Во одбрана на Маркс

Импотенцијата на современата филозофија и практика сигурно не може да му се припишат на еден човек, па дури тоа да е и Крал Маркс! Ако секој и малку образован човек треба да знае нешто за Платон, тогаш треба да знае и за Маркс, чие дело било изградено врз рамената на многу гении пред него. Врз плеќите на Маркс, пак, израснаа великани како Грамши, Маркузе, Фуко, Харди итн. Маркс заслужува да се врати каде што му е место, во академијата – и тоа не како светец или сотона, туку како еден од оние што се обиделе да го критикуваат сето постојно…

Во едно неодамнешно ТВ-интервју, на колега социолог му беше поставено прашање за значењето на Карл Маркс во 21 век. Се најде во „небрано“, па врти-сучи објаснува како било тешко на новите генерации свртени кон либерални идеи да им се предава за Марксовото дело. Сега, кога се одбележува двестегодишнината од неговото раѓање, барем во оваа наша политичка, економска и интелектуална периферија, проблемот на (не)заинтересираноста за неговото интелектуално наследство не треба да се бара кај студентите, туку кај професорите. Чудна е таа глетка на луѓе што имаат потреба јавно да се заколнат дека се далеку од опасното учење, кое никако не може (поточно, не смее) да се поврзе со современа Македонија, која (наводно) се подготвува да влезе во НАТО и во ЕУ.

Слично и во другите постсоцијалистички земји, кои сѐ уште ги окајуваат старите гревови, па со безглаво и некритичко прифаќање на сѐ што доаѓа од Вашингтон и од Брисел, сакаат да покажат дека се на вистинскиот, единствено исправниот пат – кон крајот на историјата, да го парафразирам (веќе бајатиот) Фукујама. Но анализите покажуваат сличен јаз и во самата Германија: додека во „западниот“ дел расте популарноста на Маркс, она што некогаш беше Источна Германија се држи на дистанца. Немам намера, ниту простор, да пишувам за марксизмот и за социјализмот, но нужно е да признаеме дека во постсоцијалистичкиот свет една секуларна „религија“ се замени со друга (национализам, либерализам, или микс од двете). Ако некогаш беше ерес да се критикува владејачката марксистичка идеологија, денес најголема (само)цензура (особено кај интелектуалците!?) постои во врска со новата владејачка идеологија – неолиберализмот. Онака како што во име на марксизмот беа масовно кршени човековите права, денес во име на човековите права и демократијата цели општества се „моделираат“ по пат на сила и/или се бришат од лицето на земјата. Не само што професорите и интелектуалците молчат (со ретки исклучоци), туку и ја легитимираат новата догматска матрица на владеење и размислување.

По повод 5 мај, родениот ден на Маркс, беа напишани многубројни анализи и статии (и оваа е само една од нив, не претерано претенциозна). Една од пожестоките критики доаѓа од професорот по филозофија, Жарко Пуховски, еден од најдобрите познавачи на Марксовиот живот и дело (и тоа на неговите оригинални записи на германски јазик). Во најновата колумна, тој пишува: „Ако ги оставиме надвор од фокусот политиката и етиката, Маркс им олесни на авторитарните режими да се повикуваат на него. Тој ја користеше формулацијата дека ’силата е бабица на секое старо општество, кое е бремено со новото’, без да смета за потребно да каже нешто за тоа како таа сила треба да се контролира. Затоа, Маркс бил во основа, политички идиот. Голем мислител, а теориско-политички идиот“. Од друга страна, како што забележува и Пуховски, на Маркс сѐ уште се реферира и тоа на најнеочекувани форуми.

На пример, за време на седницата на Советот за безбедност за нападите врз Сирија од страна на САД, американската амбасадорка ги искара Русите дека направиле „Маркс да се превртува во гробот“ (со нивната одбрана на Асад). Кинезите му подарија огромен споменик на Трир, а одбележувањето беше вистински пример за тенката линија меѓу трагедијата и фарсата: Кина направи симболички гест со кој ги најави својот политички и економски пробив во Европа, Маркс ни крив ни должен доби огромна статуа, која само му нанесува штета на неговото дело, а во негова одбрана зборуваше токму Јункер (банкар, политичар, дел на европскиот естаблишмент – лика и прилика на она што беше централна точка на неговата критика). Наоколу масовни протести на антикомунисти и антикапиталисти.

