината е трампена за темница и златото за кал. И сега во таа молитва светеше како ламба само срцето на Спасителот што го осветлува мракот на вселената и скорнува од мртовечки сон огнот во електроните на материјата. Во неа во свето созерцание пламнуваат кристалите зазрнети како тешките гроздови на македонските копаничарски тајфи по иконостасите на македонските цркви, блеснати и во сталактитите и сталагмитите подземи. Гроздови тешки како скапоцената меморија на постоењето со она бескрајно длабоко Пра, далечно а сепак толку многу блиско, интимно како чинија со портокали на маса пред нас во која е собрана целата светлина на неколкумилиниумското македонско лето на духот, исцедено како скапоцен вински талог од бочвите на Светиот Дух. И таа толку длабока, едвај достапна и за свеста светлина на меморијата трепка и денес како кандило во долапите на скромните како монашка облека македонски куќи, ама и во гробиштата на таа мартирска земја полни со расцутени цреши и птичји гнезда, со мирис на јунски ружи и доцноесенски хризантеми. А трепкаше таа и во Гетсеманската градина во крвавите рубини капки што паѓаа крупни наземи од неговото чело додека се молеше Синот Божји.

Клекнат во молитва беше црква и олтарно небо Тој, мартир, небесен знак за спасение и вечен живот откупен од смртта. Знаеше дека е Божји Син, па сепак со болка и со студена јанѕа му беше полно срцето, јанѕа во која беа до непрепознавање чудно измешани земното и небесното, светото и обесветеното, моќното и слабото, па во мигот на страшно искушение, кога духот е цврст ама телото слабо, рече: „Татко ако може нека ме одмине оваа чаша.“ Ама сал миг, и Тој сфати дека е досудена таа, дека и судбината на безживотното човештво е во неа збрана и изусти, туркајќи ја преку работ на усните огромната карпа на својата болка: „Татко сепак нека биде волјата твоја.“ Волјата поубаво и пред Шопенхауер, која ја знаеше Тој. Знаеше дека и материјата ја населува таа, секој нејзин атом и квант, и дека кога ќе посака да ја активира неа Отецот таа може да запее на сет глас химна во негова слава, ама и да загрми моќно и да го разурне развратниот свет, Содом и Гомор, и Европа што ги обнови бесрамно нив, надминувајќи ги во блудот.

А знаеше Тој и дека Таткото негов, ако му побара, ќе ги испрати ангелските чети да го ослободат од ѕверството што му го подготвил светот. Тие што сал со еден замав на својот праведен меч можат да ѝ ги пресечат главите на ламјата на расипаниот род што му ја отвора раната, говорот негов на болката, кој не колне како старозаветниот Еремија, туку неа преобразена му ја дарува како лек и преврска за раната на неблагодарниот човек. Во длабоко молитвено бдение беше на дното од отворената како безбрежно море тага, без да забележи дека, слегнати ниско, речиси го беа допреле глувите ѕвезди на небесните лозјарници налик на пресечени ангелски глави и на главите на децата на Витлеем што ги закла Ирод. Ама само миг, тој ја виде таа глетка и страшно се исплаши од неа.

