Вистината за македонскиот јазик

Повод: искажувањето на Красимир Каракачанов

Далибор Станковиќ

Красимир Каракачанов, бугарскиот министер за одбрана и претседател на ВМРО-БНД, изјави дека македонскиот јазик е бугарски дијалект. Меѓутоа, неговата теза е далеку од историската реалност. Особеностите на македонскиот јазик се посведочени во повеќе извори.

Цариградскиот весник „Право“ во ноември 1870 година ја објавил статијата „Една вистина“, потпишана со псевдонимот „Еден вистински Македонец“. Во неа се забележува дека Кузман Шапкарев во предговорот на својата „Читанка“, горнобугарите ги именувал како Шопи. Во својот критика, споменатиот автор истакнува дека Шапкарев, заедно со својот брат во Охрид, проповедал против сѐ што е бугарско, „одвај се ослободивме од Грците, сега пак Шопи ли да станеме!!!“ Во истата статија се сретнува и следната реченица: „И друг пат сме слушале од патниците за некои учители од Македонија“. И имено за г. Шапкарев, „дека се трудел да ги убеди нашите македонски браќа како друго било Бугарин и бугарски јазик, и друго било Македонец и македонски јазик“ (Право, година 5, Цариграъ,, 30 ноемврiя, 1870.).

Според Густав Вајганд, „македонскиот говор има некои особености во фонетиката и морфологијата, кои не се сретнуваат ниту во српскиот, ниту во источно бугарскиот говор“ и затоа постои една мала партија меѓу македонските Словени, која се стреми кон автономија и Македонија за Македонците (Професоръ дръ Вайгандъ, Националните стрѣмления на народите…). Српскиот политичар, филолог и историчар Стојан Новаковиќ забележува: „На крајот има уште една појава која не може да се испушти од очите. Тоа е стремежот на Македонците да останат сами за себе си. Овој стремеж почнал да се буди, особено од спротивностите меѓу бугарскиот и македонскиот говор, меѓу бугарскиот и македонскиот карактер, од времето кога бугарската пропаганда започнала премногу дрско и остро да удира на македонските особини во име на панбугаризмот. Дури и меѓу платените професори од бугарските средни училишта во Македонија има луѓе во кои се будат овие стремежи“. (Стојан Новакович, Балканска питања и мање историјско-политичке белешке о Балканском полуострву 1886-1905, Задужбина И. М. Коларца, Београд 1906.).

Во дуќанот на Ангела Групчев, кој служеше како читалиште,
се научив на бугарско читање и јазик. Бев, и како и денес сум уште слаб со бугарскиот јазик… преведував на бугарски не како сакав, туку како можев…
Знаев дека тој превод не мирисаше многу на бугарски,
но кога сум слаб со бугарскиот, тој не можеше да стане поинаков…

– Григор Прличев

Карл Хрон во своето дело „Народноста на македонските Словени“ (Das Volksthum der Slaven Makedoniens), објавено во 1890 година го искажал следното мислење: „Може да се потврди дека македонскиот јазик со своите сопствени закони за развитокот на гласовите како и според неговите граматички правила формира еден сопствен јазик, кој досега нема своја сопствена литература и поради тоа се потпира на сродната бугарска литература, која во никој случај не стои во некои поблиски односи, туку само во општо сродство (Хрон, Карл. Народноста на македонските Словени; Рихард фон Мах, Македонското прашање, Скопје, 1990).

Според рускиот конзул во Битола, В. Кал: „Месниот македонски јазик пред сѐ е типичен, карактерен и чуден, и покрај различните влијанија, на кои се нашол, заслужува меѓу словенските јазици одделно и самостојно да се именува како македонско наречје“ (А. Н. Сквозников, Македоние в конце XIX – начале XX века – яаболко раздора на Балканах, Монографија, Россйская академия наук, Институт российской истории РАН, Поволжский филиал, Негосударственное образовательное учредждение вьісшего профессионального образованите Самарская гуманитарната академија, Самара, 2010).

Британскиот дипломат Чарлс Елиот забележал дека ако дијалектите во централна Македонија добијат одделен литературен развој, може да станат посебен јазик (Charles Eliot, Turkey in Europe, London, 1900). Едит Дуран исто така ги истакнува особеностите на македонскиот говор укажувајќи дека неговите форми не припаѓаат на литературниот српски и бугарски јазик, заклучувајќи: „Вистината е дека дијалектот на македонските Словени не е ниту српски ниту бугарски“ (Edith Durham, The burden of the Balkans, London, 1905).

Авторот е магистранд при Филозофскиот факултет – Скопје, отсек историја