Геостратегиска партија шах во енергетиката

Како што најавив минатата недела, вториот сегмент што некако ни одлетува и го оставаме да биде парцијално регулиран, а не во поширок контекст, е енергетската криза, која почнува да нѐ загрижува. Иако проблемот околу ова прашање кај нас е многу одамна, квазиновинарството, квазиполитикантството, како впрочем и секаде околу нас во регионот, успеваа да се стават во функција на дневната политика и за добар кеш на кратки патеки да го пренасочат фокусот во друга насока. Сепак, за тоа не се највиновни тие. Тие само се адаптираат на милјето што сами го креираме и никој не е виновен за тоа, освен самите ние.
Причината зошто и енергетската криза не смее да се остава на шарлатани или, пак, на луѓе кои немаат сенс за геополитика е во тоа што енергијата е еден од оние параметри што се израмнува со егзистенцијата. Таа влијае на тоа каква вредност ќе градиме кон нештата и на тоа каков став ќе заземеме по однос на тоа. Само како за илустрација, потребата од автономија во доменот на енергетиката влијаеше на задвижување на процесот на глобална енергетска трансформација. Така, на пример, потрагата и напорите по замена на зависноста од фосилните горива со одржливи извори на енергија значително се одразува на структурата на моќ. Понатаму овој процес се одразува и на комуникациите и наративот на елитите, особено во напорите да се остане независен во зависноста, да се подзаработи малку и ако има потреба дури и да се вооружи процесот на доаѓање до енергија. Тоа оди дотаму дури да се сменат и погледите на нештата. На тој начин, егзистенционалните или базичните потреби и напори на секоја сериозна држава се ставаат во вештата манипулација на политичката реч. Во тој контекст, муабетот што се вергла и она што во пракса се случува е од тоа дека воздухот што го дишеме е заедничко добро на целиот свет и оттука одговорноста ја сносиме сите, до тоа дека енергијата е само моја и јас ќе диктирам што ќе правам со неа.

Она што ни се случува пред нос, а за што стануваме свесни само затоа што ни гори под нозе, без разлика дали навистина сме толкави торлаци и растурикуќи или не, па не успеавме да сфатиме дека имаме сериозен проблем со енергијата изминатите 30 години, е сериозен светски проблем. Не, не сакам да релативизирам и да бидам сфатен дека штитам некои работи или влегувам во политикантство на квазилибералната мафија што ни се случува. Фундаменталните промени што се случуваат генерално во енергетскиот систем се со далеку поголеми геостратегиски последици, кои веќе заземаат сериозен размер. Овие потези и напори се шаховско отворање на играта што е со далекосежни последици. Она за што шарлатаните како нас зборуваат кога говорат за енергетска трансформација се користењето на ветерот (иако сѐ помалку) и соларната енергија (која е вистински бум). Светот, драги мои, зборува за целосни сектори на стопанството што се адаптираат на овој „биг шифт“. Ако фосилните извори на енергија ги оформија целата индустрија и стопанството во изминатите, па да речеме два века, така оваа трансформација што се случува сега, а за која ние абер немаме, го прави тоа во периодот што следува.
Оваа навидум техничка трансформација ќе смени сѐ за што знаеме досега. Заборавете на европската солидарност, на возвишените вредности на либерализмот за човековите права и за потребата од мир и просперитет. Да, тие пак ќе се прераскажуваат и форсираат преку соодветни процеси и механизми (на пример донации, граѓански сектор, или сѐ што опфаќа т.н. трак2 дипломатија), но наративот и пријателите ќе бидат поинакви. Со други зборови, глобалната трансформација во енергетскиот сектор веќе започна да ги одредува двигателите на економските, социјалните и еколошките параметри, глобалната редистрибуција на моќ, ризиците од конфликт и конечно односите помеѓу државите. Дали либерализмот ќе остане онаков каков што го знаеме или не, не сум сигурен докрај. Времето ќе покаже. Но она во што сум сигурен е дека паметните држави немаат лидери што се само енергетичари, или доктори или електроинженери. Тие имаат посебен сенс за геополитика со сериозна безбедносна подготовка и индоктринација. Да не се лажеме, профитот е дел од драјверите на овие лидери, ама тоа е со сенс не расипнички и коцкарски ол-ин или како да е последно оти после ќе ме сменат.

