Вистината од бунарот

Бледа, гола жена, излегува од бунарот. Се тетерави кон набљудувачот, а нејзината уста е отворена во израз на гнев или крик. Во десната рака држи камшик, можеби се подготвува за напад, но нејзиниот гнев е во расчекор со нејзината гола ранливост. Темниот студен камен и густите лисја зад неа го истакнуваат бледилото на нејзината кожа. Над неа, врз ѕидот, призрак од сино-црвена светлина означува зајдисонце…
Приближно вака е опишана сликата на Жан-Леон Жером од 1896 година, насловена „Вистината излегува од бунарот да го засрами човештвото“.

За оваа слика е поврзана една стара приказна за Вистината и Лагата, или можеби е обратното, па за приказната е поврзана сликата, не би знаел со сигурност… Се оградувам од редоследот во прилог на борбата против лажните вести, која неодамна ја објави нашата влада. Нејсе, приказната е следна: „Еден летен ден (како овој) се среќаваат Вистината и Лагата, а втората ѝ вели на првата: ’Денес е прекрасен ден!‘ Вистината погледнува во небото и се уверува дека денот навистина е прекрасен. Тргнуваат заедно на прошетка и стигнуваат до еден бунар, каде што Лагата ќе предложи: ’Водата е прекрасна, ајде да се искапеме заедно!‘ Вистината, иако повторно сомнежлива, откако се уверува во вистинитоста на реченото, се соблекува и влегува во бунарот. Но Лагата набргу излегува, ѝ ги краде облеките на Вистината и побегнува. Измамена и лута, Вистината тргнува да ја бара Лагата и да си ги врати облеките назад. Но светот, гледајќи ја гола, го свртува погледот со презир. Засрамена, Вистината се повлекува во бунарот криејќи го таму својот срам. Оттогаш, Лагата патува по светот, облечена како вистина, а светот не покажува желба да ја види и запознае голата Вистина…“

Приказната е, верувам, добро позната, како што верувам дека е веродостојна и денес, а понекогаш (но само понекогаш), како во сликата на Жером, Вистината излегува од бунарот. Нејзиното појавување, да го парафразирам Орвел, е еднакво на револуционерен чин во време на измама, која, пак, обично трча пред вистината. И не само што трча, туку напросто лета, како што тврдел остроумниот Џонатан Свифт, дури по неа вистината поткуцнува… Истиот Свифт ќе запише дека „иако ѓаволот е татко на лагите, се чини, како и другите големи изумители, изгубил голем дел од неговата репутација, поради постојаните усовршувања што се прават врз него.“
Останува нејасно кој ја адаптирал лагата во политиката, но доволно јасно е дека таму се „чувствува“ мошне удобно. Освен кога Вистината излегува од „бунарот“, од амбисот. Тогаш, разбирливо, Лагата се вознемирува. Го вперува прстот кон Вистината и извикува „J’accuse!“ (обвинувам) – истиот збор со кој Емил Зола застанува во одбрана на вистината во аферата „Драјфус“, две години откако Вистината излегла од бунарот на Жером (настанот веројатно погрешно се врзува за сликата на Жером, бидејќи последнава ѝ претходи на статијата).

Но кога и Вистината и Лагата стануваат обвинители, како да се препознае која од нив излегла од „бунарот“ и чии се „украдените облеки“?
Борбата против лажните вести, доколку претпоставиме дека е борба против самата Лага, е сама по себе благородна борба, достојна за јунаци и херои… Во приказните за деца и во митовите таа борба е едноставна, а добрите и лошите херои се лесно препознатливи. Едните се пример за восхит и следење, а другите за страв и презир. Постои мислење дека митовите за јунаци играат големо психолошко значење како за индивидуата што се обидува да ја открие и докаже својата личност, така и за целото општество, кое има потреба да изгради сопствен колективен идентитет. Раната слабост на јунакот се урамнотежува со заштитнички ликови, како богови и ним слични алијанси, без чија помош јунакот не би можел да ги изврши потребните подвизи. Целта е, посочува американскиот психолог Хендерсон, развиток на свеста за сопствените сили и слабости, на начин што ќе ја опреми за напорните задачи со кои ќе ја соочи животот. Откако индивидуата / општеството ќе навлезе во фазата на зрелоста, митот на јунакот ја губи важноста. Помалку буквално, а повеќе симболично – тој/таа умира. Така, јунаците се незаобиколна епизода на зреењето, од примитивните племиња па до последниот филм за човекот-пајак. Во многу од нив по обичај, се спасува и некоја „дама во неволја“…

