Генетска условеност на личните карактеристики и предиспозиција за ментална болест

Отсекогаш постоела претпазливост кога се склучувале бракови, па се следела онаа народната „ниту куче не се зема од непознати родители, а камоли човек, земи партнер од семејство со познато педигре“. Значи, искуството им покажало на луѓето дека некои особини се пренесуваат со генерации…

Во општеството генерално, а посебно во медицината, особен интерес и предизвик претставувале психолошките карактеристики на луѓето. Една од основните задачи на секој психолог е да одреди кои се личните карактеристики на клиентот што дошол заради каква било поплака или психолошка интервенција.
Што е тоа што одредува дали ќе бидеме екстраверти, повлечени, љубопитни или незаинтересирани за околните случувања? Што е тоа што некои семејства ги оптоварува со ментални растројства какви што се шизофренијата, биполарните растројства, депресијата особено, или денес честиот синдром на невнимание со хиперактивност (АДХД)? Отсекогаш постоела претпазливост кога се склучувале бракови, па се следела онаа народната „ниту куче не се зема од непознати родители, а камоли човек, земи партнер од семејство со познато педигре“. Значи, искуството им покажало на луѓето дека некои особини се пренесуваат со генерации…

Она што луѓето го проценувале преку стекнатото искуство, интуитивно, денес се докажува со многу студии засновани на генетските истражувања, особено по откривањето на целиот хуман геном во 2000 година.

Една голема метаанализа на студии поврзани со хуманиот геном идентификувала шест локуси што се особено поврзани со личните карактеристики (публикација од универзитетот „Сан Диего“, објавена во најпрестижното списание „Нејчр генетикс“, 2018). Овие локуси, исто така, покажале асоцираност со најчестите психијатриски растројства.

Личните карактеристики се вродени особини и обично ги мерат индивидуалните разлики. Најпознати во психологијата се: екстраверзија (наспроти интраверзија), која одговара на зборливост, високо ниво на активност, сигурност; невротизам (наспроти емоционална стабилност), која одговара на негативен афект, анксиозност и депресивност; пријатност (наспроти антагонизам), која ги мери соработливоста и сочувството; совесност (наспроти независност), која ги одредува самодисциплината и истрајноста; отвореност кон искуства (наспроти затвореност), која ги одредува интелектуалната љубопитност и креативност. Всушност, најмногу користените психолошки инструменти (Ајзенков Инвентар или Големите 5 фактори) ги мерат токму овие психолошки карактеристики кај испитаниците.

Одредувајќи ги преку тестирање овие фактори, психолозите го дефинираат фенотипот (видливото) кај луѓето. Најновите истражувања покажуваат дека некои генетски варијанти се основа (во повеќе од 40 отсто) за овие психолошки карактеристики (генотип). Така на пример екстраверзијата е асоцирана со варијанти на генот WSCD2 и блискиот ген PCDH15; невротизмот од своја страна е асоциран со варијанти на хромозомот 8п23.1. Некои од овие генетски варијанти се поврзани и со психијатриски растројства, како со шизофренијата, АДХД, депресија или анксиозност.

Особени генетски варијанти во хуманиот геном се битни за развојот на мозокот во раниот фетален развој, а истовремено и со понатамошен развој на психијатриски растројства. Овие наоди се базирани на студии во кои се испитувани над 8 милиони испитаници. Се разбира, сите истражувања се финансирани со големи фондови, а се изведени во Данска, Австралија, Швајцарија и САД. Што се очекува од науката кај нас, за која се издвојува само 0,2 проценти од БДП?

Она што е битно како резултат од овие студии е дека инволвираните гени се одговорни за пренос на информациите во синапсите (спојките помеѓу невроните). Тоа би значело дека причината за појава на ментално растројство нѐ враќа многу наназад, уште во интраутериниот развој, во периодот кога се развива мозокот кај плодот. Во овие истражувања се користени земените крвни анализи од над 1,5 илјада новородени, примарно собирани за скрининг на фенилкетонурија кај новородените во периодот 1980-2005 (тестирање што нашиот здравствен систем го воведе, а потоа го исклучивме поради материјални причини).

Што значат овие откритија?

Тоа значи дека носителите на овие генетски варијанти се под ризик дека ќе развијат ментално растројство, значи се многу вулнерабилни, особено ако се појави некој тригер-фактор. Со тоа, менталната болест има зачеток многу рано, уште во феталниот стадиум, кога се развива мозокот! Особено важно откритие доаѓа од Јапонија, каде што е покажано дека SLC18А1 (VMAT1), кој ги енкодира моноаминските везикули на транспортер 1, претставува ген што ја одредува природната селекција на хуманиот род. Имено, овие гени се поврзани со транспорт на невротансмитерите серотонин и допамин, а нивната малфункција доведува до психијатриско растројство.

Природната селекција на некои генетски варијанти довела до разноликост на психолошките карактеристики кај луѓето, а некои од нив се поврзани со психијатриски растројства. Секоја форма на природна селекција што ја одржувала генетската разноличност во популацијата се нарекува „балансирана селекција“. Индивидуалните разлики во психолошките црти ги има кај сите хумани популации на Земјината топка, а некои од нив дури и кај приматите.

Според тоа, какво ќе биде едно дете како личност и дали ќе развие ментална болест подоцна во животот зависи од два главни фактора: неговиот генотип и околината, која служи како тригер-фактор. Околината подразбира однос со родителите, особено со мајката, родителите како модел на однесување, но и како показател за моралните норми, влијанието на другарите, на наставниците, а во денешно време влијанието на Интернет и другите масмедуми. Ако не можеме да влијаеме на она наследеното (генетиката), тогаш е сигурно дека можеме да го модулираме влијанието на околината како битен фактор за развојот на децата.

Затоа инсистираме на здрави семејни односи, на добра едукација и воспитување, контрола на пристапот кон информации од Интернет, за сите тие да бидат исклучени како тригер во можниот развој на непожелни лични карактеристики и вовед во ментална болест.