Вкусот на тегла со мирис на путер од кикиритки

Ете, драги мои, летото одминува, не сум користел одмор, имав и сѐ уште имам причини да мислам дека не е време за опуштање, напротив, пред нас се можеби најголемите предизвици во последните десет години. Но ете ме назад на страниците на „Нова Македонија“. Се радувам за повторната средба со моите читатели. Драги мои, јас не сум пророк, тоа е барем сосема јасно. Во меѓувреме додека отсуствував се случија Кабул и американското и НАТО-повлекување од Авганистан, во паника, во распад, речиси по учебник како што тоа се случувало секогаш кога империјата губела војни.
Речиси пред една година и повеќе пишував за Америка и за нејзината целосна инфилтрираност во сите сфери на живеењето во Македонија. Нема да се повторувам. Тие што паметат, лесно ќе направат паралела со она што истата таа Америка без никакви резултати дваесет години го правела во Авганистан. „Ти во Америка го виде твојот рај“, така му кажува кумот Корлеоне на кутриот гробар Бонасера од познатиот филм на Ф.Ф. Копола, кога доаѓа да го моли за правда и заштита затоа што Америка и нејзините судови и полиција не можеле повеќе да го заштитуваат од неправдата што му била направена.

Така и вие, драги мои, северни граѓани. Вие во Америка го видовте вашиот рај. Таа ви побара послушност и слепо остварување на нивните интереси. Вие се согласивте на тоа. Таа ви побара да го покажувате тоа јавно и да бидете горди на тоа дека вас Америка ве поддржува, а вие сте нејзините миленичиња. Таа ви побара да правите сѐ што од вас ќе побара, а вие за возврат ќе добиете проектчиња, работички, платички, стипендиички, кариерички, а некои од вас ќе бидат функционери, градоначалници, министри и премиери, па дури и претседатели на држави, како другарите Заев и Пендаровски, на пример?! И вие се согласивте да се себеидентификувате јавно дека тоа за вас го направила Америка и дека вие за тоа ќе правите сѐ што од вас за возврат ќе се побара да направите. Макар тоа да било и на штета на преостанатите граѓани на вашата земја, па дури и на самата таа ваша земја и држава ако тоа се американски интереси. Па дури и ако големото мнозинство со кое управувате не се согласува со тоа. Легитимно си е ова, драги мои. Легитимно е дури и да си мислите дека сте почитувани, а не дека се плашат од вас оти ќе им направите зло, дека ќе ги накодошите во американската амбасада дека „тие и тие“ не се доволно приврзани кон Америка!
Легитимно е дури и да мислите дека сте избрани од истата таа амбасада затоа што сте најдобрите и најталентирани за работата што ја извршувате, а не дека сте биле најподобните според психолошкиот профил на сервилни медиокритети без идентитет! Легитимно е да мислите дека сте елита, која е дел од светот, a не дека вашата суштина е на корисни идиоти, како што ве нарече онаа заменик-помошничка Викторија Нуланд, наспроти мене, на пример, простиот и необразован и небањат, секако, да не го заборавам тој фин детаљ. Сега сте во најубавите денови кога на бел леб ги мачкате и слатко си ги јадете придобивките од теглата со путер од кикиритки што претпоставувам ви го даваат во ланчпакетот наречен служење на интересите на Америка. Има една фина мелодрама, се вика „Да го сретнеш Џо Блек“, со Бред Пит и Антони Хопкинс. Сите еден ден ќе си го видите „џоблекот“ со лажицата путер од кикиритки во устата. Не мислете сега на тоа. Сега нека ви е на здравје путерот! Слатко да си го ручате. Сигурен сум дека не се лесно заработени тој леб и тој путер. Неее, сте се изнамачиле по разни НЏО, по разни владини и невладини проекти да се докажете како добар, одлучен, храбар и исполнителен служител на богатите, успешните и моќните. Ви посакувам сѐ најдобро.

