Вера и корона

Третина од сите религиозни прописи во Педесетието Мојсеево се од медицинска природа. Овие прописи се однесуваат за забрана на проституција, често миење на телото, нега на кожата, прописи за храна и чистота, прописи за сексуалниот живот и за изолацијата и карантин во случај на лесно преносливи болести. Најстрашна од сите библиски болести е caraat најчесто нарекувана лепра, но се верува дека повеќе се однесува на кожните болести, од кои многу можат да се лекуваат.
Вистинската лепра денес ја нарекуваат Хансенова болест, според норвешки лекар што го открил микроорганизмот што ја предизвикува. Интересно е да се напомене дека лекарите ги лекувале сите болести, освен оваа. Со неа се занимавале и свештениците – коени. Бидејќи болеста е заразна, во Тората свештениците биле должни да ги стават во карантин луѓето што биле заболени од оваа болест, да ги посетуваат и да ги вратат во заедницата по закрепнувањето.
Античките рабини верувале дека причина за оваа болест е моралниот пад на луѓето предизвикан од озборувања. Тие го поврзувале зборот за лепрозниот со личност што шири лаги за другите и во тоа гледале божествена казна, што бил случај и со сестрата на Мојсеј, Мирјам. Тринаесеттото и четиринаесеттото поглавје од Третата книга на Мојсеј се однесува на прописите за лепрозните. Коените не биле лекари, туку еден вид надзорни лекари, чија должност била да ги стават во карантин заболените од лепра. Коенот го утврдувал степенот на болест, како и седумдневниот карантин. Доколку немало други влошувања, изолацијата траела седум дена.

Верските прописи во врска со хигиената се однесувале на планирањето на населените места и градовите, временските услови, социјалниот живот на заедницата, семејниот живот и грижата за телото. Заеднички принцип е дека „телесната чистота доведува до духовна чистота“. Првото нешто што треба да го направат по будењето е да ги измијат рацете, бидејќи на нив се собрале бактерии за време на спиењето.
Тоа е добро познат пропис во сите кодификации на еврејското право. Еве уште неколку интересни цитати. Без оглед на тоа што ќе допре личноста, бактериите ќе минат по неговите раце. Здивот на заболена личност ги содржи бактериите на нејзината болест. Облеката што се носи во текот на денот не треба да се носи во текот на ноќта. Парите не треба да се ставаат во уста затоа што постои можност тие да биле во рацете на луѓето што страдале од лесно преносливи болести. Измијте ја чашата пред да пиете од неа. Оние што јадат храна без да ги измијат рацете го загрозуваат своето здравје затоа што рацете им се полни со опасни бактерии. Лицето, рацете и нозете треба да се мијат секој ден. Забрането е копање бунари во близината на гробишта и депонии.
Јудаизмот е религија на правото на живот. Обврската за спасување животи лежи и на поединецот и на заедницата. Лекарот има божествена дозвола и библиски мандат да ги искористи своите медицински способности за лекување болни и со тоа да го продолжи и зачува животот, додека пациентите се должни да побараат лекарска помош.

Поминати се осум месеци од почетокот на пандемијата на ковид-19 и очигледно е дека ќе треба да ги усогласиме нашите животи со непобитниот факт дека злобниот вирус сè уште е меѓу нас, овде и сега, и дека „има намера“ да се шири. Сè што му треба да се шири непречено е човечкото тело, а овој период од годината е во негова корист. Затоа, за мене е несфатливо дека има луѓе што се убедени дека овој вирус е „заговор“, што и да значи тоа, како и луѓе што се несовесни за пропишаните мерки на претпазливост и доброволно му го „нудат“ својот организам на ковид-19, со што се загрозуваат себеси и другите. Другите се потпираат на Бог или на чудо дека вирусот ќе ги одмине.
Во рабинската литература, аксиомата е дека за време на пандемија, вирусот ги напаѓа и грешниците и праведните. Библискиот стих: „Кога ќе градите нова куќа, направете ограда на вашиот покрив, за да не навлечете крв врз вашата куќа, ако некој падне од него“, предупредува дека луѓето да не се потпираат на чуда или само на Бога, туку мора да си помогнат на кој било начин за да ги зачуваат животот и здравјето.
Рабинот Моше бен Наман го толкува библискиот стих: „И нека живее твојот брат со тебе“ како утврдување на општа обврска за зачувување на животот на ближниот. Најпознатиот библиски стих „И сакај го ближниот како себе си“ се однесува не само на состојбата кога животот или дел од телото се загрозени, или кога треба да се врати оштетеното здравје, туку и на полесни ситуации кога треба да се ублажи болката и да се подобри општата здравствена состојба.

Затоа е јасно дека луѓето се должни да се грижат за своето здравје и живот, како и за здравјето и животот на другите луѓе. И, конечно, извадок од молитва напишана од Мајмонид, кој и самиот бил лекар во дворот на египетскиот султан:
„Господе те молам направи моите пациенти да имаат доверба во мене и во моето знаење и вештини и да постапуваат според моите совети и прописи. Држи ги шарлатаните подалеку од нив, свитата роднини што нудат илјадници совети, како и разни сезнајни видари. Тој опасен круг од чисто самољубие ги уништува дури и најдобрите намери“.

(Авторот е рабин на Еврејската заедница во Србија)