Во очекување на катастрофата спас (1)

Веројатно те чуди насловот на денешнава колумна, драг читателу, но бргу ќе разбереш за што се работи. Тој е хипотеза. Пак е сврзан со Македонија и Македонците и нивните рани. Признавам, можеби ти досадив со таа тема. Ама признавам и тоа дека се фаќам во „стапица“ дека понекогаш мојата душа ја чувствувам повеќе како колективна, отколку како индивидуална. А како може и да биде поинаку кога си атом од племето што модерните западни и балкански сатрапи „цивилизатори“ го столчиле докрај.
Македонците, драг читателу, по оној страшен идентитетски колеж во Преспа 2018 г. го префрлија работ на есхатолошкиот апогеј на своето постоење како културно-цивилизациски знак, и се упатија кон бездната на ништото. Но не она што е кај Буда нирвана, туку западното ништо што е само друг израз за смртта, средишниот поим и во филозофијата на Сартр. За разлика од Хајдегер, кој мисли дека смртта е мотив на осмислување и повторно кревање од неа во живот. Мене лично ми е поблиско ова гледиште, а за македонската колективна судбина се карактеристични и двете. Во овој миг претежнува она на Сартр.

Тоа е тоа. Оти сега веќе и не е битно по Преспа прашањето што го измачуваше колебливиот Шекспиров јунак „Да се биде или не?“ Без нивна волја, но и без поголем отпор од нив, Македонците, подготвувани експериментално подолго време за тоа, беа како Евреите (аналогијата е точна и суштинска) качени во вагоните на смртта како стока наменета за клање и одведени во неолибералната касапница на „цивилизацијата“ во Преспа. Од европските машиновозачи на тој воз на идентитетска смрт главна беше госпоѓа Меркел, која даде знаци дека фирерот не е мртов, а од нашите Заев и Димитров.
Тоа е вистината. Од Преспа Македонците се фрлени во бездната на идентитетската смрт. Сите ние што знаеме и се чувствуваме, за разлика од изродите, дека сме тоа. Ние сме во пад, и сега основното прашање, драг читателу, е дали можеме да ја победиме трагичната гравитација на Њутон, да се задржиме некако за милијардити дел од секундата во неа, а потоа да почнеме полека да се креваме нагоре, поземени од обратната, небесната гравитациска струја.

Онаа што ја беше (дали и логички?) наслутил еднаш, возејќи се со лифт на едно предавање во Берлин, и Ајнштајн. Така. Ама јас знам дека за тој тип гравитација со личен пример единствено досега дал сведоштво Исус. Единствено тој. А сега се исправени по колежот во Преспа да го повторат неговиот пример и подвиг и Македонците. Се разбира, без восочните крилја на Дедал и Икар, кои неизбежно завршија во пад. Падот што е воопшто судбина за Човекот (со голема буква), без разлика дали тој е жител на едно, како што вели Конески, „смачкано племе“ како што сме ние, или на едно гордо како она на Французите или на Англичаните, на пример. Тука е и Америка со најдива енергија на планетата, зовриена во својот агресивен ерос, ама без цврст културно-цивилизациски темел и како Европа, без митови и легенди, освен ако тоа не се Мики Маус и Том и Џери, а потоа и Суперменот како основен симбол на нејзиното диво, неприпитомено и, како што би рекол и Фројд, несублимирано либидо.

Доволно за дигресија. Сѐ ни е јасно, драг читателу, иако ни е забрането да гледаме јасно, да се изјаснуваме, појаснуваме, разјаснуваме или дојаснуваме. Оти и сега, како на Беласица 1014 г., ни е одземено виделото, јасното, и како компензација за него ни е подарено темното, ни е нарамен на грб да го носиме товарот на, како што би рекле Хелдерлин и Хајдегер, светската ноќ. Тоа ни го подарија модерните западни „цивилизатори“, искористувајќи ги за таа цел како алатка домашните квислинзи, безрбетни влечуги со кои, верувам, ни Дарвин не би се занимавал на Галапагос. Толку многу се одвратни и смрдливи. Оти тие не се ни најмалку достојни да влезат во некој ред во неговата еволуционистичка тетратка. Такви, тие се обидоа и од македонскиот колектив да создадат влечуга, убивајќи го речиси до последна искра неговиот нагон за постоење, оддалечувајќи го од епицентарот на својот генерички идентитет и преведувајќи ги Македонците во безлична маса на живи мртовци за потребите на Брисел и Вашингтон, а на Балканот за Атина, Софија и за Тирана.

