Враќање во минатото

Ќе биде целосна иронија на враќање во минатото доколку се распаднат придобивките од лидерската средба и сегашната ескалација продолжи, на пример, со повик на ВМРО-ДПМНЕ за бојкот на Собранието и за бојкот на локалните избори поради стравување дека истите тие нема да бидат фер

Запрашан дали работата на Собранието изминатиов викенд, за петтиот пакет мерки за ковид-19, кога власта за формирање кворум донесе пратеници заразени со ковид-19, можеше да се одвива поинаку, одговорив да, секако да, а тој поинаков пат е политичка култура и политички дијалог. Но никако да научиме и да се промениме. Другите имаат „Back to the future“, ние имаме враќање во минатото. Всушност, за првпат сум размислувал да го употребам тој израз на крајот на 2012 година, по 24-декемвриските настани, за што тогаш пишував во „Балкан е ова, бе!“. Некој ќе коментира дека не е можно да се споредуваат настаните во Собранието во 2012 и 2021 година. Да, амплитудата не е споредлива, во 2012 година имаше тројца повредени пратеници, но структурата на настаните е аналогна.
Тогашната власт, ВМРО-ДПМНЕ насила го донесе буџетот за 2013 година, отстранувајќи ги пратениците на опозициската СДСМ, а настанот создаде две вистини: едната за „обид за државен удар“ и втората за „диктатура што си ги покажа рокчињата“, и едната и другата вистина се повикуваат на факти, фотографии… И, секако, секоја страна во стилот „ММЕ кој прв почна“ се оправдува со тоа што претходно го направила другата страна. Тогаш на пример со ДУИ за блокадата со амандмани на Законот за бранители и од ВМРО-ДПМНЕ блокадата на буџетот за 2004 година итн. Јасна е спиралата на ескалација на конфликт, каде што секој следен чекор се оправдува со претходниот чекор на партиските ривали.

Уште една аналогија. Тогаш и ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ на прашањето за буџетот се одлучија за манипулација со општествената сигурност (societal security), двете заиграа на ширење страв. Тогашната власт ВМРО-ДПМНЕ на ширење страв дека ако не се донесе буџетот ќе престанат исплатите, а тогашната опозиција СДСМ дека ако се донесе буџетот „Македонија ќе банкротира за шест месеци“. Тоа добро беше изразено со: „Опозицијата тврди дека народот ќе умре ако не штеди, а власта тврди дека народот ќе умре ако штеди. Така што смртта ни е загарантирана“. А вистината не беше ниту на едната ниту на другата страна, вистината е дека редовните исплати ќе можеа да се финансираат и без донесен буџет за 2013 година, со привремен буџет, но не и расходите, како тие за локалните избори или за зголемувањето на пензиите, и дека Македонија нема да банкротира со тогашниот степен на задолженост. Сега во обратни улоги, власта СДСМ триумфално изјави дека го обезбеди петтиот пакет на економски мерки, а опозицијата ВМРО-ДПМНЕ обвини за „биотероризам“, а вистината е на друго место.
Тогаш СДСМ најави бојкот на Собранието и на локалните избори во 2012 година, кој беше надминат со мартовскиот договор фацилитиран од Штефан Фуле, еврокомесар. Наспроти најавите за бојкот од тогашната опозиција, владејачката ВМРО-ДПМНЕ велеше дека сѐ е во ред, дека нема политичка криза. И сега владејачката СДСМ вели дека сѐ е во ред, нема криза, иако 78 проценти од граѓаните мислат дека сме во политичка криза.

Тогаш владејачката ВМРО-ДПМНЕ не го игнорираше само бојкотот туку бараше и други начини да го заобиколи опозициското мислење, на пример со „ЕУ-знамето“ на законите, со што се скратуваат процедурата и можноста за дебата. Бојан Маричиќ, тогашниот активист, гледаше злоупотреби на „ЕУ-знамето“ за задушување на опозицијата, но сега Бојан Маричиќ како министер за правда, на ТВ, без срам и перде, ќе изјави дека за одреден закон ќе се употреби „ЕУ-знаме“ за да се оневозможи амандманска расправа и забрза донесување закон.
Тогаш СДСМ најави кривични пријави, но не и разврска пред Уставниот суд, кој беше веќе под политичка контрола. Сега Левица веќе поднесе кривични пријави, но нема да бара институциска разврска.
Нерешавањето на таа епизода на политичката криза водеше кон непризнавање на резултатите на парламентарните избори во 2014 година и политичката криза 2015-2017 година. Ќе биде целосна иронија на враќање во минатото доколку се распаднат придобивките од лидерската средба и сегашната ескалација продолжи, на пример, со повик на ВМРО-ДПМНЕ за бојкот на Собранието и за бојкот на локалните избори поради стравување дека истите тие нема да бидат фер. И опозицијата да инсистира на вонредни парламентарни избори. И нов мартовски или пржински договор, или анекс на истите тие. Баш ќе биде враќање во минатото.

Секако не се сите работи исти во 2012 и 2021 година, но повеќе се израз на истата политичка култура, подобро речено некултура и отсуство на политички дијалог, кој постојано креира политичка криза. Нашата политичка (не)култура е во мачо-стил, со цврсти, агресивни потези и каде што секоја умереност се смета за слабост. Во таква мачо-политика, да бидеш балансиран, умерен, да бараш соработка или компромис, не е само слабост туку стануваш главна цел. Најсакана игра е играта „кукавица“, каде што можни исходи се победник-губитник (кукавица) до жесток судир, никако победник-победник. Со „хазардерство“ или „балансирање на работ“ се бара најдобар можен исход за себе, но се ризикува најлошото и за себе и за сите. Играта е иста, се менуваат страните и играчите и се менуваат хероите и антихероите, а често некогашните херои стануваат антихерои и обратно, во зависност од потребите.
Да, излез од сегашната политичка криза може да бидат предвремени парламентарни избори, но до некоја нова политичка криза, ако не промениме нешто во политичката култура и политичкиот дијалог.

Авторот е аналитичар
Блог www.megjutoa.mк
@sklek #ВраќањеВоМинатото