Вртоглавица во рана пролет

Проблемот со вртоглавица е доста чест – цели на 20-30 проценти од целата популација, а дури 50 отсто од луѓето со над 75-годишна возраст, при што почесто се јавува кај женскиот пол. Нападот на вертиго може да се јави неочекувано и да трае само неколку секунди, но понекогаш може да трае многу подолго и да се повторува, што ги попречува секојдневните активности и го става пациентот во ризик од телесни повреди

Променливото и нестабилно време, проследено со чести промени на воздушниот притисок и со појава на сезонски алергени, е карактеристично за периодот на рана пролет. Овие фактори влијаат негативно не само на болните со алергиски и кардиоваскуларни нарушувања туку и значајно го интензивираат проблемот со вртоглавици кај голем број пациенти.
Вртоглавицата (вертиго) е субјективна сензација на кружно движење (ротација) поврзано со тешкотии во одржувањето рамнотежа или држењето на телото. Проблемот со вртоглавица е доста чест – цели на 20-30 проценти од целата популација, а дури 50 отсто од луѓето со над 75-годишна возраст, при што почесто се јавува кај женскиот пол.

Нападот на вертиго може да се јави неочекувано и да трае само неколку секунди, но понекогаш може да трае многу подолго и да се повторува, што ги попречува секојдневните активности и го става пациентот во ризик од телесни повреди. Вртоглавицата честопати е асоцирана и со други телесни манифестации, како што се: гадење и повраќање, треперење на окото (нистагмус), главоболка, зуење во ушите и ослабен слух, како и со чувство на губење рамнотежа и навалување на едната страна, што може да резултира со пад и скршеници. Голем број фактори може да тригерираат вртоглавица, почнувајќи од сезонски алергени, недоволен внес на вода и храна, недостиг од витамин Д и остеопороза, па до вестибуларни нарушувања, воспаленија на внатрешното уво предизвикани обично од вирусни инфекции и др.

Вертиго често се јавува и при повреди на главата и/или вратот, мозочен удар или тумор на мозокот, мигрена, цереброваскуларни болести, користење лекови што ја нарушуваат функцијата на увото и на крајот, но многу често, кај стари лица со намалени визуелни, вестибуларни и проприоцептивни способности. Лицата што се склони кон вртоглавици мора да направат значајни корекции во животниот стил за да спречат потешки последици. Тоа пред сѐ подразбира соодветен хигиенодиететски режим, во кој нема место за кофеин, пушење и алкохол, а количествата сол треба да се сведат на минимум. Наместо тоа, важно е да се јаде храна богата со овошје, зеленчук и интегрални житарки и да се внесува доволно количество вода.

Одбегнувајте возење, пливање, качување по скали и други активности кај кои нападот на вртоглавица би можел да доведе до посериозни повреди. Доколку некое движење вообичаено предизвикува вртоглавица, тогаш тоа движење треба да се прави бавно, а штом личноста почувствува дека губи рамнотежа, треба веднаш да седне и да мирува некое време. Во случај на чести проблеми со вртоглавица, секако, треба да му се обратиме на нашиот матичен лекар, кој може да побара и консултација со ОРЛ-специјалист или невролог, за да се истражи точната причина за проблемот и да се ординира соодветна терапија.

Во однос на фармаколошката терапија и суплементите во исхраната, тие зависат од причините за појавата на вртоглавица и секогаш треба да се третира примарниот проблем (пр. aлергија, недостиг од витамин Д, тумори итн.) Сепак, имајќи предвид дека најчесто вртоглавиците се јавуваат како последица на циркулаторни проблеми или проблеми со центарот за рамнотежа во внатрешното уво, вообичаено за нејзин третман се користат медикаменти на база на бетахистин, цинаризин, гинко билоба итн. Овие компоненти, секој со свој механизам на дејство, дејствуваат кон овозможување подобра циркулација и подобар проток на крв (вазодилатација) и намалување на честотата и интензитетот на вртоглавиците. Друг дел од терапијата е симптоматски третман на гадењето, повраќањето и главоболките што се третираат со соодветни антиеметици и анксиолитици за смирување на симптоматологијата.

Авторот е м-р по фармација и топедукатор