Вирусари од сите страни, обединете се!

Не е време за партиски кавги, ниту за покажување на традиционалната ароганција од страна на СДСМ и неговите сателити, ниту пак за изнасилена критика, и кога треба и кога не треба, секојдневно ширење лажни вести од страна на ВМРО и неговите неконтролирани изданоци. Треба на сите да им биде јасно: техничката влада не може да падне, никој, освен некоја виша сила, не може да ја урне, залудни, дури и непримерни се сите обиди за нејзино подривање. Едновремено, ќе биде трагично ако кризата се сфати и користи како борба меѓу Зоран Заев и Кристијан Мицковски, кој ќе излезе победник, а кој поразен

Нема на светот власт што не е критикувана од опозицијата, како што нема опозиција што не ја критикува власта. И нема власт што, на еден или друг начин, не ја напаѓа опозицијата и што не се брани од опозициските млаки критики или жестоки напади. Во политиката, било вистинска, било кулоарска, како и во политичкото новинарство има две најлесни работи – едната е да ја гледаш власта со розови очила и да ја фалиш колку сакаш, а другата, да ја критикуваш истата таа, да ја правиш од црна поцрна. Далеку потешко е да си објективен, да носиш објективни и реални процени.
Денеска има еден неоспорен факт: Македонија, граѓаните на Македонија (Северна) по појавата на коронавирусот го живеат најсложениот период во својата историја по Втората светска војна, доста посложен и од војната што ја почнаа Албанците во 2001 година, и од сѐ друго што се случувало во изминатите 75 години. И уште еден факт: сегашната техничка влада е во најтесната кожа во која била некоја македонска влада, комунистичка, социјалистичка или повеќепартиска.

Таа не е ставена само пред историски државно-политички дилеми и економско-финансиски проблеми, таа е ставена пред биолошки предизвик за борба за опстанок на нејзините граѓани, за спас на илјадници животи, за животот се работи. Не станува збор за спас или пропаст на власта, во прашање се граѓаните, семејствата, целиот народ.
Колку и да не се согласуваме или да не ја сакаме Владата, таа сепак прими добри вести за НАТО и за ЕУ, признанија од значење за мнозинството во државата, за нејзината претпоставена подобра и посигурна иднина. Настрана од тие постигнувања читам и слушам: Владата била во хаос. Така вели опозицијата и го шири тој глас. Се прашувам кој не е во хаос? Италија, Шпанија, Франција, Германија, богати, моќни земји се во хаос. Америка е пред хаос, што останува за Македонија, да не очекува некој дека врбата ќе роди грозје.

И кој од нас, болни или здрави, кое семејство не е во некој вид хаос? Затворени дома, разделени од деца и внуци, загрозени медицинари, луѓе во карантин, под клуч фабрики, локали и продавници, спуштени кепенци на дуќани, маса отпуштени работници препуштени на неизвесна судбина, закочени млади животи, деца без училиште и без детски игри. Зар некој нормален се чувствува весело и среќно, иако е пролет, месец на биополет, март или цутар според народната терминологија? Цутат сливи, кајсии и праски, ама цути и коронавирусот и ги поматува сите убави слики.
Што се случува, што ќе биде со техничката влада? Неделите, месеците што се пред нас ќе бидат најголемиот можен тест и искушение за актуелната власт, но и показател за организираноста на целото општество (едно општество – еден вирус, една болест за сите), неговите самоодбранбени, здравствени, економски и, секако, морални капацитети. (Да не ги потценуваме последните, си се знаеме какви сме).

Ќе се видат на вистински начин способноста и организираноста на државните служби, на нејзините водечки институции, на капацитетите на болното здравство, кое токму преку коронавирусот има шанса да оздрави и врз основа на искуствата да се постави долгорочно на здрави нозе. Сега се гледа дека нема потреба од огромни прескапи градежни зданија, спасот најнапред бил во ситни нешта, сапуни, ракавици, маски, течности, гелови, конци, гази, такви нешта што секогаш недостигаат во нашите државни болници. Евтино, ама ефикасно. Се разбира требаат и машини, во машините е иднината на здравството, како и во докторите што ќе ракуваат со нив.
Сигурно е хендикеп што Владата е техничка, но токму тој хендикеп може да биде предизвик и предност. Може нејзе да ѝ се најдат сто мани: била неорганизирана, доцнела со мерките, не обезбедила навреме доволно лекови, медицинска опрема, болнички услови. Можеби е точно, но што фајде од тие констатации.