Пред некој да почне да „папагали“ по квазилиберален терк, само да споменам дека Германија оваа година сепак реши дека конвенционалниот извор на енергија ќе треба да го зголеми за 20,9 проценти. Едноставно, според статистика од Германија, целиот процес на производство енергија од обновливи извори на светско рамниште паднал на 44 проценти. Тоа, пак, само по себе зборува дека сите возвишени идеали за некаква си одговорност кон природата паѓаат во вода оти најверојатно животот е сега. Така било отсекогаш, а и најновите откритија на цивилизации многу пред нас со топењето на дел од површината под мразот откриваат дека човекот загадувал многу пред современата индустриска доба, ама значително.
И тука некаде дали случајно или не, научниците баш од проминенциите што пропагираат чување на животната средина го открија тоа чудо. Но тоа и не е толку интересно како што е разгорената динамика на полето со гасот многу слично како неколку години по финансиската криза. Има ли логика на нештата, поврзаност или, пак, е сѐ само случајно со ковид-19? Додека тоа е енигма што треба да ја одговорат истражувачи, академската јавност и безбедносни експерти (ама сериозни не нарачани), она што вреди да се спомене е дека, како и со мигрантската криза, енергетската криза е веќе вооружена. Точно е дека Путин не направи ништо погрешно, или не ја предизвика кризата во Европа, ама е точно и дека не ѝ помогна. За државно контролираните корпорации и нивното влијание како моќна алатка во геостратегијата веќе зборувавме доста. Токму во овој контекст, Путин маестрално знае како да ги употреби и преку „Газпром“ и подгревањето на состојбата во Украина да се обиде да наметне темпо што нему му одговара. Она што е интересно е што интензивирањето на ваквите потези е некако истовремено со збиднувањата на Индопацификот, каде што состојбата е прилично жешка. Она што многу малку се зборува кај нас, бидејќи само се препишува од медиумите на ЕУ, кои, пак, оправдано си известуваат она што ним им е во корист, е испораката на јаглен од Русија за Украина. Овде Путин погодува во нерв. Тој е ем екологист, ама ем ја еродира Украина и ја клекнува на колена посебно поради тоа што Украина е зависна од рускиот енергент за електрична енергија. Само колку за илустрација, додека фокусот во украинската криза е на пионите, Путин (како кога ловци во шахот бијат поле во длабочина) паметно го бие полето на зависност на Украина. Само колку за илустрација, во 2019 година Украина дури 70 отсто од вкупниот увоз на јаглен го направила од Русија.

Наводно, Путин успеа да воспостави монопол и врз старите методи на криминализација на секоја пора на општеството, па да замижи за корумпираните зделки на набавка на енергент од окупираните делови на Украина за кои веќе речиси и да не се зборува. Но да не се лажеме, Чичко Сем не е воопшто наивен. Глобално за да го анулира напорот на Путин да држи монопол врз гасот и да ги навлече Европејците на долгорочни договори, мошне вешто дипломатски успеа да избоксува наместо тоа да се оди на спот цена на пазарот. Тоа, на крајот на денот, најмногу им одговара на САД. Ќе најде ли Путин алтернатива да ја оправда рестрикцијата на јаглен под псевдоеколошката загриженост или не, е прашање на време.
Тука само да подвлечам и да не се разбереме лошо. Никој не вели дека политиката и вредностите за чување на животната средина се лоши. Никој не вели и дека едукацијата за тоа и напорите да се заштити колку може повеќе природата се лоши. Напротив, тоа ни треба многу повеќе од кога било. Она што го велам е да не бидеме како слепи за стап и да ја креваме ногата како жабата онаму каде што не треба. Со други зборови, паметна политика и добра индоктринација за државност вели дека сепак треба да си ги чуваме сите опции отворени, а да ја тераме европската логика, оти искрено да се разбереме немаме подобра опција. За тоа впрочем нема дилема.

Авторот е универзитетски професор, придружен професор на Државниот универзитет во Аризона, САД.