Беше тоа ледената слика-визија за пропаста на светот, визија-знак дека е напукната неговата оска и дека до Армагедон, или Армакедон, сеедно, во бездна ќе се урне тој. А таа страшна слика беше сликата-визија и за малото стадо, она на кое алудира Лука во Новиот завет, обраќајќи му се и храбрејќи го него пред волчјата глутница на цивилизацијата со зборовите: „Не плаши се малечко стадо оти таткото ти го вети царството“. Лука, кој чинодејствуваше заедно со Павле, Сила и Тимотеј во црквата со име Македонија во куќата на Лидија, продавачката од Тир на свила исткаена од преѓата на љубовта и милоста божествена толку многу својствени за Македонците, за што и тие како Синот Божји пострадаа, и чедата на сатаната и нив ги распнаа на Голгота. Голгота историска и метафизичка, која нема граница и на која не ѝ се гледа крајот. Ѝ беше пратена таа свила на Лидија Македонката на Европа да си ги покрие голите оросписки колена, а со неа и Словото Новозаветно на Љубовта како штафета, која таа треба да им ја предаде и на поколенијата што се готват да стигнат до иднината. Да. Ама, безбожничка и со волчи пагански нарав, таа не ја прими ниту ја предаде потаму неа, и наместо тоа само го закла малото златно стадо во сончевото трло Македонија. Не го прифати вавилонската ороспија и не го реализира, испратено до Филипи, посланието на Тој што бдее сега во Гетсеманската градина, а потоа излегува со крстот на Голгота за да ја испие досудената чаша за спасение на болното и во сатанистички делириум на злото човештво. А таа чаша, имено, и за него беше наменета како иницијациски мост за премин од брегот на безбожното на брегот на божественото, од она страна на огнената река на Јахве. Да. Ама неа, како богоугодни, ја испија само Македонците по цена да бидат и тие заклани како Јагнето Божјо, така како и што се случи тоа. Македонија-Исус чија рана на вратот од јагнето пред свадбата во небесниот Ерусалим, сè уште целосно незарасната, ја виде и апостол Јован во Откровението. Лузната, која е проштевање и плодна бразда во која ’рти семето за жетвата што ги храни водениците химниски распеани во бакнежот на љубовниците.

Му ја поплавуваше свеста и не ја исклучи во молитвата Тој сликата на малото стадо – Македонците. Ама во сета космичка глувотија и празнина во која беше потоната Гетсеманската градина наеднаш се раздаде силен гром, од кој напукнаа како тенка срча атомите и затрепка исплашено пламенот во електроните, во кои одблеснуваа крвавите капки што се слеваа од челото на Синот Божји. Разорен гром и бура што ги мете просторите и далечините и што го сепна Него та стана. Зад бескрајот се ронеа зрната од небесните лозјарници налик на заклани-ангелски глави пресечени од ножот на Ирод. Беа попуштиле силите на вселената низ која пловеше главата на човештвото опкована како икона со злато, ама и со црна пораба на смртта. Дали и како надоместок на божјата правда за пресечената глава на Јован Крстител, најголемиот меѓу големите по Синот Божји, а и за колежот на децата во Витлеем? Така. Но не се збуни Тој, оти и пред да се збиднат, уште од претсоздавањето му беа познати тие знаци на крајот на светот.

Стана, се обѕрна и на свое изненадување ги виде полегнати покрај ѕидот дванаесеттемина потпрени еден на друг како камења во грамада и заспани како заклани. Беа како ридови тие, стежнати од сонот што ги беше навасал, ама ридови во кои не светка златната жица што го носи венчалниот прстен право во црква кај младоженците. Беа понапред планини од јаглен низ чија бескрајна ноќ се загубил некаде дијамантот што се излачил од неа. А и тој требаше да легне во лежиштето на свадбениот прстен како во љубовна постела, или безмалку како првосвештеник што венчава а потоа и крштева да се качи на амвонот спроти олтарот и, златоуст, да проповеда, да го слови како огнена химна Говорот на гората во името на Отецот, Синот и Светиот Дух. Беа тие, дванаесеттемина, едноставно како огромни мртовци потрупани од тешкиот сон, свлечени од некоја непозната сила и нафрлани на куп пред прагот на смртта што метеше сè пред себе како леден космички бран, и што ја собираше во својата црна вреќа тој миг и Кумовата слама во небескиот бескрај горе. Вреќа слична на онаа грчката што ја измисли и скрои Европа, во која ги трупа за да ги изеде мракот и Македонците. Вреќата за која зборува и Херберт Дејвид Лоренс, оти и неговата омилена културолошка слика на Етрурија речиси ја тутнале целосно во неа.

(продолжува)