Втората светска војна – лекции за историската вистина

Сергеј Баздникин

Утре целиот свет ќе одбележува црн датум – точно пред 80 години, на 1 септември 1939 година, германската војска ја преминала полската граница. Со тоа се означи почетокот на Втората светска војна, која им донесе безброј страдања на многу народи.
Војната, без претерување, стана најмасовната и најстрашна трагедија на 20 век, остави длабоки неизлечиви рани во срцата на милиони луѓе, ја промени судбината на населението во повеќе држави.

Не е случајно што настаните што го поттурнаа светот кон фаталната граница сè уште се во фокусот на вниманието на научници, општествени и државни дејци.
Во Русија добро се сеќаваат колкава крвава цена се плати во борбата против „кафената чума“ што ја зафати целата Европа и како тоа влијаеше врз целото човештво. Историското и моралното искуство од големата војна станаа дел од генетската меморија на нашиот народ. Болката од претрпените жртви им припаѓа на сите и се пренесува од генерација на генерација, како и гордоста од извојуваната победа.

До неодамна се чинеше дека нема потреба да се докажува дека рускиот народ и другите народи на Советскиот Сојуз – се разбира, заедно со сојузниците во антихитлеровата коалиција и силите на антифашистичкото Движење на отпорот, вклучувајќи ги тука, секако, и борците на Народноослободителната војна на македонскиот народ – го дадоа пресудниот придонес кон заедничката победа. Да се негира ова значи да се игнорираат факти во зависност од моменталните теснополитички потреби.

Од 50-те милиони животи платени за Победата над нацизмот, повеќе од половина, или околу 27 милиони, се на народите на СССР, и тоа голем дел цивили. Неоспорен е фактот дека Советско-германскиот фронт, со 60-80 отсто од германските копнени сили, половина од нејзините воздухопловните и околу една третина од поморските, беше главниот театар на Втората светска војна, кој ги предодреди неговите резултати, вклучувајќи го и ослободувањето на 120-милионската Европа.

Британскиот премиер Винстон Черчил, оддавајќи почит на подвигот на Црвената армија, во февруари 1945 година пишуваше за нејзиниот „триумф, кој предизвика безграничен восхит кај сојузниците и му пресуди на германскиот милитаризам“. Тој истакнуваше дека „идните генерации ќе го признаат својот долг пред Црвената армија како што го признаваме ние… сведоци на овие прекрасни победи“.

За жал, неговото предвидување не се оствари. Ваквите оцени денес не се во мода. Гледаме како во голем број европски земји што директно настрадаа од жестокоста и нечовечноста на нацизмот се води кусогледа политика, насочена не само кон дискредитирање на подвигот на советскиот воин-ослободител туку и кон обновување на фашистичката идеологија.

Многу е навредливо денес да се слушаат изјави што ја стават под знак прашалник големата ослободителна мисија на Црвената армија, измислици за советска „окупација“ на Полска, балтичките држави и други европски земји. Да претпоставиме дека нашата армија стигнала до своите граници и застанала. Кој и како би требало тогаш да ги ослободи народите на Европа од вооружените сили на Вермахт? Веќе по трагичните настани на Ардените на крајот на 1944 година беше јасно дека без советските сили, западните сојузници не се способни да го направат тоа. Секое одложување неизбежно би довело до ситуација кога сите свои борбени дивизии – а тогаш сè уште ги имаше во доволен број – Хитлер би ги префрлил на Западниот фронт. Мислам дека исходот би бил целосно предвидлив.

За жал, редовно во повеќе европски земји, незаконски се уриваат споменици на советските воини-ослободители. Ваквите вандалски чинови, како и отворената попустливост од страна на властите, не можат да се толкуваат поинаку освен како желба да се изопачи и препише историјата, да се омаловажи значењето на Големата победа и да ѝ се наметне на јавноста негативниот образ на војниците на Црвената армија, што е во спротивност со историската вистина.

Апсолутно се неприфатливи обидите да се префрли врз СССР одговорноста за почнување на војната преку постигнување договори за ненапаѓање со Германија. Пред да се донесе таква тешка одлука, во Москва долго време се обидуваа да се склучи британско-француско-советска алијанса, која понекогаш ја нарекуваат втора Антанта. Меѓутоа, сите напори пропаднаа, бидејќи тогашните лидери на Велика Британија и Франција не го сакаа тоа, туку посакуваа агресивните аспирации на Хитлер да ги насочат кон Исток.

Со напорите да се изгради антифашистичка коалиција, Советскиот Сојуз едноставно ги исцрпи своите политички и дипломатски ресурси, а за да си обезбеди сопствената безбедност беше принуден да го потпише договорот за ненапаѓање со Берлин, односно пактот Молотов-Рибентроп, по германска иницијатива.

Овој чекор исто така беше закономерен резултат на „политиката за смирување“ што ја спроведуваа западните сојузници. Како резултат на очигледната попустливост, тие им дозволија на нацистите пред почетокот на Втората светска војна да создадат борбена армија, да спроведат голема воена операција во Шпанија и да ја вратат Рајнската област во 1936 година. Во март 1938 година, со премолчна согласност од истите Велика Британија и Франција, Хитлер го изврши аншлусот на Австрија и ја предизвика Судетската криза, која се заврши со срамното „предавство во Минхен“.

Во самата Германија, по склучувањето на договорот, односот на владејачката хунта кон СССР не се промени. Хитлер отворено велеше дека „ова е пакт со сатаната за да се уништи ѓаволот“. А исто така и: „Сите средства се добри против Советите, вклучуваjќи и таков пакт“. Идниот судир беше неминовен, само доби одложување за една и пол година.

Настаните на Втората светска војна овозможуваат да се извлечат повеќе лекции. Главната, чинам, е дека општата безбедност може да се постигне само со заеднички напори: невозможно е да се осигури сопствената безбедност на сметка на друг, а камоли да се ценка за безбедноста со агресорот. Не е помалку важен фактот дека секоја амбиција за светско владеење, за наметнување сопствени „правила на игра“ – за разлика од општоприфатените норми и принципи на меѓународното право – мора уште во зародокот да се соочи со организиран отпор од страна на сите одговорни и конструктивни сили.

Целиот сплет на околности што пред 80 години го доведе светот до најстрашната трагедија во историјата, заслужува длабока и објективна анализа. Јасно е дека, пред сè, ова е работа на историчарите. Меѓутоа, доброто разбирање на причините и суштината на она што се случило треба да биде присутно кај сите луѓе, вклучувајќи и кај општествените и државните дејци, политичарите и новинарите.
Искрено се радувам дека антифашистичките традиции втемелени во македонското тло од страна на хероите на НОВ и денес грижливо се почитуваат од страна на македонските граѓани. Навистина, како што велиме во Русија, никој не е заборавен и ништо не е заборавено.

Нашата заедничка задача денес е да направиме сѐ за да се спречи повторување на тажните лекции од минатото. Со таа цел, веќе многу години по ред Генералното собрание на ООН, по иницијатива на Русија, усвојува резолуција за борба против глорификација на нацизмот, неонацизмот и други слични практики. Таквата нацрт-резолуција ја предложивме и оваа година. Очекуваме дека сите земји од добра волја ќе го поддржат овој документ, кој е актуелен како никогаш порано.

Авторот е амбасадор на Руската Федерација