Ветото е проклетство што полека но сигурно ќе ја сотре Европската Унија

Секогаш кога ветото се користи за закани и уцени од државите-членки, Европската Унија се оддалечува од своите слободарски принципи. Како можеме да говориме за слободата, еднаквоста и братството кога ветото во име на екстремниот национализам се злоупотребува и се заборава дека е осмислено како механизам за рамнотежа помеѓу европските нации. Но одговорноста е заемна, колку што се виновни државите-злоупотребувачи, толку се виновни и водечките нации во ЕУ

Можеме да благоглаголиме дека Европската Унија е супердржава, федерација или конфедерација, но ЕУ беше и си остана економско-пазарна унија во која доминираат себичните интереси на националните држави. Затоа денес нема ниту една буква од братството што Фридрих Шилер го воспеа во „Ода на радоста“.
Се вели дека историјата е учителка на животот, но Европејците како ништо да не научија, како да заборавија дека Полско-литванската унија, една од најсилните европски држави во 16 век, пропадна поради т.н. liberum veto (слободно вето). Ова вето беше замислено како парламентарен механизам, односно правило за едногласно донесување одлуки и секој член на парламентот имаше право да ја прекине тековната седница и да ја поништи секоја одлука што веќе беше усвоена од парламентот. Но ветото ја донесе смртта за Полско-литванската унија. Во 18 век моќните европски држави започнаа да ги поткупуваат членовите на парламентот за да ја парализираат неговата активност со што создадоа услови за уништување на полско-литванската држава. Историјата памети дека во периодот помеѓу 1573-1663 година беа одржани околу 150 заседанија на полско-литванскиот парламент, но една третина од нив не донесоа никаква одлука поради ветото. Оттука во Европа започна да се користи изразот „полски парламент“ како за парализиран (нефункционален) парламент.

На крајот, Полско-литванската унија заврши на буништето на историјата како плен на Русија, Прусија и Австрија.
Некој може да ни противречи дека овој механизам не треба да го споредуваме со оној во Европската Унија, но ветото си е вето и нефункционирањето на ЕУ е реалност. Секогаш кога ветото се користи за закани и уцени од државите-членки, Европската Унија се оддалечува од своите слободарски принципи. Како можеме да говориме за слободата, еднаквоста и братството кога ветото во име на екстремниот национализам се злоупотребува и се заборава дека е осмислено како механизам за рамнотежа помеѓу европските нации. Но одговорноста е заемна, колку што се виновни државите-злоупотребувачи, толку се виновни и водечките нации во ЕУ.
Непостоењето на меритократскиот систем што ќе го вреднува реалниот напредок на државите-кандидати им овозможи на квазидемократските држави да им се придружат на постисториските и постиндустриските западни демократии за кои говори Френсис Фукујама. Затоа денес Европската Унија се соочува со ограничување на граѓанските слободи, ограничување на слободата на говорот, ослабување на правниот систем, популизмот, авторитарноста, екстремниот национализам, корупција итн. Само видете ги примерите кога Брисел се закани дека ќе го употреби казнениот механизам против некоја држава-членка затоа што се оддалечува од демократијата и владеењето на правото.
Свесни за проблемите, Европејците започнаа да говорат дека сите држави-членки треба да прифатат дека демократијата и владеењето на правото се камен-темелник на Европската Унијата или да ја напуштат Унијата, но сите сме сведоци дека ЕУ го толерира недемократското однесување на некои од членките.

Оваа Европската Унија нема да го преживее 21 век во кој ќе доминираат силните и централизирани држави како Кина, САД, Индија или Русија, таа во ниеден поглед не може да се натпреварува, ниту пак да ги заштитува сопствените интереси. Во оваа форма Европската Унија е привиден државен субјект и затоа нема безбедна надворешна граница, единствена надворешна политика, нема сопствена војска, нема универзално законодавство, парламент и устав во вистинска смисла на зборот и, секако, најважното – „глава“ што треба да одлучува. При толку фалинки не треба да се зачудуваме од многубројните европски противречности. На крајот на краиштата, Хегел вели дека: „Цело е кога има сѐ!“, а на ЕУ ѝ недостигаат многу нешта за да биде една целина во вистинска смисла на зборот.

Некој може да нѐ обвини за евроскептицизам, но историјата вели дека Ханзата – средновековниот трговски сојуз, каде што одлуките се донесуваа со консензус, пропадна затоа што нејзините членки започнаа да ги стават личните над заедничките интереси. По сѐ изгледа ветото е проклетство што полека но сигурно ќе ја сотре Европската Унија.