Во Европа на „две или три брзини“ Македонија е во лер

Нѐ уверуваа дека сме на добар пат да ги затвориме антагонизмите на Балканот и да ги нахраниме „четирите волци“ на нашето непријателско историско опкружување. И пак дупло голо. Нашите европски аспирации повторно се изгубија под сложениот пакет услови и процедури и духот на историјата што ја прогонува Македонија

Дали на Македонија ѝ е предодредена сизифовска судбина на патот кон Европската Унија? Дали ни е судено да ги туркаме сопствените карпи и да ги туркаме до крајот, без цел, без причина? Тажна и разочарувачка реалност. Кога го гледам обемот на разочарување кај власта, просто ми доаѓа наплив од емоции дека ние живееме бесмислен живот. Наместо како држава да направиме нешто, да постигнеме нешто, нешто што вреди, нешто што носи радост и убавина, ние сме ставени пред дилемата: „Што е важно?“ И да извикаме (во егзистенцијален плач): „Ништо не е важно“. Без Европа. Кога ја слушам власта имам чувство дека сме втурнати во егзистенцијален понор и дека живееме бесмислен живот. А толку ветувања, толку надежи дека конечно Европа ни се насмевнува и дека цената што ја плаќаме на тој пат е безначајна со она што нѐ чека таму. Се продадовме себеси, ја продадоа душата на македонскиот народ, дури и шахтите ги избрусивме за да бидеме дел од Унијата. Нѐ уверуваа дека сме на добар пат да ги затвориме антагонизмите на Балканот и да ги нахраниме „четирите волци“ на нашето непријателско историско опкружување. И пак дупло голо. Нашите европски аспирации повторно се изгубија под сложениот пакет услови и процедури и духот на историјата што ја прогонува Македонија.

Пак сме на почеток. Всушност, секогаш сме биле на почеток. Нашиот пат кон Европската Унија е чекорење во место. Историски момент за секоја власт, кој никако да дојде. Близок, но секогаш толку далечен. Тажно кога гледаш дека патиштата со Унијата никако да ни се вкрстат. Сега изгледа сме подалеку од Унијата како никогаш порано. Може да нѐ залажува власта дека само уште еден чекор нѐ дели од Унијата. Може да моли, клечи, да се заканува, да ветува дека ќе го (до)продаде сето она што е македонско, реалноста на односите во Унијата е поинаква од лажните очекувања. Претседателот Макрон веќе подолго време го промовира концептот на европски суверенитет и стратегиска автономија на Европската Унија. Неговата визија за стратегиска автономна Европа се заснова на премисата на длабоки геополитички поместувања и нова реалност на големите ривали на моќ. За време на неговата претседателска кампања во 2017 година, Емануел Макрон нагласи дека Европа е „на раскрсницата помеѓу стратегиската ирелевантност и реафирмирање на нејзината моќ на меѓународната сцена“. Неговиот пристап, произлегува од идејата дека Франција, како и сите други европски држави, има сѐ повеќе ограничена моќ во светот на голема конкуренција на моќ и дека нејзините национални интереси најдобро се бранат и промовираат на европско ниво. Во тој контекст, европската стратегиска автономија, сфатена како способност да дејствувате сами кога е потребно, по одлука што сте ја донеле врз основа на вашите сопствени правила, станува неопходност отколку избор. За францускиот претседател недостигот од јасна политичка визија стана егзистенцијална закана за европскиот проект.
Очигледно дека Европа едноставно не може веќе да си дозволи да биде обичен набљудувач, или уште полошо, предмет на глобалното натпреварување меѓу САД и Кина, ниту пак може да остане стратегиски немоќна кога ќе се соочи со непријателски активности на други актери, како Русија и Иран.

Од Европа се бара да се врати на политиката на моќ ако и понатаму сака да биде веродостоен чувар на мирот и просперитетот за новите генерации. Кога знаеш дека на многу начини, таканаречената француска визија е прифатена од институциите на ЕУ веќе неколку години, дека во времето на Жан Клод Јункер стратегиските амбиции на ЕУ во светот значително се зголемија, а актуелната претседателка на Европската комисија, Фон дер Лејен, беше претставена како „геополитичка“, дека високиот претставник на ЕУ, Жозеф Борел, постојано ги повикува Европејците „да научат да го користат јазикот на моќта“, се прашувам каде и како Македонија се гледа во овој долгорочен проект на Макрон? Големата конкуренција на моќ е името на играта што Европејците немаат друг избор, освен да ја играат. Убеден дека поддршката на граѓаните исчезнува, Емануел Макрон смета дека Европа треба повторно да се измисли и дека градењето инспиративен наратив е приоритет. Во тој наратив ги нема државите од Западен Балкан, вклучувајќи ја и Македонија.
Може нашите политички лидери да се самозалажуваат и да нѐ лажат, но Македонија ја нема ниту во „Европа со „две или три брзини“. Ние во таа Европа сме во лер. Кога си заблуден од нереални ветувања, лажно месијанство и големо лидерство, нефункционалната разногласност на Унијата кон проширувањето на Македонија ја доживуваш како продолжување на блокадата од Париз. Во која Бугарија е спотер. Барем сега власта има кого да обвинува за нашата немоќ: Бугарија и Макрон. Тоа се случува кога разумно не можеш да процениш дека разногласието во ЕУ околу нашето проширување е со години назад, како резултат на сѐ помалата поддршка на граѓаните за Унијата, а особено за нејзиното проширување.

За разлика од Македонија, европските лидери го слушаат гласот на народот. Проширувањето на Европската Унија никогаш не бил инспиративниот наратив на Европа. Затоа зауздајте ги адреналинот и фрустрациите, зашто за нечија голема жал не верувам дека галскиот петел наскоро ќе заврши искубан, како што разочараните „трговци со националните интереси“ посакуваат, наивно верувајќи дека сме битен фактор во геостратегиската борба за влијание во Југоисточна Европа. И дека секогаш над попот има поп. Дека секогаш некој друг моќен ќе одработи за нас. Боже, која наива сме со оваа власт, со нејзините приучени вулканизерско фолклорни аналитичари, а богами и контролирани медиуми. Кога си неспособен да ги менуваш работите на подобро, креираш наратив во кој вината ја бараш надвор од логиката на здравиот разум. Нормално, одеднаш станавме жртва на разузнавачки заговор против европскиот пат на Македонија. Жива патетика. Тоа се случува кога одговорите за сопствените промашувања не ги бараш во новата реална геополитика на Европа во која ние не играме. Барем не со овој тим и не сега.