Време е за одговорност! (1)

„Секојпат кога некој премолчува на загрозувањето на ЕУ-принципи, ЕУ станува послаба и помалку атрактивна. Нашата благодарност на сите тие што не молчеа денес.“ Со оваа изјава Димитров фрла светло на ЕУ и на тие што го премолчеа бугарското вето

Ете, и тоа се случи, Бугарија формално го блокира почетокот на ЕУ-преговорите за Македонија. Нема оптимистички очекувања, само суровата реалност, која Владата се обидува да ја релативизира до бескрај. Според изрека од Куранот, кога ќе паднеш во дупка, треба да размислуваш како да излезеш, а не да се расправаш како си паднал во неа, тоа се прави откако ќе се излезе. Сепак, во нашиот случај, пред опциите за излез мора да ја согледаме дупката и како паднавме во неа, за да знаеме кој е излезот.
Македонската јавност е главно фокусирана само на еден дел од „дупката“ во која паднавме – ветото од Бугарија, бидејќи тој е видливиот и јасен дел, додека само на маргините се расправа за ЕУ дел на „дупката“. Многу интересно е дека ноќта на бугарското вето најмногу критики за ЕУ изнесе најголемиот поддржувач на ЕУ – Никола Димитров, заменик-премиер за евроинтеграции. Тој напиша: „Секојпат кога некој премолчува на загрозувањето на ЕУ-принципи, ЕУ станува послаба и помалку атрактивна. Нашата благодарност на сите тие што не молчеа денес“.

Со оваа изјава Димитров фрла светло на ЕУ и на тие што го премолчеа бугарското вето. Како во Букурешт-моментот, кога Грција не настапи сама против сите, туку го искористи скептицизмот на Германија и на Франција за НАТО-проширувањето, така и Бугарија во овој Берлин-момент најверојатно го употреби скептицизмот на триото Франција, Холандија и Данска за проширувањето на ЕУ. Овој скептицизам за проширувањето не мора да е директно против Македонија, ниту да е гласно искажан. Ниту една членка на ЕУ не ја подржува Бугарија во барањето билатералните односи да станат 35-то поглавје во ЕУ-преговорите, што е исклучително важно за Македонија. Но Холандија јавно ги најави своите резерви за почеток на ЕУ-преговорите за Албанија околу владеењето на правото, а веќе претходно ЕУ имаше став против раздвојувањето на Албанија и Македонија, поради ризик од дестабилизација. Бугарија ја заостри реториката минатата 2019 година, кога увиде дека француското вето ќе биде надминато. Конспирациите за бугарско-грчки заговор не можам да ги разберам докрај, бидејќи разумно не можам да го препознаам интересот на Грција, наместо со Македонија, на север да се граничи со велика Бугарија.

А Германија и другите што не премолчеа? Едноставно растргнати пред два клучни предизвици: брегзит и буџет „Следна генерација ЕУ“. Транзицискиот период на брегзит завршува на 31 декември оваа година, а не е јасно дали ќе има договор за меѓусебните односи по тој датум. Кај нас во сенка на бугарското вето помина ветото на Полска и Унгарија на буџетот на ЕУ – „Следна генерација ЕУ“, во износ од 1.800 милијарди евра, од кои 750 милијарди се за постковид-обнова. Откако едвај се постигна договор за висината на буџетот, со кој треба да се потикне закрепнувањето во ЕУ, особено во членките од Јужна Европа, Полска и Унгарија блокираат поради условеноста на буџетските трансфери со владеење на правото. Европскиот парламент инсистира на условност на буџетот со демократски вредности, човекови права и независно судство, во што Унгарија и Полска гледаат закана. Ова го продлабочува јазот Исток – Запад, а поради доцнење на буџетот и тензиите Север – Југ.
Во таков контекст, веројатно брегзит и „Следна генерација ЕУ“ добија приоритет наспроти ЕУ-проширувањето. Разочарувањето во Македонија, но и во другите земји во регионот, пред сѐ во Косово и Србија, е на другата страна на балансот. Бугарското вето на Македонија отвора реално стравување дека билатералните односи ќе станат непремостлива пречка за Србија и за Косово во нивните ЕУ-аспирации, што неминовно ќе доведе до засилување на десните, националистички и популистички сили во регионот. ЕУ ќе се обиде да ја контролира штетата со најавениот великодушен буџет за Западен Балкан, но јасно е дека без јасна ЕУ-перспектива, Западен Балкан ќе биде попогоден терен за геополитички натпревар за Русија, Кина и за Турција.

Оттука, сепак ќе постои притисок за решавање на блокадата што поскоро, веројатно и до крајот на оваа година, но многу поверојатно е тоа да биде сепак во 2021 година, и тоа во втората половина, за време на претседавањето на Словенија, а по изборите во Бугарија во првото тримесечје.
Во тој период треба да е познат исходот на новите односи меѓу ЕУ и Велика Британија, да е помината главната закана од коронавирусот, да е усвоен буџетот „Следна генерација ЕУ“ и Бугарија да помине низ изборите и да добие нова влада. Тоа е еден дел од равенката за почетокот на македонските преговори во ЕУ. Бугарија е важен дел од равенката и, секако ние, Македонија, сме дел од таа равенка, но за тоа следниот четврток.

(продолжува)
Авторот е аналитичар Блог www.megjutoa.mк @sklek