Најпосле, сигурен сум дека имате план за тоа како ова да трае вечно? Убеден сум дека ќе го дадете најдоброто од себе, дека ќе ги примените сите нови стекнати знаење во камповите и центрите за обука во сите нови кризи што ќе треба да се предизвикаат и создадат, со цел да се оправдува тоа што го правите во име на слободата, демократијата, правата на граѓаните, благосостојбата, развојот, сегашноста и иднината на вашите и децата на оние за кои вие им го правите тоа во што верувате дека го правите за другите и нивниот „парадајз“, кој вие им го создавате без тие да го побарале од вас, без дури и да го сакаат, без дури и да знаат дека вие тоа го правите за нив, само за нив и за нивно добро. За разлика од слепиот и примитивен народ на северната република, кој ова не може да го разбере и не гледа што вие во суштина важно и одлучувачко правите за нив, јас „диар фелоус“ сето тоа го гледам и навистина сум ви крајно благодарен, што, ете, за мене што се вели на прост и сиромашен македонски јазик го вадите и црното од под ноктите!
Јас „диар френдс“, навистина ви благодарам. Уживам да гледам како му ја плачeте мајката на сопствениот народ, како му ја пиете крвта, како го обезличувате, како го уништувате и кинете на парчиња, а тој молчи и трпи. Навистина, има моменти кога сепак, јас со моите наивни сфаќања за светот сум мислел дека е ако не друго барем на империјата ѝ е својствено да враќа дури и во војна со пропорцијална сила, како што Америка инсистираше ние да се бориме во војната во 2001 година! Но гледам сега ве оставаат вие, со Америка и нејзините евроатлантски и НАТО-оружја во вид на специјални вредности да примените дејствија врз кутрото македономислечко мнозинство со сите средства и со сета сила. Удрете бе, нека боли, колку што треба да боли, па и тропојќе! Сепак, треба да ви се даде шанса за победа на крајот, нели? Замислете да сме еднакви во оваа војна? М? Кога ќе беше изгубена? Кога ќе ве победевме? Во првата година од ова војна? Сте помислиле ли на тоа? Не? А да помислите? Но мене зборот ми беше за тоа, кога ова ќе заврши, еден ден, кога и да е тој ден, оти како што се кажало дури и во Америката, сѐ што почнало некогаш мора и да заврши, зборот ми е, драги мои, северни граѓани каков ви е планот? И распоредот за евакуација?

Не дека ме интересира вашиот, зафатен сум со правење сопствени планови за идниот живот без вас, да не се лажеме, но сакам да ве потсетам дека некои фини Авганистанци, исто како вас, кои биле на вистинската страна, на страната на силата, а против својот народ, пред десет години мислеле дека нема потреба од план, затоа што тие се обучени, слободни, либерални, освестени, избањати, модерни и фини, наспроти смрдливите и прости нивни сонародници талибанци и дека нивниот „парадајз“ ќе трае вечно, во неуништлива и до крајот на светот платена заштита од Америка и нејзините европски и НАТО-сојузници. Што мислете дека ги учеле децата им на часовите по либерална демократија и евроатлантски вредности? За тоа како се подготвува бифтек со сланина на авганистански начин? И за да не се разбереме погрешно, помисливте ли дека тој ден кога ќе се кренат авионите за евакуација внатре прво ќе се најдат трофеите, скапоценостите, домашните миленичиња, автомобилите и гајбите со пиво на службениците на империјата, потоа Владата сосе претседателот, а на крајот, ако остане некој авион, ќе ви се понудат некои Зоран Заев и некој Еди Рама да ве сместат во некоја Северна Македонија и Албанија! Да не мислите дека ќе се испотепаат за вас да ве примат како бегалци некакви Германии, Дански, Норвешки, Шведски или, пак, во некои таму Чешки, Унгарии или Словении? Кој денес им се нуди за прибежиште на кутрите Авганистанци што мечтаеле со „фјучар“ за нив и нивните деца во Вајоминг, Дисбург, Малме, Нант и Прага во бели куќички со зелени треви и дрвени огради? И кучето Леси што глода коска од бафало пред врата! Ви кажуваат ли на часовите по геополитика кои се најверните поддржувачи на НАТО и Америка во Африка и Средна Америка? М? Оти, вие таму ќе бидете распределени за спасување. Нигерија, Чиле, Никарагва или можеби ако имате среќа во Аргентина или во некој остров некаде по Пацификот. Секако, освен фамилиите, тие што ќе имаат среќа, со себе ќе можат да понесат и спомени од едни среќни години. Тие што ќе бегаат сами, ќе можат со себе да ја понесат изедената тегла со путерот од кикиритки. Лебот, таму кај што ќе одите ќе ви биде црн и нема да можете ниту да си го замесите и испечете. Не ве учат на тоа во НЏО, нели? Штета. Но ќе се научите таму кај што ќе отидете. Најпосле, опуштено, никој не умрел за леб, па нема ни вие. Секогаш ќе се најдат некои хумани луѓе како Зоран Заев, на пример, да ви понудат: љепче!

Инаку, јас не сум пророк, гаталец, јас сум паталец, дете на емигранти. Јас сум прва генерација, првородено дете во моето семејство надвор од татковината на моите предци. Јас сум емигрант. Ќе ви раскажам во следната колумна за моето семејство, кое верувало во политиките и поддршките на империите, учествувало во војна, ја изгубило и во еден ден се нашло растурено на сите страни на светот. Од Солун до Буенос Аирес и од Пловдив до Струмица и Скопје. Ќе ви раскажам што значи да си емигрант, за да разберете што правите, и што треба да направите таму кај што ќе отидете, во вечна болка по татковината.
Господ нека ви е на помош, тие што верувате во него, тие што не верувате, пак, ќе немате друг избор да поверувате оти на крајот само тоа ќе ви остане во надеж дека ќе бидете спасени од болката во душата.

Авторот е режисер и универзитетски професор