Како во приказните, така и животот се чини едноставен кога има херои да им се восхитуваме или „ѓаволи“ од кои се плашиме или ги презираме. Во согласност со ова, „прикажувањето карактери во меѓународните работи вклучува херои, кои стојат зад слободата, демократијата, реформата и сите добри работи (и борба против лажните вести – заб.моја), и ѓаволи, кои се насилни, тоталитарни и обично одвратни. Многумина од играчите се ирелевантни, дел од заднинската сценографија. Влегувањето во двете важни категории е одредено од придонесите кон елитните интереси, или од штетата што ним ќе им биде нанесена“, предупредува Чомски.

Не е реткост меѓу политичарите (многумина од нив и на лидерски позиции) да бидат фатени „живи“ во лага. Впрочем и Доналд Трамп и Борис Џонсон на интернет се осуетени како мошне „живи“ во таа смисла. Тоа изгледа не е специфичност што нè разликува од „поразвиените“ демократии, иако последниве „помогнаа“ таа да се балканизира. Навистина, како што се прашува Џонатан Свифт – останува нејасно кој ја адаптирал лагата во политиката, но таа сеедно е уверливо присутна на политичките говорници, како да се храни од нив, или обратно. Можеби токму затоа, на повиците за „извлекување на вистината од бунарот“ во името на борбата против лажните вести, како и самата Вистина во приказната, погледнувам отпрво сомничаво, за да се уверам дали навистина е убав денот, како што се тврди. Не, не се сомневам во благородноста на борбата, само во достојноста на „јунаците“…

Жером насликал повеќе дела во кои ја персонифицирал Вистината. Една од нив, претходничка на онаа што излегува од бунарот, е насловена „Негувателската вистина лежи во бунарот, убиена од лажговци и актери“. Според некои, инспирацијата за нив е Демокритовата мисла: „За вистината не знаеме ништо, бидејќи вистината е во бунарот.“ Според други, за сликата е „виновна“ фотографијата, зашто во времето кога Жером творел, фотографијата доживува процут. Една декада пред овие слики е развиена технологијата за филм како замена за фотографските плочи. Жером запишал: „Фотографијата ни ги отвори очите и нè натера да го видиме она што претходно не сме го виделе… благодарејќи ѝ на фотографијата, Вистината најпосле излезе од бунарот. И нема да се врати назад.“ Но, за жал, се излажал.

Неговата восхитеност од фотографијата и вербата во последното излегување на вистината од бунарот, се покажале, благо речено, предвремени. Вистината оттогаш, не само што се враќа во бунарот, туку и „помагаат“ да не излезе оттаму. Денес и фотографијата ја менува својата репутација на верна кон фактите со семожните дигитални трансформации. Во спрега со моќните медиуми, Вистината се преоблекува по вкусот на власта, па така, и при „видено и чуено“, вистината (о)станува сè повеќе и сè поопасно – оспоруван концепт. Треба да се биде дотолку повнимателен и посомничав, кога ја бранат „јунаци“ од политичките говорници, репарирани во демонтирање на сè што е стекнато со крв, солзи и пот…

Ја гледам сликата на Жером и сè сум поуверен дека на таа „дама во неволја“, на Вистината, не ѝ се потребни јунаци – самата ќе излезе на виделина. Можеби ќе обвини некого или ќе тргне со камшикот, но кого и кому, би било лажна вест да се навестува, зарем не? Важно е да слушнеме што има да каже и малку добра волја да ја запознаеме, дури не се вратила на дното од бунарот, засрамена од бесрамот на светот.
Авторот е магистер по мир и развој и поет