Ништо од пропуштеното не може да се исправи, реката никогаш и ништо не враќа во изворот. Владината одговорност е далеку поголема сега кога е прогласена вонредна состојба, таа на себе нагрби голем товар, распната на крстот да носи ризични одлуки, а да не ги повреди другите закони или стекнати права на правните субјекти или на граѓаните. Со минимални средства да носи максимални одлуки. Низ тие клучни точки ќе се гледа нејзината успешност во справувањето со кризата предизвикана од болест што не е позната ниту во еден учебник, што не ја знае ниту еден доктор, а камоли некој медицински неук член на Владата. И ќе се мерат поединечниот придонес и одговорноста зашто во вакви ситуации се препознаваат старите или се раѓаат нови јунаци, во вакви ситуации не може да се скријат кукавиците. И пошироко, во целото општество ќе се види кој е човек, кој е нечовек, кој бил вистинска, кој лажна величина.

Ситуацијата како оваа со коронавирусот, споредена дури со трета светска војна, е можност за демонстрација на лично знаење и способност, покажување лични капацитети за раководење, за одговорност, пожртвуваност, солидарност, меѓусебно разбирање и висока моралност. Од другата страна демнат неуспех, распад на системот, општ колапс, кога веќе не ќе е важно кој ќе победи на следните избори, кој ќе биде на власт и кој беше и што беше во таа власт. Како што рековме, товарот на одговорноста, вината за неуспехот во борбата со коронавирусот ќе падне на плеќите на техничката влада, но никој не ќе може да ѝ оспорува ако по ефикасното финале во оваа битка на живот и смрт таа ја собере евентуалната слава, на нејзино конто ќе бидат запишани сите заслуги.

Онаа слава што поранешната влада не ја доби за членството во НАТО и за почнувањето разговори за влез во Европската Унија, ќе може да ја компензира на денот кога ќе објави дека е завршена корона-кризата.
Како што може да се забележи, круговите на опозицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, освен што се загрижени како ќе се реши кризата, се загрижени и околу можноста СДСМ политички да профитира од целата оваа ситуација и да стекне предност пред новите собраниски избори, кога и да се одржат тие. Раководството на ВМРО-ДПМНЕ прави умешни обиди успешно да парира и да не ја загуби динамиката на одамна започнатата трка за идни гласови.

За таа цел предлага низа мерки, за некого реални, за некого популистички, со истовремена критика за дел од одлуките и однесувањето на власта. Тоа право на таа партија ниту може да се оспори ниту да се потценува. Во сегашнава општа состојба во државава секој добар предлог, секоја добронамерна критика не е за критика, туку е и добредојдена. Не е време за меѓупартиски натпревар, вирусот не селектира кој е за СДСМ кој е за ВМРО, тој е мутант, повеќепартиски определен, како некои наши пратеници или политичари, на пример.
Не е време за партиски кавги, ниту за покажување на традиционалната ароганција од страна на СДСМ и неговите сателити, ниту пак за изнасилена критика, и кога треба и кога не треба, секојдневно ширење лажни вести од страна на ВМРО и неговите неконтролирани изданоци. Треба на сите да им биде јасно: техничката влада не може да падне, никој, освен некоја виша сила, не може да ја урне, залудни, дури и непримерни се сите обиди за нејзино подривање. Едновремено, ќе биде трагично ако кризата се сфати и користи како борба меѓу Зоран Заев и Кристијан Мицковски, кој ќе излезе победник, а кој поразен, кој со крвави рани, а кој со лаврови венци. Дури тогаш, народот, граѓаните, ќе ја загубат довербата што ја имаат во нив, дури тогаш ќе сфатат дека таа борба е за личен и партиски, а не за општ интерес. Доверба тешко се стекнува, лесно се губи, понекогаш со еден потег, со една реченица, со еден непромислен збор.

Затоа вреди да се упати еден гласен граѓански апел што не е осамен: „Македонски короновирусари од сите страни, обединете се! Барем привремено, ако не е задоцнето. Двете партии сте коалициска, заедничка техничка, народна влада, по закон сте должни, од Собранието сте избрани, да дејствувате заеднички, во слога, не во кавги. Зближувањето е лекот, а не кавгата меѓу партиите. Вашата меѓусебна нетрпеливост ќе биде уште еден вирус што ќе се рашири меѓу луѓето и што ќе ѝ донесе штета на државата. Сите сме емотивно ослабени и пречувствителни, психички оптоварени, човечки уплашени. Ако секој од вас дува во својата тиква, кај и да е ќе пукне тиквата“.

[email protected]