ВМРО-ДПМНЕ – партијата што се убива сама

Партијата ВМРО-ДПМНЕ повторно е на улица. Овој пат не излегува од илегала како пред триесет години, сега настапува како легитимен политички фактор во независна Македонија (Северна). Ја нема митската, магично привлечна сила што ја покажа во првите години од осамостојувањето, кога на митинзи собираше и до сто илјади приврзаници и поддржувачи, но сѐ уште држи енергија да дејствува опозициски улично. Не ги искористи можностите за посериозно етаблирање во државните собитија, иако во два наврата беше на власт, безмалку апсолутна.

Мерено по години, долго исто колку и нејзиниот политички контрапункт, Социјалдемократскиот сојуз. За разлика од ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ умешно и успешно ги користи противничките погрешни чекори и недооформени политики и затоа добива поени за себе, особено пред меѓународната заедница.
ВМРО-ДПМНЕ деновиве се движи во колони протестирајќи против поскапувањето на струјата. Тоа е формалното затскриено оправдување, покритие за вистинската намера. А таа е кампања против новоформираната власт, наводно прв чин од долгата претстава, по тесно изгубените избори за кои раководството на партијата полагаше голема надеж за победа. Наместо во министерски кабинети, сега на улица со навестување за продолжување на револуционерната традиција, осовременета, без употреба на сила, ками и пиштоли.

Гледано според денешните актуелни критериуми, мерено со сегашниот распоред на политичките сили, возобновената македонска револуционерна организација, богата со вербални идеали, сиромашна со дела, по својот код и дух не отскокна, не се оддалечи многу од своите претходници низ целата нејзина едновековна историја. Во многу нешта новите раководства се покажаа како достојни наследници. И новото ДПМНЕ, како историското ВМРО од минатиот век, се исцрпи со погрешни политики, го загуби внатрешниот идентитет граден на митови, на историски недоречености и контроверзни личности.
На гордиот лав не му падна гривата, но му испаднаа забите, му отапеа острите канџи. И прочуената долга рака на ВМРО сега како да е без прсти.
Речиси постојано заглавена во меѓусебни пресметки и поделби, во славните традиции на предавства и братоубиствени ликвидации, дел криминогена, алчна за пари и народен грабеж, самата си е виновна што се најде на маргините на политиката, нешто како одамна прочитана книга. Не им остана во рацете ниту еден адут на кој го засноваа своето постоење и на кој ја оправдуваа својата партиска функција, притоа вршејќи криминални дела и богатејќи ги своите водачи.

Партијата ги изгуби безмалку сите важни битки, не само сега со Мицковски, таа констатација сигурно важи и за времето на Љупчо Георгиевски и за Никола Груевски како партиски лидери. И на Мицковски му остана во наследство битката во внатрешните редови, традиција на ВМРО-ДПМНЕ како партија што е велемајстор во примената на методите да се убива самата себеси.
За овие изминати триесет години умреа митовите од (со) кои се хранеше и одржуваше во живот ДПМНЕ. Згасна, задушен е митот за Александар Македонски и за современите Македонци како негова крвна лоза и генетски наследници што силно беше форсиран во времето на Груевски. Конечно Александар стана Грк со македонска тапија, благодат што македонските граѓани и без тоа масовно го чувствуваат прекулето на Халкидики.

Мртов, доживотно мртов е митот за обединета Македонија (територијално и државотворно) како една голема држава на македонскиот народ, небеска, фантаст-идеја на старите македонисти и вмровци. Несомнено, поделбата на таа дотогашна турска територија меѓу Србија, Бугарија и Грција направена со Букурешкиот договор во 1913 година, остави трауматични траги што не се избришани. Но во тоа разбудено вмровско лелекање, сонувајќи за Бело Море, македонскиот народ полека си ја губеше етничката територија на домашен терен. Замислените активности за остварување на паролата „Солун е наш“ – колку што беа само фантазија толку можеше да бидат национална трагедија. Солун е таму каде што си бил, Република Македонија е на истото место, само не е истата држава.
Минувајќи низ разни дискутабилни, контроверзни фази, конечно е закопан и митот за ВМРО-ДПМНЕ како најпатриотска партија и најголем борец за Македонија и Македонците. И како најчесна, најнародна. Можеби е така, ама настаните и делата зборуваат поинаку. Партијата не застана цврсто во одбрана на името, не го поддржа јасно и гласно референдумот по тој повод, балансираше меѓу празните ветувања кон своето членство и коленичењето да не го навреди или налути странскиот фактор, вистинскиот реализатор на таа историска промена.