Јубилејот, како и сите слични впрочем, е одбележан со многу лицемерство, но и симболизам. На „славениците“ им се припишуваат или огромни и натприродни заслуги – или слабости и гревови, и тоа од различни, па и контрадикторни побуди. Маркс, како и секој друг голем мислител или деец, не бил безгрешен, бог или натчовек. Тој, како што во аргументирано докажува Пуховски, имал и лични, но и интелектуални слабости, кои се отсликуваат и во неговото дело. И тоа заслужува демистификација, бидејќи најголемата штета што може да му се нанесе на голем филозоф е да се стави во рангот (според влијанието врз историјата) заедно со Исус или Мухамед, т.е. да се идентификува со пророк – чие пророштво доживеало неуспех и било платено со огромна човечка цена. Се наметнува дилемата дали од денешните позиции можеме да им судиме на оние што во рамките на своето време се обиделе да не застанат само на толкување на светот, туку барале негово менување.

Ако е Маркс виновен за авторитаризмот (во еден негов вид), и ако неговото несовршено учење послужило за легитимација на злото (во една негова форма), тогаш треба ли да бидеме еднакво фер кон критичката „осуда“ на сите други што потфрлиле на мисловен или практичен план? Маркс бил продукт на своето време, онака како што ние, неговите денешни критичари, сме продукт на нашето – и тоа не само на општествените околности што ни се зададени, туку и на личните фактори што ги формирале нашата интелектуална свест и светоглед. Дали може да се обвинат духовните творци на либералната, и генерално демократската мисла за денешната фарса и злоупотреба на нивните (веројатно) благородни идеи? Смееме ли генијалните умови од физиката или од хемијата да ги обвиниме за бескрупулозната злоупотреба на нивните научни откритија за воени цели, па дури и за уништување на животот на планетата? Маркс заслужува „фер судење“, од временска дистанца, и со разбирање на околностите во кои творел, но и врз база на проучување на неговите дела, а не врз база на „рекла-казала“ и инстант толкувања и прераскажувања на неговата филозофија.

Го сакале или не, Маркс е еден од великаните на човечката интелектуална историја и заслужува да се чита, анализира, критикува, но и да се користи како инспирација. Јубилејот не е време за славење или судење, туку за обмислување на значењето на неговата мисла, причините за тоа зошто комунизмот е заглавен на границата меѓу утопија и дистопија и сл. Да се обвини еден човек, па макар и нејзиниот интелектуален татко, што идејата на општество засновано на социјална правда, благосостојба и еднаквост не успеала, е во најмала рака нефер. Во свет на реализирана дистопија, чии утописки идеи се покажале како остварливи? Уште поважно е што 200 години подоцна не само што нема „втор Маркс“, туку нема ни големи филозофски идеи, а лидери и моќници се ликови како пијаниот Јункер или трезниот Трамп. Оние што ќе се осмелат и да проговорат против догмата дека капитализмот и либерализмот се единствено можни и „природни“ опции, или да предложат промена што ќе води кон правично општество, се гледаат со презир и потсмев. Импотенцијата на современата филозофија и практика сигурно не може да му се припишат на еден човек, па дури тоа да е и Крал Маркс!

Ако секој и малку образован човек треба да знае нешто за Платон, тогаш треба да знае и за Маркс, чие дело било изградено врз рамената на многу гении пред него. Врз плеќите на Маркс, пак, израснаа великани како Грамши, Маркузе, Фуко, Харди итн. Маркс заслужува да се врати каде што му е место, во академијата – и тоа не како светец или сотона, туку како еден од оние што се обиделе да го критикуваат сето постојното, и кои го утврдиле најголемото зло на капитализмот: човековото отуѓување од неговата генеричка суштина!