Виното, жените и вистината

Жените владеат над нас.Не преземате ли тешки работи, нели се трудите и мачите, не давате ли сѐ за жената? Човекот повеќе ја сака жената отколку таткото и мајката. Многумина полудувале поради жени и станувале робови поради нив, многумина загинале, пропаднале и згрешиле заради жени. И царот се плаши

од жената

Секогаш кога доаѓа свети Трифун тема се виното и задоволствата што им ги дава на луѓето. Мене често ме потсетува на една библиска приказна врз која имам составено текст што си го сметам за еден од најубавите, најчитливите, најпоучните, а интересен е што во него станува збор за царот, за виното, за жените и за вистината. Нема нешто досега што не е напишано и препишано за лозјата и виното. Историјатот на виновата лоза опфаќа неколку илјади години.. Верувале или не, доказите за првото производство на вино во Европа се најдени на територијата на географска Македонија (северна Грција), кои датираат 4.000 години пред Христа. Во тие ископини се најдени и најстарите пишани докази за винарството.
Виното е поврзано со митовите за боговите и светците: Дионис во Елада, Бахус во Рим, Озирис во Египет. И денес, една од трите најсвети тајни на христијанската црква е поврзана со виното, а тоа е причесната. Речиси нема верски ритуал во кој не се употребува црното (црвено) вино, што ја симболизира крвта Исусова. Како што е блиско со боговите, уште повеќе е блиско и со простосмртните, со луѓето. Постојат илјадници преданија за виното, за неговите добри страни за здравјето на човекот, како и за лошите, поврзани со пијанството. Илјадници легенди, приказни, анегдоти и поговорки се поврзани со оваа напивка. Денес, пред Свети Трифун, ви нудам задоволство да се прочита една таква случка стара над две илјади години, опишана нашироко во Стариот завет од Светото писмо, во Втората книга Ездра, текст што во слична верзија го имам објавено порано, но може да се вброи во оние што се сметаат за безвременски.

Еве како тече приказната. Еден од најголемите непријатели на великиот Александар Македонски, персискиот цар Дариј, пред да ја почне војната против македонската фаланга, приредил голема гозба за своите поданици, за своите домашни и за сите големци од Индија до Етиопија, сатрапии каде што владеел. Гозбата како гозба, се јадело, се пиело. Уморен, царот отишол на спиење. Тројцата млади телохранители што го чувале дошле на идеја и се договориле секој да напише по еден збор за тоа што е најсилно од сѐ на светот. Тоа што го напишале да го прочита царот и на оној за кого ќе оцени дека неговиот збор е најмудар да му бидат дадени големи признанија и подароци, злато неброено.
Едниот напишал: „Од сѐ најсилно е виното.“ Вториот: „Најсилен е царот.“ Третиот напишал: „Посилни се жените, но над сѐ победа однесува вистината.“ Тоа што го напишале го ставиле под перницата на царот и со возбуда чекале да го чујат царевото мислење. Кога тој се разбудил, го прочитал напишаното, наредил да се повикаат сите персиски големци, сатрапи, воени началници и советници. Пред сите нив во палатата побарал од телохранителите да објаснат зошто ги дале тие одговори.
Почнал првиот, кој напишал дека е најсилно виното. „О мажи, рекол тој, многу е силно виното. Тоа доведува до помрачување на умот на сите што го пијат. Таа напивка го изедначува умот на царот и на сиромавиот, на робот и слободниот, на бедниот и богатиот. Виното го претвора сечиј ум во радост и веселба, па човек заборава секаква жалост и секаков долг. Сите срца ги прави богати, така што никој не мисли ни за царот, ни за сатрапот, а секого го прави да зборува за своите пари. Кога ќе се напијат мажите, го забораваат пријателството, кон пријателите и браќата и веднаш вадат нож, а кога ќе се отрезнат не помнат што правеле. О мажи, извикал тој, нели од сѐ е најсилно виното, штом тера на такви постапки.“

Вториот почнал да зборува за силата на царот. „Силни се луѓето што владеат со земјата и морето и со сѐ што е во нив. Но царот сите ги надминува, владее над нив и им заповеда, и што и да им каже, тие му се покоруваат. Ако каже да се спротивстават еден спроти друг, тие го извршуваат тоа, ако ги испрати против непријатели, тие одат и соборуваат планини, карпи и кули. Убиваат и биваат убиени, но не го погазуваат царскиот збор. Царот е само еден: ако каже да се убива – убиваат, ќе рече ли да се прости – проштеваат, ќе каже ли да се опустошува – опустошуваат, ќе каже ли да се гради – градат, ќе каже ли да се сече – сечат, ќе каже ли да се насади – насадуваат. И сиот народ негов и војската негова му се покоруваат, луѓето не смеат да му бидат непослушни.“ И на крајот извикал: „Нели од сите работи најсилен е царот, кога така му се покоруваат.“
Потоа говорел и третиот, кој напишал за жената и вистината. Почнал да објаснува: „Голем е царот, големи се и многу луѓе, моќно е виното. Но кој господари над нив и кој владее со нив? Нели се тоа жените? Од нив се родени и од нив се одгледани оние што садат лозја, од кои се прави вино. Луѓето не можат без жени. Ако мажите соберат злато и сребро и секакви скапоцености, а потоа видат жена добролична и убава, оставаат сѐ, се спуштаат кон неа, ја гледаат со отворена уста и сите се прилепуваат кон неа, повеќе отколку кон златото, среброто и скапоценостите. Човекот ги остава таткото свој, кој го воспитал, и земјата своја и се прилепува кон жената своја и заборава и татко и мајка.

Од тоа треба да се разбере дека жените владеат над нас. Не преземате ли тешки работи, нели се трудите и мачите, не принесувате ли и не давате ли сѐ за жената? Човекот повеќе ја сака жената отколку таткото и мајката. Многумина полудувале поради жени и станувале робови преку нив, многумина загинале, пропаднале и згрешиле заради жени. И царот се плаши од жената: ако таа му се насмевне, се насменува и тој, ако пак му се налути, тој ја милува, за да биде добар со неа.“
Тогаш царот и големците се погледнале меѓу себе, но телохранителот продолжил да објаснува за вистината. Рекол: „О мажи, нели се силни жените? Голема е земјата и високо е небото и брзо е Сонцето во својот од, зашто во еден ден го обиколува небесниот круг и пак се враќа на местото свое. Голем е оној што го прави тоа, но вистината е поголема и посилна од сѐ друго. Неправедно е виното, неправедни се жените, неправедни се и сите човечки синови, но вистината победува и останува силна засекогаш, и живее и владее од века до века. Во неа нема пристрасност и разликување: таа го врши она што е праведно, одбегнувајќи сѐ што е неправедно и лошо и сите ги одобруваат нејзините работи. Во нејзиниот суд нема ништо криво, вистината е сила и царство и власт и величие во сите векови.“
И, како што било редот, го избрале најмудриот одговор. Сигурно погодувате: избран бил третиот, кој говорел за вистината. И царот останал на зборот, тој млад телохранител ги добил сите богатства, му биле исполнети сите барања. Поради својата искажана мудрост ја добил и титулата роднина на царот и седел десно од него, што било највисока почест.

[email protected]