Не го одбрани македонскиот јазик како единствен службен јазик, падна на испитот на заштита на македонизмот. Не се побуни против промената на имињата на сите национални институции и отстранување на придавките македонски, македонска, македонско. Гледано од морален аспект, ако во политиката воопшто постои морал, ги остави на цедило сите оние свои луѓе што лежат по затвори поради насилството во Собранието, а обвинети и осудени за тероризам. Ги заборави, не мрдна со прст да ги заштити, политички да се испазари, да протестира или дебело да го плати нивното амнестирање, како што беше направено со други осуммина нејзини членови. Ако се опишува сликовито, може да се каже дека сета партиска активност беше дување детски сапунски балони. Фрази, само фрази, многу говори, чукање празна слама.
Но и покрај сите тие порази, ВМРО-ДПМНЕ сѐ уште стои на нозе. И покрај тесниот изборен резултат од само два пратеника, партијата доживеа тежок нокаут, кој добро ја растресе, но не ја растури. Барем засега. Мицковски и тие околу него не се баш во најповолна позиција. Исправени се пред внатрешен бунт, под притисоци за вонреден конгрес и оставки. Партијата и лидерот имаат тесен простор за дејствување и за маневри, ги нема предизборната забревтаност и сила. Нема ни пари, еден од главните услови за нормално партиско функционирање, нема финансиери. И тие што досега даваа, ќе ги затворат џебовите, некои што беа блиски до Мицковски ќе бегаат од него како од оган.

Во низата минуси може да се запишат и тоа што нема албански партиски партнер, нема некоја видлива поддршка од Европа или од Америка, чинители од кои зависи македонската политичка судбина. И државна и партиска.
ВМРО-ДПМНЕ сега протестира против власта, иако и самата е власт, има 46 пратеници во Собранието, учествува во разни договори во кабинети со истата власт, а изразува револт против неа на улица. Малку чудно, ама функционира како космодиск, да ја употребам прославената мудрост на подзаборавениот бивш претседател Ѓорге Иванов. Не може да се претпостави колку долго ќе издржат најавените „многубројни“ протести. Но ако секому му е јасно, а не му е јасно на ВМРО-ДПМНЕ, треба да му биде јасно дека овие протести не може да донесат ништо на краток рок. Шарената револуција не може да се повтори во ниту една боја.
По потрошените митови, по криминогените дела, по серијата порази во низа, ВМРО, со сегашното или со некое друго раководство, мора да бара нов концепт на дејствување, нова, модернизирана политичка доктрина.

Голиот концепт на борба против Зоран Заев е нефункционален, барем не на почетокот на мандатот. Заев е добра и отворена цел, но уште подобро заштитена. На македонската политичка сцена е нужна солидна опозиција, но која веќе нема да ја штити изгубената историја, нема да лее солзи за минатото, тие лекции се покажаа како неефективни, дури залудни.
Партиското искуство покажува дека опозиција сѐ уште може да биде само ВМРО-ДПМНЕ, нема друга партија што може да биде опозициско чело. Таа во Собранието е во кусок само со двајца пратеници, на последните избори освои 315 илјади гласа, само 12 илјади помалку од победничката коалиција. Тие бројки не се за потценување. Можеби раководството на ВМРО не чини, но не може да се миже пред силата на многубројното членство, пред голем број нивни симпатизери и гласачи. Македонија не е ВМРО-ДПМНЕ, едно грубо, наказно сфаќање за моќта промовирано од самата партија, но ВМРО е дел од Македонија. Колку и да сака некој да го негира, колку и да не го почитува или не го милува како појава и стварност, мора да се признае дека е тоа живо тело, жилаво во својот опстој повеќе од сто години. Со сите негови мани, грешки и глупи постапки, кои и како такви се составен дел на една македонска сѐ уште недефинирана историја.

[email protected]