Во фокусот на варварското ѕверство во Преспа има повеќе крупни Ироди, кои им ја отсекоа идентитетската глава на Македонците и ја фрлија во сребрената чинија на Новата Саломе на оваа перфидна цивилизација. Еве ги тука ЕУ и НАТО, кое отворено застана на страна на албанскиот тероризам против Македонците во 2001 г. А нив сум ти ги објаснувал безброј пати, драг читателу, па не морам и сега. Туку, да се вратиме на трауматичното прашање: како за милијардити дел од секундата да застанеме во падот во идентитетската бездна на смртта и да почнеме милиметар по милиметар да се креваме нагоре по јажето на спасението, ако според милоста своја ни го фрлил Господ. Оти цврсто сум убеден дека по Павле и Лидија ќе го направи тоа Тој. Тоа е најбитното прашање сега, за чиј одговор не е потребна мудрост, оти таа не е баш погодна за такво време и ситуација како нашата, туку храброст, будење, динамика, дејство, дело. Оти нема тука место за никакво теориско мудрување. Оти дури и во поезијата, како што вели Миљковиќ, мудроста е погубна, а камоли во „поезијата“ на нашата сегашна по Преспа историска и судбинска ситуација во која сме фрлени во смрт. Идентитетска, пострашна од физичката.

Човекот е воопшто битие на фрленост. Филозофите велат: фрленост во постоење. Тоа што се случило по вкусувањето на Адам и на Ева на оној кобен плод од Дрвото на Спознанието во Едем. Да, ама кобниот чекор што го направиле нашите прародители е чекор на избор, кој води во Слобода. Онаа теза и на Сартр дека слободата е избор. Без избор не постои таа. Се разбира, и Македонците го прифатиле храбриот избор и биле фрлени во постоење. Биле фрлени во Името, како главен знак на тоа постоење, кое, колку што ни е познато, трае неколку милениуми, од најмалиот од трите сина на Ное Јафет (ние сме Јафети) сѐ до идиотски кобната Преспа 2018 г., кога гркланот на тоа постоење е пресечен. Иако тоа не се случува првпат, ама сега ножот на „цивилизаторите“ засекол најдлабоко.

Тука мислам, се разбира, во поновата историја на 1913 г. и Букурешкиот договор што ја распарчи Македонија, како Сет телото на Озирис, фрлајќи им ја како искасапен труп во крвожедната муцка на балканските околни хиени: Грција, Бугарија и Србија. Но и Албанија се офајди од тој масакр со еден помал дел, кој сега по тероризмот во 2001 г. и со Тиранската платформа на ЦИА има амбиција да го прошири на цела Македонија. Тоа. По европскиот смртоносен по Македонците договор во Букурешт дојде нивната трагедија на служење во туѓи војски и за туѓи цели во Балканските и во Првата светска војна, за конечно сплотени со светскиот пролетаријат и антифашисти да испловат со асномските херои во својот кристализиран и признаен идентитет во рамките на новосоздадената држава Југославија. Влегоа како торзо на кое му недостигаат два пресечени дела, ама сепак среќни и со тоа, со надеж дека и оние зад границата ќе опстојуваат како Македонци во својот негибнат идентитет.

Но тоа не се случи. Само неколку години по завршување на Втората светска војна еврототемот Черчил го обнови европскиот фашизам со напалм-бомбите на евроамериканските бомбардери во Егејска Македонија, чистејќи ги Македонците, заедно со грчките монархофашисти, од родните огништа. Американците, пак, го обновија фашизмот на самиот крај од војната со атомските бомби врз Хирошима и Нагасаки. На тој начин се оствари она што го рече сјајниот германски писател и хуманист Томас Ман дека Хитлер е победен, но не и фашизмот. Идентитетскиот геноцид врз Македонците во Преспа само уште еднаш го потврдува тој факт. Со насилничкото, варварско преименување со онаа смртоносна придавка северна на Македонците, што беше и целта, им се избриша целокупната историска и неколкумилениумска културно-цивилизациска меморија.

Едноставно, им се забрани со Преспанскиот и Договорот со Бугарија да имаат пристап кон неа, да ги употребуваат нејзините знаци и симболи, митови, преданија и легенди. Така тие се претворени за подбив во безлична маса на живи мртовци, запатени кон идентитетската гробница што им ја подготвија цивилизаторите“, западните и балканските мајстори на смртта. Беа одведени во Преспа како стока одамна избрана за клање и товарени во вагоните на најстрашната од сите видови смрт, идентитетската. Машиновозачи на локомотивата беа господата од Брисел и од Вашингтон. Главна меѓу нив беше внуката на фирерот госпоѓа Меркел, а веднаш до неа беа домашните смртоносни машиновозачи Заев и Димитров. И тоа беше од Брисел и Вашингтон до Преспа, како контрапат на Патот на свилата, патеката на „демократијата“ и „човековите права“ на западната „неолиберална“ и неофашистичка цивилизација.

Што да ти кажувам, драг читателу. И нема по тој преспански идентитетски колеж доволно тажачки за да ја исплачат Македонија и Македонците, ставени на мртовечки одар. In medias res. А камо среќа, наместо нив да немаше, како што вели на едно место старозаветниот Исаија, доволно жетвари за жетвата на плодородните македонски полиња, сега нападнати како на онаа славна слика на Ван Гог со црни гарвани и орли. Некои меѓу нив и двоглави што ништо не ги заситува.